!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Маж од скопско Марино загинал во сообраќајка во Скопје


Скопје, 13 јануари, 2018 - 11:49 (META) 

Во сообраќајна несреќа што се случила вчера околу 23.30 часот на булеварот„Александар Македонски“ во Скопје, животот го загубил 36-годишниот Г.С. од скопското село Марино, соопшти СВР Скопје.

Загинатиот управувал со автомобил „мерцедес“ со скопски таблички кога загубил контрола над возилото, по што автомобилот удрил во метални столпчиња, а потоа во дрво и во метална канделабра. Од повредите возачот го загубил животот, а сопатникот З.М. (38) од Марино се здобил со телесни повреди и со возило на Итна медицинска помош е пренесен во Ургентен центар – Скопје, каде е задржан на лекување на Клиниката за трауматологија.

Увид извршила екипа од Секторот за внатрешни работи-Скопје. По наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на судска медицина за обдукција.


Тројца загинати во превртување на автомобил, камион и запрежна кола


Скопје, 28 декември, 2017 - 13:58 (META) 

Во три несреќни случаи во изминатото деноноќие, три лица ги загубиле животите, извести МВР.

Првиот случај бил на Градечка Планина кај Валандово, при што камион „там 80 т“ управуван од 58-годишен валандовец вчера попладне се превртел и паднал во провалија, при што од добиените повреди починал Ж.Д.(51) од Валандово, кој бил сопатник во возилото, а друг сопатник задобил повреди на главата.

Во вториот случај, 75-годишниот С.М. од делчевското село Град вчера околу 20 часот бил пронајден починат во атарот на селото. На телото имало знаци на внатрешно и надворешно крварење, по што екипа на на Итна помош утврдила дека смртните повреди ги задобил кога врз него се превртела запрежна кола натоварена со дрва.

Во сообраќајна несреќа утрово пак во Скопско, загинал тинејџер. Според полицијата, на која случајот и бил пријавен нешто пред 7 часот утрово на локалниот пат од населбата Илинден кон селото Миладиновци, скопско, автомобил „голф“ со скопски таблички, управуван од А.З.(19) од Миладиновци излетал од коловозот и се превртел. Тинејџерот починал на местото на несреќата.


Млад демиркапиец загина во сообраќајка во Демиркаписка Клисура


Демир Капија, 9 декември, 2017 - 13:43 (META) 

Во директен судир што се случил ноќеска на автопатот Скопје – Гевгелија, во Демиркаписка Клисура животот го загубил 24-годишен жител на Демир Капија.

Како што соопшти полицијата, во 3.50 часот денеска се судриле автомобил „сеат леаон“ со неготински регистерски таблички, управуван од С.Ј.(24) од Демир Капија, и автомобил „мерцедес“ со скопски таблички, управувано од Ѓ.Ч. (65) од Скопје.

Во судирот животот го загубил младиот демиркапиец, а возачот на „мерцедесот“ бил повреден.

Се работи на целосно расчистување на случајот.


Еден загинат, петмина повредени во судир на патот Кратово – Пробиштип


Кратово, 23 ноември, 2017 - 12:34 (META) 

Едно лице починало од повредите што ги добило во тешката сообраќајка што се случила претпладнево на регионалниот пат меѓу Кратово и Пробиштип, велат за „Мета“ од МВР.

Кај местото Жгури дошло до судир на автомобил „рено меган“ со скопски таблички и „фолксваген“ со штипски ознаки. По несреќата пет лица биле префрлени во Клиничката болница во Штип, каде едно лице им подлегнало на повредите. Шестото лице било пренесено со телесни повреди во Здравствен дом Пробиштип.

Увидот на местото на несреќата уште трае, а полицијата ќе го соопшти идентитетот на загинатото лице откако ќе биде известено семејството.


Мајстор загинал откако го удрила струја од далновод


Струга, 13 септември, 2017 - 15:09 (META) 

Мајстор кој работел во Струга вчера трагично го загубил животот откако добил струен удар од далновод додека работел на куќа.

Како што соопшти СВР Охрид, вчера, околу 11.30 часот, во Струга на улицата Едвард Кардељ, Г.М. (44) од Охрид, неговиот брат А.М. и М.П., како вработени во „АМГ Дизајн 2013“, местеле олуци на куќа и во еде момент Г.М. со олук допрел кабел од далновод, кој бил н 2,5 метри од терасата каде што стоел. Притоа добил електричен удар и паднал, по што била повикана итна медицинска помош, која го пренела во Општа болница во Струга, каде била констатирана смрт.

Бил извршен увид и по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било предадено на семејството.


Мотоциклист загинал во сообраќајка во Битола


Битола, 25 јули, 2017 - 13:23 (META) 

Во сообраќајна несреќа што се случила вчеравечер во Битола, загинал 40-годишен маж од битолското село Горно Оризари, соопшти СВР Битола.

Несреќата се случила во 20.35 часот, на крстосницата на улиците 8 Септември и  Арон Ароести. Дошло до судир на автомобил „голф 3“ со битолски регистарски таблички, управуван од А.К. (29) од Битола, и мотоцикл „хонда“ со битолски таблички, управуван од И.Г. (40) од селото Горно Оризари. Мотоциклистот од добиените повреди починал веднаш.

Увид извршиле јавен обвинител и екипа од СВР Битола, а телото на загинатиот по наредба на јавен обвинител е предадено за обдукција.


Во несреќи вчера загинале двајца мажи од Кумановско


Куманово, 20 јули, 2017 - 13:54 (META) 

Во две несреќи вчера попладнето, животите ги загубиле двајца мажи од Кумановско.

Во првиот случај, како што извести МВР, околу 16.30 часот, Н.Ф.(49) од кумановското село Лопате, собирајќи слама во сопствената нива, паднал од тракторска приколка на која бил качен и бил прегазен од тркалото од приколката. Подоцна лекарите од кумановската болница, каде бил однесен, констатирале смрт. Увид на местото на несреќата извршила увидна екипа на СВР-Куманово.

Во втората несреќа жртва бил Р.Д. (52) од Куманово. Тој управувал со автомобил „опел зафира“ на aвтопатот А1, Велес – Градско, а околу 18.30 часот во близина на клучката за селото Виничани загубил контрола над возилото, при што автомобилот излетал од коловозот и се превртел во канал. Возачот од повредите починал веднаш и неговото тело е предадено за обдукција.


Возач загинал кај Стоби


Неготино, 10 јули, 2017 - 14:17 (META) 

Во тешка сообраќајна несреќа што се случила вчера околу 19 часот, на регионалниот пат Градско – Неготино кај локалитетот Стоби, животот го загубил С.П. (47) од неготинското село Црвени Брегови.

Како што соопшти МВР, автомобилот „киа“ со кој управувал сега загинатиот, излетало од коловозот и се превртело.

Увид извршила екипа од СВР Велес, а по наредба на јавен обвинител, на телото на починатиот ќе се врши обдукција.


Тинејџер загинал во сообраќајка во Струмичко


Струмица, 23 јуни, 2017 - 14:09 (META) 

Момче од Струмичко го загубило животот во сообраќајна несреќа што се случила рано утрово во близина на село Дабиле, извести СВР Струмица.

На регионалниот пат Струмица – Берово, околу 3.15 часот, на излезот од Дабиле кон Петралинци, автомобил „голф“ со струмички таблички излетал од коловозот и паднал во коритото на реката Струмешница.

Од повредите починал Ѓ.А. (19) од Турново, додека неговиот врсник А.Т. (19) од Радово добил тешки телесни повреди.

Тој потоа бил пренесен во Медицински центар Струмица, од каде поради сериозноста на повредите бил префрлен во Ургентен центар Скопје.


Мотоциклист во Тетово излетал од патот и го загубил животот


Тетово, 17 јуни, 2017 - 21:55 (META) 

Мотоциклист го загубил животот во тешка сообраќајна несреќа што вечерва околу 19 часот се случила на булеварот Маршал Тито во близина на железничкиот надвозник на излезот од Тетово.

Тетовецот Е.А. (26) од засега неутврдени причини загубил контрола на мотоциклот што го управувал, по што удрил во заштитната метална ограда. Притоа добил тешки телесни повреди, поради кои бил префрлен во тетовската Клиничка болница, но кога бил донесен таму, лекарите само ја констатирале неговата смрт.