За девет месеци во тетовско изречени 3.584 казни за брзо возење


Тетово, 12 октомври, 2018 - 11:57 (META) 

Во изминатите девет месеци од годинава, на поширокото тетовско подрачје откриени и соодветно санкционирани се 3.584 сообраќајни прекршоци. Се работи за пречекорувања на максимално дозволената брзина, информираат од Секторот за внатрешни работи Тетово.

Според податоците, 1.096 од нив биле во населено, а 2.358 надвор од населено место. Прекршоците биле направени од патнички моторни возила, додека вкупната бројка на пречекорувања во овој период од товарни возила изнесувала 130.

СВР Тетово информира дека констатираните прекршоци се заокружени со соодветни поднесоци и со 1.511 времени забрани за управување на патничките и 68 на товарните возила, во времетраење од три месеци до една година.

Секторот за внатрешни работи Тетово продолжува со контролни активности за брзината со која се движат возилата, бидејќи неприлагодената брзина според условите на патот и оваа година е најчестата причина за сообраќајни несреќи во тетовско, истакнуваат од СВР Тетово.


ААВМУ: Се надминува максималното време за пропаганда за референдумот


Скопје, 14 септември, 2018 - 15:24 (META) 

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) денеска упати предупредување до радиодифузерите дека не се почитува максимално дозволеното време за јавна пропаганда, а таа се емитува во програмски содржини каде што не е дозволено.

„Не се почитува дозволеното време за емитување на рекламните пораки „ЗА“ референдумот, вакви реклами се емитуваат и во програми во кои тоа не е дозволено, во случајов во посебни информативни програми, и рекламирањето во врска со референдумот не е означено и не е јасно одвоено од другите реклами на радиодифузерите“, стои во соопштението од ААВМУ.

Агенцијата потсетува дека Упатството за медиумско претставување за време на референдум предвидува најмногу четири и пол минути на секој реален час пропаганда „ЗА“ и исто толку за пропаганда „Против“, односно вкупно девет минути на секој реален час. ААВМУ појаснува и дека редовните рекламни блокови не смее да се користат за пропагандата за референдумот, а пропагандата не смее да се емитува во вести, посебни информативни програми, директни преноси од верски, спортски, културни, забавни и други настани, како и во и околу програми за деца и млади.

Медиумскиот регулатор им порача на радиодифузните куќи дека во наредните денови ќе ги казнува ако забележи некои од наведените прекршувања.


Од околу 1.000 дронови во Македонија, регистрирани се само 52 летала


Скопје, 17 август, 2018 - 15:43 (META) 

Во Македонија од цивилни лица и фирми се користат околу 1.000 воздухоплови без екипаж, а од нив до 15 август кај нас се регистрирани само 52, објаснува Драги Стојаноски, раководител на Секторот за безбедност на воздушен сообраќај и воздухопловна навигација во Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ).

Казните за неовластено користење, се од 300 евра, ако се плати истиот ден, до 600 евра за плаќање подоцна.

– Се надеваме дека сопствениците на леталата ќе сфатат дека и оваа дејност мора да биде регулирана и ќе си ги извршат обврските да се регистрираат според Уредбата за воздухоплови без екипаж – вели Стојаноски.

Тој вели дека е проблем и тоа што кај осигурителните куќи уште нема слух да изготват понуди за осигурување на овие летала, со што би им се овозможило некакво олеснување и помош и на сопствениците на воздухопловите без екипаж и на луѓето што ќе претрпат некакви повреди или штета од овие летала.

Уредбата, како и потребните формулари за регистрирање на  воздухоплови без екипаж може да се најдат во одделот за воздухоплови без екипаж на веб-страницата на АЦВ.

Регистрираните дронови добиваат маркичка со регистерски број и со QR-код, а сопствениците се задолжени 24 часа пред летањето да пријават со електронско писмо каде планираат да летаат со својот дрон и во кој временски период. Од следната седмица тоа ќе се прави директно на веб-страницата на Агенцијата, каде корисниците ќе се логираат и ќе ги оставаат своите податоци.

– Проверуваме и со МВР и со Министерството за одбрана, оти, на пример, иако за некој објект го знаеме ограничувањето, министерствата може во некои случаи, односно во некои денови, да наложат многу поголема оддалеченост од објектите. Од почетокот на месецот до 15 август имавме 63 пријавени настани и сите можеа да се следат на картата на нашата веб-страница – објаснува Момироски.

Од 63-те лета, по околу една четвртина отпаѓа на Скопје и Охрид, а потоа следуваат Куманово со 17 отсто од летовите, Тетово со 7 отсто, како и Струмица и Македонски Брод со по 5%.

Од Агенцијата апелираат сите сопственици на дронови со долет поголем од 15 метри и максимална височина над 15 метри или тежина при полетување од половина килограм да ги регистрираат овие летала, за да избегнат проблеми со законот.


Глобите за царински прекршоци намалени за 75 отсто


Скопје, 6 август, 2018 - 9:30 (META) 

За 75 проценти во просек се намалени глобите за царинските прекршоци за кои е предвиден мандатен платен налог, односно за оние кои можат да се платат на лице место, информираат од Министерство за финансии.

Од таму додаваат дека со измените на Царинскиот закон се врши намалување на глобата од 250 евра на 50 евра за правно лице и од 50 евра на 15 евра за физичко лице.

„Како што истакна министерот за финансии Драган Тевдовски, целта на измените е подобрување на легислативата во насока на создавање на униформна, правична и пропорционална примена на прекршочните одредби, соодветно на тежината на сторениот прекршок. Со измените на Царинскиот закон се овозможува и побрз проток на стоките. Имено, тој овозможува взаемното признавање на издадените одобренија за овластен економски оператор во рамките на ЦЕФТА. Ова е голема придобивка за македонските трговски друштва кои тргуваат во регионот“, се вели во соопштението.

Од Министерство за финансии додаваат дека признавањето на одобренијата за економски оператор ќе овозможи побрз проток на стоката која се извезува, помалку физички и документарни контроли и можност да се одбере местото каде ќе се спроведат контролите.

„Со измените на законот се врши и усогласување со Конвенцијата за заедничка транзитна постапка. Со нив се усогласуваат одредбите кои се однесуваат на употреба на гаранции за обезбедување на плаќање на царинскиот долг или други давачки кои можат да настанат во врска со стоката ставена во транзитна постапка. Измените на законот стапуваат на сила кон средината на овој месец“, се додава во соопштението.


Собранието го усвои Царинскиот закон за олабавување на казнена политика


Скопје, 31 јули, 2018 - 10:19 (META) 

Хармонизација со законодавството на Европската унија, побрз проток на стоки и олабавување на казнената политика, предвидуваат измените и дополнувањата на Царинскиот закон, кои ги усвои Собранието на вчерашната седница.

– Целта на измените е подобрување на легислативата во насока на создавање на униформна, правична и пропорционална примена на прекршочните одредби, соодветно на тежината на сторениот прекршок. Со предложените измени во прекршочните одредби се врши намалување на глобата од 250 евра на 50 евра за правно лице и од 50 евра на 15 евра за физичко лице, за делот од царинските прекршоци за кои е предвиден мандатен платен налог – рече министерот за финансии Драган Тевдовски во експозето на законот.

Со предложените измени се овозможува взаемното признавање на издадените одобренија за овластен економски оператор во рамките на ЦЕФТА, што ќе придонесе за олеснување на регионалната трговија.

„Ова е голема придобивка за македонските трговски друштва кои тргуваат во регионот, на кои ќе им се овозможи побрз проток на стоката која се извезува, помалку физички и документарни контроли и можност да го одберат местото каде ќе се спроведат контролите. Со измените на законот се врши и усогласување со Конвенцијата за заедничка транзитна постапка. Со овие измени се усогласуваат одредбите кои се однесуваат на употреба на гаранции за обезбедување на плаќање на царинскиот долг или други давачки кои можат да настанат во врска со стоката ставена во транзитна постапка“, се вели во соопштението на Министерство за финансии.


Тевдовски: Подготвени се законски измени за намалување на царинските глоби


Скопје, 11 април, 2018 - 15:21 (META) 

Релаксирање на казнената политика и намалување на казните кај Царината, најави министерот за финансии Драган Тевдовски на одбележувањето на Денот на Царинската управа.

– Во координација со Царинската управа се изврши сеопфатна анализа на казнената политика и се изготвија предлози за намалување на глобите, односно за нивно изрекување соодветно на тежината на сторениот прекршок – истакна министерот Тевдовски.

Тевдовски, на одбележувањето на Денот на Царината, истакна дека се спроведуваат повеќе проекти за олеснување и подобрување на трговската размена преку граничните премини.

– Во унапредувањето на трговската размена од големо значење ќе бидат и активностите кои се преземаат за спојување на граничните премини со дел од соседните земји (Србија, Албанија и Косово). Концептот со едно застанување, на еден граничен премин, да се поминат граничните контроли во двете земји значително ќе ја забрза и олесни стоковата размена. Идејата за единствен граничен премин ќе придонесе за унапредување на регионалната соработка, ќе го направи регионот поконкурентно место за стопанисување и ќе влијае на трговскиот пораст – рече Тевдовски.

Како што посочи министерот за финансии преку ИПА-фондовите се модернизираат и граничните премини Табановце и Ќафасан, што ќе ја олесни стоковата разман и транспортот на коридоритте 8 и 10.

– Модернизираниот граничен премин Табановце се очекува да се пушти во употреба во наредните неколку месеци. Кон крајот на 2018 година се очекува да заврши и проектот за реконструкција на објектите за царинење и инспекција на граничниот премин Ќафасан, исто така финансиран од ИПА фондовите. Со реконструкцијата на преминот, долж Коридорот 8 се создаваат услови за натамошно забрзување на прекуграничниот промет – рече Тевдовски.


Утре истекува рокот за поднесување на годишна даночна пријава во УЈП


Скопје, 14 март, 2018 - 11:27 (META) 

Утре истекува рокот за поднесување годишна даночна пријава за утврдување на персоналниот данок на доход и пријавување на приходите кои граѓаните ги оствариле во 2017 година.

Според УЈП, до сега се поднесени вкупно 334.360 пријави, а денеска и утре се очекува тоа да го сторат уште 100 илјади граѓани.

„Со цел избегнување на метежите, особено во Регионалната дирекција Скопје, апелираме граѓаните да ги поднесуваат пријавите и на шалтерите на УЈП кои се отворени во Центар, како и општините Ѓорче Петров, Бутел, Гази Баба, Аеродром и мобилниот даночен шалтер во Драчево што ќе биде стациониран на 15 март пред месната заедница во периодот од 10.00 до 14.00 часот“, информираат од УЈП.

За ненавремено поднесување, односно неподнесување даночна пријава и нецелосно пријавени приходи Законот предвидува глоба од 100 до 200 евра, во денарска противвредност.

Пријавите освен на шалтерите може да се поднесат електронски и да се испратат по пошта.


МВР: Вчера 10 сообраќајни незгоди и 66 казнети возачи во Скопје


Скопје, 2 февруари, 2018 - 11:51 (META) 

Вчера на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле 10 сообраќајни незгоди, во кои кај едно лице биле констатирани тешки телесни повреди, а осум поминале со лесни повреди, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Полицијата, како што информираат од МВР, вчера издала вкупно 66 мандатни платни налози, односно казни, додека 74 возила биле подигнати од службата „пајак“.

„Од преземените мерки и активности констатирано е дека 16 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената, а 17 возачи се исклучени од сообраќајот бидејќи го управувале возилото без да се стекнат со право за управување на моторно возило. Поради истечена важност на сообраќајната дозвола од сообраќај се исклучени девет возила. Исто така, санкционирани се четворица возачи кои ја поминале крстосницата на црвено светло како и еден возач којшто не дал првенство на минување“, стои во информацијата на МВР.

Инаку, МВР во понеделникот, оваа недела најави засилено присуство на сообраќајната полиција во урбаните средини и казни за несовесните возачи, особено оние кои возат под дејство на алкохол и со брзина над дозволената.


МВР најави повеќе полиција на улиците и казни за несовесните возачи


Скопје, 29 јануари, 2018 - 14:54 (META) 

Министерството за внатрешни работи од утре најави засилено присуство на сообраќајната полиција во урбаните средини и казни за несовесните возачи, особено оние кои возат под дејство на алкохол и со брзина над дозволената.

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски на денешната прес-конфренција соопшти дека ваквата акција на МВР следи поради констатирана недисциплина во сообраќајот со непочитување на правилата и прописите.

– Поради тоа Министерството за внатрешни работи подготви мерки и активности кои ќе бида спроведени во наредниот период како на превентивен план, така и со санкционирање на оваа негативна појава. Ги известуваме граѓаните дека во наредниот период најстрого ќе бидат санкционирани сообраќајните прекршоци кои што се причина за сообраќајни незгоди со тешки последици, како што е возење под дејство на алкохол, возење со брзина над дозволената, недавање на првенство на минување и слично – рече Ангеловски.

Тој информираше дека во градовите ќе биде засилено присуството на сообраќајната полиција и т.н. возило „пајак“ и дека ќе бидат санкционирани сите непрописно паркирани возила.

Ќе биде сакнционирана и употребата и на т.н. „флешери“, појава која, како што рече, е зачестена во нашата држава.

„Апелирам до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, не за да го избегнат плаќањето на казните, туку пред се за да ја зголемиме безбедноста на сообраќајот на патиштата – рече Ангеловски.


Град Скопје во изминатиот месец изрекол четири казни за палење отпад


Скопје, 9 јануари, 2018 - 14:33 (META) 

Во текот на изминатиот месец екипите на Град Скопје по извршената контрола изрекле четири казни за палење отпад, од две им биле изречени на физички лица, а две на правни лица, информираат од градската администрација.

„Градот Скопје во текот на 2017 година има одобрено 500 елаборати и извршено 94 контроли за периодот ноември-декември, односно се извршени контроли на сите фирми коишто имаат емисии во воздухот при производниот процесот и не се евидентирани неправилности при нивното работење“, се вели во соопштението.