Џафери до координаторот на пратеничката група на ДУИ: Ејуп каде ти се пратениците?


Скопје, 20 февруари, 2018 - 14:18 (META) 

По две недели пауза, Собранието денеска одржа пленарна седница на која пратениците гласаа за осум закони по скратена постапка, но со потешкотии во обезбедувањето на кворум бидејќи пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и покрај координациите одлучија и понатаму да ја бојкотираат работата на законодавниот дом.

За време на седницата, претседателот на Собранието, Талат Џафери неколку пати имаше проблем да обезбеди кворум на присутни пратеници па во 12.20 часот даде пауза до 13 часот и координатите на пратеничките групи ги повика кај него на координација.

По паузата, во Собранието повторно немаше доволен број на пратеници, бидејќи фалеа дел од пратениците на ДУИ.

Џафери директно му се обрати на координаторот на ДУИ, Ејуп Алими, прашувајќи го каде му се пратениците.

-Ејуп каде ти се пратениците? Вие сте координатори, треба да ги координирате пратениците. Ако не можете да си ја вршите работата треба да кажете – рече Џафери и за кратко време во салата беа присутни 63 пратеници.

Пратениците пред паузата која ќе трае до 15.30 часот по скратена постапка ги изгласаа изменувањата и дополнувањата на законите за пензиското и инвалидското осигурување, на Изборниот законик, на Законот за градење, на Законот за вработените во јавниот сектор, на Законот за Управата за јавни приходи, на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, на Законот за даночна постапка и на Законот за сигурност во железничкиот систем.


Спинови околу цената на водата: Од дрвјата не се гледа шумата


Скопје, 31 јануари, 2018 - 11:10 (META) 

Еднa од поактуелните теми е зголемувањето на цената на водата во целата држава, како последица на законското решение. Преку примерот за расправите за цената на водата за Скопје, можат да се идентификуваат спиновите околу ова прашање, кои не дозволуваат да се согледаат вистинските прашања:

Спин 1: Граѓаните не смеат да плаќаат за расипништвото и неспособноста на владејачката СДСМ. Покачувањето на цената на водата ќе биде најголем удар врз најсиромашните. Доколку се реализираат намерите на СДСМ, граѓаните на годишно ниво, ќе мора да одвојуваат пари и за 13 сметка. 

[Извор: Веб страна на ВМРО ДПМНЕВодата не смее…, датум: 28.01.2018]

Спин 2: Наместо 500 денари просечна сметка за вода, граѓаните од март ќе плаќаат 522 денари… Од овие 22 денара поскапување граѓаните ќе добијат многу поздрава животна средина.

[Извор: Канал 5 – Шилегов: повисоките сметки ќе…(56 секунда), датум: 26.01.2018]

Спин 3: Сакаме да истакнеме дека и покрај наследената превработеност на претпријатието со неквалификуван кадар и големата задолженост направена од претходното раководство, жителите на градот Скопје ќе плаќаат најниска цена за вода за пиење на територијата на Република Македонија.

[Извор: Веб страница на ЈП Водовод и канализација – Скопје, датум: 26.01.2018]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

Контраспин: Повеќе извртувања на вистината има околу новите цени на водата во Република Македонија што настанаа како резултат на законската новина дека цената на водата, односно водните услуги, од почетокот на годинава се формира на регулиран пазар, за чија што методологија е одговорна Регулаторната комисија за енергетика. Преку примерот на Скопје, каде има најголем број потрошувачи од едно подрачје, преку примерот за тоа како реагираат политичките партии случајно или намерно, преку тоа како реагира и самото јавно претпријатие, но и граѓаните, може да се согледаат само „дрвјата“, но, не и „шумата“.

ОД ВМРО-ДПМНЕ СЕ ОЧЕКУВА ТРОШКА ОДГОВОРНОСТ,  НЕ СПИНОВИ

Спинот број еден ја покажува сета бескрупулозност на до вчера владејачката ВМРО-ДПМНЕ кога станува збор за начинот на нивната политички борба во услови на опозиција. Во нивниот спин, покрај флоскулите, има две суштински неточности. Имено, како бројка гледано, барем граѓаните на Скопје нема да мораат да плаќаат 13 сметки за вода како што тврдат.  Реално, зголемувањето е од 1,32 денари за кубик вода. Ова значи дека на сметка од 100 кубици – екстремна потрошувачка, сметката на граѓаните или на домаќинството би била поголема за 132 денари. Ако 100 кубици вода досега чинеле 2939 денари, тоа значи дека на 12 сметки покачувањето би изнесувало 1584 (132 ден. X 12 месеци) или половина сметка повеќе.

Но, тоа е помалото извртување на вистината, зашто обично сметките се прават на потрошувачки од вода од околу 15 до 20 кубици во месецот во просек, за четиричлено семејство, па зголемувањето на цената навистина е многу мал трошок плус во текот на месецот.

Многу поголем е спинот во премолчувањето на  ВМРО-ДПМНЕ за нејзината улога генерално за цената или квалитететот на водите и другите водни услуги во Скопје.

Прво, тоа е партијата која што, како владејачка, го донесе законот според кој сега се одредуваат цените на водата. Но, второ, уште поважно, ВМРО-ДПМНЕ треба на јавноста да одговори на прашањето, со кои аргументи донесе одлука да изгради административна зграда за градското јавно претпријатие од Скопје, која според последните пресметки чини над 21 милиони евра и која ќе се отплаќа со години, токму од парите на скопските домаќинства?!

Па, како тоа да беше малку, непосредно пред локалните избори во 2017 година, за украсување на ѕидовите на новата зграда се потрошени дополнителни 22 илјади евра преку јавна набавка – договор со еден уметник!

Затоа, ВМРО-ДПМНЕ наместо да спинува околу цените на водата, упатно е на јавноста да ѝ каже која е логиката во тоа што го направиле, имајќи предвид дека нето годишниот приход од наплата на сметките на водата на ЈП „Водовод и канализација“, Скопје е 16-тина милиони евра, а за прв пат оствариле добивка во 2016 година од само 47 илјади евра!

ГРАЃАНИТЕ НЕ ДОБИВААТ НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

Спинот број 2 е околу тоа дека парите ќе оделе за екологија, т.е. со ова зголемување граѓаните ќе добиеле многу поздрава животна средина, како што вели градоначалникот Петре Шилегов.

Но, вистината е дека граѓаните нема да добијат ниту помалку, ниту повеќе на квалитет на животната средина. Станува збор за извртување на вистината, зашто и досега и отсега, пречистителните станици кои се споменати како причини за зголемувањето од 2.04 денари по кубик, ги одржува истото јавно претпријатие на град Скопје.

Значи, ЈП „Водовод и канализација“ и досега ги одржувало овие станици, со тоа што трошокот од 100 милиони денари, колку што се споменува за нивно годишно одржување, досега, веројатно, го подмирувале од Министерството за животна средина и просторно планирање (така беше објаснето во јавноста).

Патем, станува збор за околу милион и шестотини илјади евра плус, што на овие оперативни трошоци, кои ги има сега „Водовод и канализација“, е сума која не е безначајна. Но, муабетот беше дека граѓаните не добиваат во смисла на поквалитетна животна средина (ништо не се сменило од претходната година-две да речеме), а добиваат плус по 2,04 денари од кубик на своите сметки.

ЕФИКАСНОСТА НЕ Е ПРАШАЊЕ НА ПАРТИЈА, ТУКУ НА ЗНАЕЊЕ

Третиот спин е класичното партиско соопштение на јавно претпријатие, во делот кога ја оценува состојбата во самата компанија:

Сакаме да истакнеме дека и покрај наследената превработеност на претпријатието со неквалификуван кадар и големата задолженост направена од претходното раководство…,

Новото раководство на Водовод и канализација треба да ги знае следните работи:

Прво, дали има или нема превработеност се прави со опсежна длабинска и сериозна анализа од сериозни експерти по ова прашање, имајќи ги предвид сложеноста и обемноста на јавните работи кои се од огромно значање за граѓаните на голем по површина град каков што е Скопје. На пример, само во секторот канализација, според проценките на стручните луѓе внатре во претпријатието има голем кусок на кадри, бидејќи според теоријата на која тие се повикуваат, на еден вработен треба да му доаѓа за одржување по околу 3 километри канализациона мрежа, а сега тој просек изнесувал 8,5 километри.

Второ, aко има голема задолженост, за што е виновно претходното раководство, новото треба да види дали таа задолженост е оправдана или неоправдана и треба да се процени дали е тоа поради претходното раководство или поради некој трет. Гледајќи ги финансиските сметки на ЈП „Водовод и канализација“, не е доведено во прашање тврдењето за голема задолженост. Но, ако за тоа е виновно раководството, новото раководство е тоа што е должно да направи севкупна и длабинска ревизија и ако станува збор за криминал, должно е да ги извести надлежните органи – Град Скопје и Јавното обвинителството.

Трето, ефикасноста на работата на ова јавно претпријатие е еден од клучните елементи за цената на водата за пиење, за можните заштеди и резерви, за одржливоста на системот и конечно за финансирање на екологијата, т.е. третманот со отпадните води.

Имено, од Годишниот извештај на ЈП Водовод и канализација за 2016 година, од каде ги црпевме и другите бројки во овој текст, може да се види следново:

  • Годишно производство на вода за 2016, вкупно – 132 милиони кубни метри.
  • Севкупни стварни загуби за 2016 година – 33.127 милиони кубни метри вода или 32 отсто
  • Самото ЈП признава дека станува збор за околу 12 отсто поголеми загуби од она што се смета за нормално во земјите во ргионот – 20 отсто, што е некаде околу 10 милиони кубни метри вода.
  • 10 милиони кубни метри вода по цена на чинење од 28,67 дена за м3 е еднакво на 286.700.000  милиони денари или речиси за тројно повеќе од колку што изнесува трошокот што го пресметале за одржување на двете пречистителни станици.

По една, две, три години, само на овој начин ќе се мери ефикасноста на новото раководство на ова ЈП, доведено од политичката партија што освои најмногу мандати во Град Скопје – СДСМ. Но, ако СДСМ и градоначалникот имаат право да даваат политички оценки, раководството на ЈП „Водовод и канализација“ и не само на ова јавно претпријатие, туку на кое и да било – немаат такво право. Тие се поставени колку што можат најдобро и најефикасно да стопанисуваат со ресурсите за јавно добро.

* * *

И поради сите овие спинови што ги набројавме погоре не можат да се видат најважните работи, меѓу што и фактот дека водата е едно најголмите јавни добра што ги имаме и дека треба да се чува и рационално да се искористува.

Во таа внимателност спаѓа секако и цената на водните услуги, за пиење и за отпадните води. Македонија генерално, а посебно Скопје има најевтина цена на водата споредено со блискиот региони . На пример во Софија, кубик вода ги чини граѓаните 1,08 евра, во Загреб од 2015 година за домаќинствата цената изнесува 4,60 евра по кубик, додека во Подгорица околу 40 денари или 0,65 евра по кубик, а во Белград за домаќинствата се наплатува по 0,68 евра или околу 80 динари. Цената во Скопје е, да се потсетиме, со сегашното зголемување 30,71 денари за кубик или нецели 0,5 евра.

И конечно, да и се вратиме и на екологијата. Скопјани, на пример, имаат покриеност од само 30 отсто од потребната атмосферска канализација. А што се однесува до чист Вардар, треба да се знае дека главната пречистителна станица што треба да биде изградена за не помалку од десетина година кај Трубарево, чини 120-130 милиони евра. Тоа треба од некаде да се плати, а меѓудругото и од граѓаните на Скопје.

Поради погоре наведените аргументи, сметаме дека околу цената на водата за пиење има повеќе спинови од кои не може да се согледаат суштунските проблеми.

Пишува: Теофил Блажевски


Единствена Македонија: Заев по стапките на Глигоров


Скопје, 25 јануари, 2018 - 12:19 (META) 

Единствена Македонија, партијата на Јанко Бачев, која претходно се викаше НДМ, е изненадена од определбата на Зоран Заев за повторно враќање на штетната тактика на екстремна кооперативност во спорот за името, што ја применуваше поранешниот претседател Киро Глигоров, се вели во соопштението на партијата.

„Вчера во Давос, Заев тргна по стапките на Глигоров и брзопотезно се согласи за промена на името на аеродромот, автопатот, а за возврат отворено мајтапење од грчкиот премиер Ципрас кој ќе се смилувал и ќе покажел добра волја штом Заев на своевиден начи призна дека сме грешеле во изминатите 27 години со инсистирањето да бидеме Македонци. Да потсетиме, Глигоров во спорот за името по налог на странците брзопотезно се согласи со промена на Уставот во 1992, промена на името во 1993, промена на знамето во 1995, мислејќи дека така ја импресионира европската јавност, но, Македонија повратно немаше никаква корист иако практично ги потроши клучните адути во спорот за името. Значи, од Македонија повторно отстапки и спремност за промена на името, а од Грција добра волја“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека, „кога Заев веќе тргнал да го менува името на автопатот, Единствена Македонија му предлага да се вика „Геноцид“, како име за пат кој поминува и низ места во Беломорска Македонија каде се врши етничко чистење на Македонците во последните два века.“

„Единствена Македонија му порачува на својот народ дека овие антицивилизациски и антимакедонски отстапки во изминатите 27 години ќе станат безпредметни со зачленувањето на Македонија во Евроазиската унија и воспоставувањето на стратешко партнерство со Русија каде не се доведува во прашање македонскиото име и идентитет, туку истите се почитуваат“, се додава во соопштението.


Од Стопанска комора бараат законски измени за вработувања во комуналните претпријатија


Скопје, 22 јануари, 2018 - 14:46 (META) 

Здружението на комуналните дејности при Стопанската комора бара измени на законските прописи кои го регулираат вработувањето работници во комуналните претпријатија на локално и на државно ниво.

– Постојните закони го отежнуваат вработувањето во еден дел, пред се при ангажирање сезонски работници, но и во други услови кога е потребно да се направат одредени поместувања поради работните активности на одредени работни позиции во компаниите – информираше претседателот на Здружението, Звонко Јованоски.

Од таму исто така ќе бараат интервенција во Законот за јавни набавки и активно вклучување во изработка на новиот закон за управување со отпад.

– Здружението ќе се вклучи во активностите околу донесувањето на новиот закон за управување со отпад кој е во почетна фаза и согласно укажувањата на Министерството за животна средина треба да се донесе до октомври годинава. Здружението има забелешки и на постојниот Закон за јавни набавки, согласно кој голем дел од тековните работи на комуналните претпријатија се отежнуваат. Проблемот е во понудената најниска цена која не соодветствува со квалитетот, како и во лимитот од 500 евра согласно кој може да се вршат интервентни набавки, што е многу мал износ – додаде Јованоски.


Најчевска поднесе оставка од Советот за реформа на правосудниот сектор


Скопје, 6 јануари, 2018 - 14:39 (META) 

Професорката Мирјана Најчевска поднесе оставка од членувањето во Советот за реформа на правосудниот сектор, а за тоа ги информирала министерот за правда и членовите на Советот.

„Изминатиот период јасно покажа дека ова тело е формирано само како параван за решенија кои се носат на друго место и служи за создавање лажна слика дека некаков експертски тим има влијание врз реформските процеси во правосудството. Фактички, ова тело нема достап до никакви информации, нема удел во ниту едно реформско решение и не учествува во анализите на законите кои се менуваат. Јас како независен експерт и како универзитетски професор немам намера да служам за залажување на граѓаните и не дозволувам моето име да биде искористено во политичките промени кои се нарекуваат правни“, вели Најчевска во објавата на нејзиниот фејсбук-профил.

Таа исто така додава дека, не ги видела законските текстови кои се влезени во собраниска процедура или е најавено дека ќе бидат ставени на дневен ред на Собранието како што се Законот за јавнообвинителска служба, Законот за кривична постапка, Законот за полиција, Законот за извршување, Законот за извршување на санкциите, Законот за јавното обвинителство, Закон за судовите.

Претходно, оставка од Советот за реформа на правосудниот сектор поднесе и професорот Гордан Калајџиев.


Полна собраниска агенда: Избор на нов јавен обвинител, уставни судии, закон за јазиците


Скопје, 25 декември, 2017 - 10:03 (META) 

Собранието денеска на пленарна седница закажана во 11 часот треба да гласа за именувањето на нов државен јавен обвинител, функција за која Владата го предложи Љубомир Јовески, член на Советот на јавни обвинители.

Расправата за изменувањето на новиот државен јавен обвинител заврши на 15 декември. За избор на Јовески е потребно просто мнозинство, односно 61 глас.

Покрај оваа точка, на дневен ред на оваа седница се и измените на Законот за Судскиот совет, измените на Законот за заштита на сведоци што ги бараше СЈО и законот за укинување на Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, предложени по скратена постапка.

По оваа, Собранието ќе ја почне 27. седница, на која пратениците, според најавениот дневен ред, треба да расправаат за именување на двајца судии во Уставниот суд, за разрешување и за именување на член на Регулаторната комисија за енергетика, а последна, односно 35. точка на оваа седница е Законот за употреба на јазиците во второ читање.

За нови членови на Уставниот суд се предложени, универзитетскиот професор Осман Кадриу и Дарко Костадиновски, советник за надворешна политика во кабинетот на претседателот, Ѓорге Иванов.

Кадриу и Костадиновски се предложени од Иванов, а треба да седна на местата на Наташа Габер – Дамјановоска и Гзиме Старова, чиј деветгодишен мандат како членови на Уставниот суд истече на почетокот на октомври, оваа година.


Царовска: Направени се законски измени за поголеми права на лицата со попреченост


Скопје, 3 декември, 2017 - 17:17 (META) 

На одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, рече дека се направени законски измени за поголеми права на лицата со попреченост, како што е персоналната асистенција.

– Долги години сме сведоци дека нашите сограѓани кои се соочуваат со попреченост беа дискриминирани, немаа пристап до соодветни здравствени и образовни услуги и немаа пристап до вработување, а сето тоа поради негрижата на државата. Но, тоа се менува бидејќи оваа влада е иклузивна и секојдневно дискутира за проблемите на овие лица – порача Царовска.

Таа додаде дека за овие лица се подготвува програма која треба да се реализира во 2018 година. Годинава, Меѓународниот ден на лицата со попреченост се одбележува под мотото „Транасформација кон одржливо и прилагодливо општество за сите“.


Именувани замениците на генералниот секретар, јавниот обвинител чека на ред


Скопје, 25 ноември, 2017 - 14:43 (META) 

Собранието на денешната седница ги именуваше Мики Милковски и Мирјана Кацарска за заменици на генералниот секретар на законодавниот дом. Двајцата се дипломирани правници, а Кацарска е со положени правосуден, нотарски и испит за извршители.

По ова Собранието ја почна 22. седница, на која ги прифати предлозите на Владата по скратена постапка да бидат усвоени измените на законите за Судскиот совет, за Советот за утврдување на факти, за заштита на сведоци, за измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, за здравственото осигурување, за Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и за измените на Законот за акцизите. Откако мнозинството пратеници ги усвоија предлозите измените на законите да одат по скратена постапка, претседателот на Собранието, Талат Џафери, ги достави на разгледување до надлежените комисии.

На оваа седница Собранието треба да гласа и за именувањето на новиот државен јавен обвинител, функција за која Владата го предложи Љубомир Јовески, актуелен член на Советот на јавни обвинители.

Според новиот дневен ред што го утврди Џафери за продолжението на 22. седница, именувањето на јавниот обвинител е петта точка по ред.

Пратеникот и координатор на една од десетте пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, на седницата процедурално реагираше на тоа што законите се носат по скратена постапка и побара од колегите од Владата, колегите од мнозинството и од спикерот Џафери да ја променат ваквата практика.

На ова реагираше координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, кој рече дека дел од предложените закони по скратена постапка, веќе биле пред Собранието во претходниот состав.

Претседателот на Собранието даде пауза, а пратениците со работотата по 22. седница треба да продолжат по 15 часот.


Протести во Романија поради најавените правосудни закони


Букурешт, 6 ноември, 2017 - 9:56 (META) 

Повеќе од 7.000 граѓани на Романија синоќа излегоа на протест во Букурешт поради намерата на владата да усвои повеќе закони од областа на правосудството.

Опозицијата смета дека законите ќе ги ослабат напорите да се искорени корупцијата.
Демонстрантите се собраа пред зградата на Владата, носејќи романски знамиња и извикувајќи „демократија под опсада“ и дека владејачката Социјалдемократска партија е „црвена чума“.

Романските медиуми наведуваат дека демонстрантите носеле транспаренти на кои било испишано „Сакаме независно правосудство“, „Предвремени избори“, „Што чекате, нова диктатура?“.

Освен во Букурешт, протести се одржале и во осум други романски градови.

Странските амбасадори и ЕУ се противат на носењето на законите затоа што со нив се овозможува кривично осудувано лице да биде избрано за претседател на држава, а министерот за правда да ги именува врховните обвинители.


„Цивил“ бара политичките партии, кандидатите и институциите да ги почитуваат законите


Скопје, 14 октомври, 2017 - 11:45 (META) 

Невладината организација „Цивил“ упати барање до политичките партии да го почитуваат Изборниот законик, Уставот и законите на Република Македонија, да го почитуваат изборниот молк и да ги сопрат евентуалните планови, ако такви постојат, за изборен поткуп, притисоци и за манипулација на гласачите.

„Бараме од родителите и од наставниот кадар да ги почитуваат децата и да ги остават надвор од политиката. Секој обид да се наруши изборниот молк и да се прекршат законите поврзани со изборниот процес, веднаш да бидат сопрени и санкционирани. Не смее да има толеранција за каков и да е притисок, закана или корупција (купување гласови). Бараме од Државната изборна комисија и ја охрабруваме да ги искористи сите свои законски ингеренции до максимум за да спроведе законит, демократски, фер и слободен изборен процес. Ингеренциите на ДИК се највисоки од сите досегашни состави на оваа институција и таа се наоѓа на врвот на изборниот процес. ДИК не мора да чека приговори и жалби, туку може да дејствува според сопствени наоди и мислење“, велат од невладината.

„Цивил“ ги повика граѓаните да гласаат слободно, според сопственото убедување, а оние кои нема да се најдат на Избирачкиот список, тоа да го пријават. Невладината организација апелираше до медиумите да бидат непристрасни и професионални, да бидат на висина на својата задача и да манифестираат максимална професионална и морална одговорност.