Ебола се шири во милионски град во Конго


Киншаса, 17 мај, 2018 - 11:23 (META) 

Десетина дена откако во рурална област во Демократска Република Конго беа пријавени првите случаи на ебола, сега опасната и многу заразна болест ебола е регистрирана во градот Мбандака, кој има над милион жители и се наоѓа на 130 километри од местото на првиот регистриран случај.

Мбандака е транспортен јазол преку кој се оди до главниот град Киншаса.

Според министерот за здравство Оли Илунга Каленга, појавата на болеста во милионскиот град раѓа сериозен страв дека ширењето на еболата тешко ќе може да се контролира.

Досега се евидентирани 42 заразени лица, од кои 23 починале.

Еболата е многу заразна болест што предизвикува внатрешни крварења и честопати завршува со смрт на пациентот.


СЗО: Еболата веќе не е меѓународна здравствена закана


Дакар, 29 март, 2016 - 20:51 (META) 

Еболата веќе не претставува меѓународна здравствена закана, соопшти денеска во Дакар директорката на Светската здравствена организација (СЗО), Маргарет Чан.

Сепак, Чан нагласи дека и понатаму мора да се надгледува ситуацијата во Западна Африка.

Од декември 2013 година, од ебола починаа повеќе од 11.000 лица, претежно во Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне.

Секоја од овие три земји прогласи крај на еболата, но потоа дојде до нагло зголемување на бројот за заболените од оваа болест. Здравствените власти објавија дека мажите кои ја прележале болеста можат полово да го пренесат вирусот и до година дена после закрепнувањето.

 


Излекуваниот доктор од ебола им предаваше на штипските студенти


Штип, 21 март, 2016 - 18:37 (META) 

„Мојата приказна не е само поврзана со медицината. Тоа е приказна за верба и за чуда, уништувања и пожртвувања на луѓе кои страдале во последните три децении. Како повеќето од вас, одбрав медицина зашто сакав да им служам на луѓето“, рече американскиот доктор Кент Брентли, првиот Американец излекуван од ебола, во својот говор пред студентите на Медицинскиот факултет во Штип.

Според Кент, болестите како што се ебола и зика ги сплотуваат луѓето и ја зголемуваат комуникацијата меѓу нив, а тоа е единствен начин за совладување на ваквите болести.

Младиот лекар, кој угледниот весник „Тајмс“ го прогласи за личност на годината, раскажа дека тој се заразил со вирусот додека ги лекувал пациентите заболени од ебола во Либерија. Брентли е првиот Американец вратен во САД за да биде лекуван од оваа болест, со дотогаш сè уште експерименталниот серум во Универзитетската болница „Емори“ во Аталанта, Џорџија. По неколкумесечното успешно лекување, тој е целосно излекуван, а своето искуство денеска им го раскажа на штипските студенти.

– Тоа беше тешко закрепнување, го земав лекот „зимап“. Моментално ги чекаме искуствата од лекуваните пациенти во Африка за да направиме детални анализи од кои ќе ги вадиме заклучоците понатаму. Не сум се споредил со Мајка Тереза, но се идентификувам со нејзините повици да им служам на луѓето. Уште на почетокот на моето патување, на долгиот пат кој го поминав за да се едуцирам, сакав да ги искористам своите лекарски способности за да им служам на луѓето – изјави Брентли.

Инаку, во 2014 година овој доктор имал средба со американскиот претседател, Барак Обама, во Белата куќа. Истиот месец Брентли трипати донирал своја плазма за да ги спаси животите на други Американци заболени од ебола.


Американскиот лекар што ја победи еболата в понеделник во Штип


Штип, 16 март, 2016 - 20:41 (META) 

Докторот Кент Брентли, кој заболе и беше првиот излекуван од смртоносната болест ебола, в понеделник ќе предава на Факултетот за медицински науки во Штип.

Докторот, кој во 2014 година беше избран за личност на годината од страна на магазинот „Тајм“, бил дел од медицинска мисионерска група чија главна цел била лекување на пациенти заболени од ебола во Либерија.

Додека ги лекувал пациентите заболени од ебола, се заразил од вирусот и бил првиот Aмериканец вратен во САД за да биде лекуван од вирусот со сѐ уште експерименталниот серум во Универзитетската болница „Емори“ во Аталанта, Џорџија.

По излекувањето, дoктор Брентли трипати донирал своја плазма за да ги спаси животите на други Aмериканци заболени од ебола.


Нов смртен случај од ебола во Сиера Леоне


Фритаун, 15 јануари, 2016 - 11:06 (META) 

Нов случај на починат од болеста ебола е регистриран во западно-африканската држава Сиера Леоне, официјално потврдиле официјални лица на земјата, само неколку часа откако Светската здравствена организација (СЗО) објави
крај на епидемијата на ебола во Западна Африка, јавува „Би-Би-Си“.

Сиера Леоне беше прогласена за слободна од вирусот на ебола на 7 ноември минатата година, а целиот регион беше прогласен за исчистен во вторникот оваа недела, кога и официјално беше соопштено дека во Либерија е искоренета болеста.

Портпаролот на Центарот за ебола во Сиера Леоне, Сиди Јахја Тунис, во изјава за „Би-Би-Си“ рекол дека тестовите врз починатото лице покажеле дека тој бил позитивен на ебола. Тестовите биле извршени од британски експерти.

И покрај вчерашното соопштение од СЗО дека е ставен крај на епидемијата на ебола во Западна Аафрика, светската организација предупреди дека, сепак, се можни нови случаи.

Во изминатите две години, од декември 2013 година, речиси 4.000 луѓе починаа од ебола во Сиера Леона, а околу 11.000 во целиот регион.


СЗО: Крај на еболата во Западна Африка


Копенхаген, 14 јануари, 2016 - 15:09 (META) 

Светската здравствена организација објави крај на епидемијата на ебола во Западна Африка, откако ниту еден случај не се појавил во Либерија, но истовремено предупреди дека светот не може да прогласи целосно ослободување од болеста, која однесе повеќе од 11.300 животи за време на двегодишната епидемија.

Либерија, која заедно со Сиреа Леоне и со Гвинеја беше епицентар на последната епидемија, уште во мај минатата година прогласи дека е слободна од ебола, но во двапати беа регистрирани нови случаи, што ги принуди властите повторно да покренат превентивни напори.


Победена еболата во Гвинеја


Конакри, 29 декември, 2015 - 14:43 (META) 

Светската здравствена организација денеска ја прогласи Гвинеја за држава без ебола, две години по избивањето на епидемијата во оваа земја.

Победата над опасната болест ќе биде прославена со концерти и со огномет.

Од болеста во Гвинеја починаа повеќе од 2.500 лица, а уште 9.000 починаа во Сиера Леоне и во Либерија, јавува „Би-Би-Си“.

Сиера Леоне ја прогласи победата над еболата во ноември, но нови случаи се појавија во Либерија, каде триумфот претходно беше прогласен во септември.

Се смета дека во некоја држава нема ебола ако не се регистрира ниту еден нов случај во рок од два периода на инкубација од 21 ден откако последниот познат случај бил негативен на вториот тест.


СЗО: Новата вакцина против ебола е 100 проценти ефикасна


Женева, 31 јули, 2015 - 18:11 (META) 

Новата вакцина против ебола, тестирана на 1.000 лица заразени во Гвинеја, се покажала како ефикасна заштита во 100 проценти од случаите и би можела да го спречи ширењето на смртоносниот вирус, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО).

Здравствените стручњаци оценуваат дека резултатите од истражувањето се „извонредни“ и ги менуваат работите поврзани со оваа болест.

– Веруваме дека светот е чекор поблиску до пронаоѓањето ефикасна вакцина против ебола – изјави стручњакот за вакцини на СЗО, Мари Паул Кини, на прес-конференцијата во Женева.


Пет лица починале од ебола до крајот на април


Копенхаген, 5 мај, 2015 - 10:51 (META) 

До 30 април, пет лица од Западна Африка починале од ебола, а регистрирани се 49 новозаразени случаи, соопшти Светската здравствена организација.

Според податоците на СЗО, од почетокот на епидемијата во Западна Африка, починале 10.895 лица, а 26.339 се заразени.


Во Словенија регистриран сомнителен случај на ебола


Љубљана, 16 април, 2015 - 15:21 (META) 

Лице со сериозни симптоми на ебола е хоспитализирано во клиничкиот центар во Љубљана, соопшти денеска директорот на љубљанската Инфективна клиника, Франц Стрле.

Стрле соопшти дека станува збор за словенечки државјанин кој претходно престојувал во африканска држава и оти неговата здравствена состојбата во моментов се оценува како стабилна.

Словенечките медиуми јавуваат дека првичните резултати од анализата би можело да бидат готови во текот а денот, а финалните ќе бидат познати за неколку дена.