Законот за употреба на јазиците објавен во Службен весник


Скопје, 15 јануари, 2019 - 10:07 (META) 

Законот за употреба на јазиците денеска е објавен во Службен весник откако претседателот на Собранието Талат Џафери вчера го испрати без потпис од претседателот на државата Ѓорге Иванов.

Со објавувањето на Законот во Службен весник, тој официјално стапува на сила со што албанскиот јазик станува втор службен јазик во Македонија.

Пратеникот од ДУИ Артан Груби на „Фејсбук“ ги наброја работите кои ги ветила и остварила ДУИ: Интеграција во НАТО и ЕУ, ветено сторено, јазичната рамноправност, ветено сторено, системски реформи, ветено сторено – напиша Груби.

Вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи напиша „Каков почеток на годината, горд сум што сум соработник на Ахмети“.

Потпретседателот на СДСМ и пратеник Мухамед Зекири преку „Фејсбук“ и порача на ДУИ да не се кити со туѓи перја кога станува збор за законот за јазиците.

„Речиси една декада на власт со ВМРО ДПМНЕ глас не им се слушна. Денеска со толкава помпезност и пофалби сакаат да се китат со туѓи перја. Заслугите за отворање на вратите на Македонија за членство во НАТО и ЕУ, како и за официјализирањето на албанскиот јазик, им припаѓаат на граѓаните кои го прифатија концептот „Македонија едно општество” за сите. Без еуфорија, Ве молам. Граѓаните најдобро знаат кој работи за нивно добро“, напиша Зекири.

Денешниот број на Службен весник е на два јазика, македонски и албански, освен спогодбата помеѓу Македонија и Грција која е објавена само на македонски јазик.


Заев: Посакувам консензуален кандидат за претседател, прифатлив за мнозинството граѓани


Скопје, 4 јануари, 2019 - 14:35 (META) 

До сега не сме разговарале за името на консенсузалниот претседател, да заврши процесот во парламентот поврзан со уставните измени и потоа ќе отвориме дебата, одговори премиерот Зоран Заев на новинарско прашање за тоа дали со ДУИ разговарале за можните имиња кои се вртат во јавноста на кандидат за претседател како Бујар Османи, Никола Димитров, Радмила Шекеринска.

„Сакам консензуален кандидат за претседател зад кој ќе застанеме сите. ДУИ не е единствениот коалиционен партнер, ги има повеќе. Верувам дека ќе изнајдеме сила да избереме кандидат, кој ќе биде прифатливо решение за мнозинството граѓани“, одговори Заев.

Тој потврди дека денеска во 16 часот ќе оставри средба со Билал Касами од БЕСА со кого ќе разговараат за поддршка за уставните измени.

„Сугестиите на двете албански опозициски партии делуваа позитивно. Нивните сугестии се вградени во амандманите, сакам да слушнам што ги загрижува“, рече накратко Заев.


Ахмети е загрижен за опструкции на Договорот од Преспа и уставните измени


Тетово, 6 декември, 2018 - 16:43 (META) 

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, се сретнал со евроамбасадорот Самуел Жбогар со кого разговарал за процесот на уставните измени, системските реформи и околу политичката ситуација во земјата, соопштија од ДУИ.

Ахмети пред Жбогар ја истакнал својата загриженост за постоењето на опструктивни струи во однос на Преспанскиот договор и уставните измени.

„Овие клучни моменти за земјата и регионот бараат посветеност од сите, институциите, политичките партии, граѓанското општество, медиумите и други. Овој процес е неповторлив и истиот е од апсолутна важност за обезбедување на нашиот евро-атлантски пат“, рекол Ахмети и ја истакнал одговорноста на секоја институција и на секоја индивидуа за да се обезбеди успех во овој процес.

Соговорниците дискутирале и за системските реформи и помирувањето како поврзани процеси.


Ахмети: Денко Малески е прифатлив кандидат за иден консензуален претседател


Скопје, 28 ноември, 2018 - 16:01 (META) 

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, одговарајќи на новинарско прашање денеска го откри својот фаворит за иден претседател на државата, јави телевизијата 21.

Според Ахмети, најдобар кандидат засега е Денко Малески.

– Досега не сме зборувале за имиња, но мислам дека Денко Малески е угледен професор, професор што ги исполнува сите стандарди. Но сепак останува за ова да разговараме со сите политички субјекти – рече Ахмети.


Партиите бараат во пописот да се вклучи етничката припадност


Скопје, 22 ноември, 2018 - 10:38 (META) 

Предлогот на директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски во пописот од 2020 година да нема изјаснување за верската и етничката припадност на населението предизвика негативни реакции, главно кај албанските партии, со оглед на тоа дека Република Македонија е мултиетничката држава, но и непостоење на регистрација, известува Порталб.мк“.

ДУИ:

Формиравме партиска комисија со луѓе со искуство и знаење во овој поглед, која ги анализира сите аспекти на пописот. Оваа недела Комисијата ќе се сретне со раководството на Заводот за статистика за да ги слушне нивните идеи и ќе продолжи со бројни состаноци, анализи и потоа ќе искаже својот став за организирањето на овој важен процес – велат од ДУИ.

Алијанса за Албанците:

Алијансата за Албанците, се категорични против предлогот, проценувајќи дека нема причина поради која на пописот на населението не треба да има изјаснување на етничката припадност.

АА не прифаќа таков попис, бидејќи не гледа ниту причина да нема графа за етничка и религиозна припадност. Алијансата ќе се обиде да ги побие тврдењата дека етничката и верската припадност не се значајни, апелираме до сите Албанци да не го потпишат е поништувањето на идентитетот на Албанците – вели потпретседателот на АА, Елми Азири.

БЕСА (Гаши):

Сметаме дека недостатокот на пописот од 2002 година веќе имплицира таква определба. Треба да знаеме кој и колку е во оваа држава. Ако оваа држава во преамбулата е дефинирана според етничката припадност, не гледаме причина зошто во пописот треба да се кријат етничките идентитети. Во тој случај би требала да се договориме во преамбулата “Македонија да биде држава на граѓаните”, и на ниту една определена етничка групаМислиме дека етничката припадност е важна за иднината на земјата, уште повеќе што етничкиот идентитет не се менува со јазичниот идентитет – вели Орхан Муртезани од движењето Беса чиј претседател е Африм Гаши.

БЕСА (Касами)

Во сите земји во светот пописот е статистички процес, додека кај нас е политички бидејќи колективните права на Албанците во многу сегменти се поврзани со процентот. Затоа сакаме да ги отстраниме навредливите термини од уставот и откако ќе ги регулираме отворените прашања на Албанците тогаш нема да има проблем да се реализира статистички процес кој исто така треба да го содржи графата на етничките заедници што живеат. Предлогот на Заводот за статистика е неодмерен и остава простор за сомневање дека со ова се подготвува сценарио на штета на Албанците. Движењето Беса ќе се ангажира со сиот капацитет во пописот да се содржи и етничката и религиозната припадност и да се реализира откако Албанците да бидат соодветно потставени во раководни позиции – вели Елмедин Мемиши, портпарол на движењето Беса со претседател Билал Касами.

НДП:

Весел Мемеди од Националната демократска преродба (НДП), вели дека Албанците немаат дилема дека етничката припадност е тема од суштинско значење, а законот за регистрација го усвојува Собранието, а не Заводот за статистика.

Законот за регистрација го усвојува Собранието, а не Заводот за статистика. Конкретна акција се води во Парламентот, а не на социјалните мрежи. Јавноста треба да разбере кои се суштинските теми што ги бара ЕУРОСТАТ и кои се секундарните. Ништо од тоа што се говори во јавноста не е суштинска тема за ЕУРОСТАТ, вклучувајќи го и јазикот, и затоа нема потреба за паника. За Албанците, не постои дилема дека етничката припадност е суштинска тема, и никој не се сомнева во тоа – вели Мемеди.

„Порталб.мк“, исто така, побара мислење и од ДПА, но тие не беа достапни. 

СДСМ:

Владејачкиот Социјалдемократски Сојуз на Македонија (СДСМ) смета дека е “логично во пописот да се вклучи и етничката припадност”, додека опозицијата ВМРО-ДПМНЕ вели дека немаат став, но дека оваа идеја според нив е “чудна и опасна“.

Ова е предлог на Државниот завод за статистика, станува збор за тестирање на системот пред спроведување на општиот попис. До крајот на оваа година, Владата треба да подготви нов предлог-закон за попис. Според нас, како СДСМ, пологично е да имаме графа на етничка припадност – вели портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.

ВМРО-ДПМНЕ:

Во овие денови ќе се состаната органите на ВМРО-ДПМНЕ и ќе излезат со конечен став во врска со графата националност. Она што можам да го кажам сега е дека ова чудно и опасно – вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Инаку, минатата недела директорот на Заводот за статистика изјави дека пописот на населението ќе се спроведува од 1 до 21 април година од 2020 година и нема да ја содржи графата за етничка и верска припадност, бидејќи според него, овие графи се злоупотребени за политички цели. За да се разбере припадноста на граѓанинот, ќе се праша кој јазик му е мајчин јазик.

За пописот на населението ќе бидат ангажирани околу пет илјади лица, и овој пат ќе се користи комбиниран метод, што значи дека покрај користењето на теренските податоци ќе се користат и податоци од регистрите. Се проценува дека за овој процес ќе бидат потребни околу 8,5 милиони евра.

За да се спроведе пописот, Владата прво треба да усвои нацрт-закон, а потоа истиот да се усвои во Собрание.

„Порталб.мк“, го контактираше владиниот портпарол, но тој сè уште не прецизира до каде е процедурата за нацрт-законот. Нацрт-законот за попис официјално ќе биде подготвен од Министерството за правда до 31 јануари следната година. Откако ќе се подготви истиот треба да биде ставен на увид на јавноста во Електронскиот национален регистар, каде што ќе биде отворен за дискусија и јавен надзор 20 дена. Потоа, истиот ќе треба да се достави во Влада за усвојување, а потоа ако владата го усвои, ќе биде испратен во собраниска процедура. Последниот попис на населението во Македонија беше реализиран во 2002 година, а во 2011 година започна, но не беше реализиран.


Анкета: Заев со највисок рејтинг, СДСМ има најмногу доверба кај Албанците


Скопје, 22 ноември, 2018 - 10:00 (META) 

Мнозинство од граѓаните, односно 66,9 отсто се против амнестија, а 58,9 отсто се против предвремени избори покажува најновата анкета на телевизија „Телма“ и невладината МЦМС.

Што се однесува до амнестија за обвинетите и учесниците во настаните од 27 Април во Собранието, 57,8 отсто не се согласуваат со амнестија, 37 проценти се согласуваат.

Анкетата покажува дека премиерот Зоран Заев е во убедливо водство со 21,4 отсто рејтинг. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски е зад него со 14 процентни поени, со раст во личниот рејтинг и прв пат над претседателот Ѓорге Иванов чиј рејтинг е во пад и застанува на само 6 отсто. Следува Ахмети со 5,7, Села 3,8 отсто, и избеганиот Никола Груевски кој е во слободен пад со 2,7 отсто, рејтинг во рамките на статистичките грешки.

Големата поддршка на Заев доаѓа и од популарноста кај Албанците – со 17,6 отсто поддршка тој е втор лидер по популарност кај етничките Албанци. Прв е лидерот на ДУИ, Али Ахмети со 23 отсто , а трет Зијадин Села со 16 проценти. Највисока е бројката кај оние кои немаат доверба во ниту еден политичар – 39,9 проценти.

Според истражувањето, рејтингот на СДСМ расте, додека на опозициската ВМРО-ДПМНЕ паѓа. Владејачката партија има 26,8 отсто, 21,5 проценти се изјасниле за ВМРО-ДПМНЕ, за ДУИ 6,7 отсто, потоа е Алијансата со 3 проценти, БЕСА со 2,4 додека нема да гласаат 21,3 отсто.

Според етничка припадност. ВМРО-ДПМНЕ има водечки рејтинг кај Македонците – 30,4 отсто со пет процентни поени пред СДСМ која 25,5 проценти. СДСМ е прва партија кај Албанците со 27,5 отсто, додека ДУИ е втора со половина процент помалку.


Мицкоски и Ахмети се сретнале вчера, потврди Груби


Скопје, 5 октомври, 2018 - 16:29 (META) 

Лидерот на ДУИ Али Ахмети вчера се сретнал со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а од ДУИ не ја исклучуваат можноста за нови средби во наредните денови, за да се убеди ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржи уставните амандмани во Собрание.

Мицкоски и Ахмети на средбата дискутирале за актуелната политичка ситуација во земјата, потврди Артан Груби, кој истакна дека на средбата се разговарало и за евентуалното гласање за уставните измени во Собранието.

-Лидерите разговарале за тоа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржат уставните измени кои ги налага договорот со Грција. Тие се легитимни пратеници и треба да го направат тоа – изјави Груби за „Макфакс“.

Опцијата за предвремени избори е извесна, но не и посакувана за Ахмети, велат од ДУИ и додаваат дека во партијата веќе разгледуваат варијанти како најдобро би минале на изборите, самостојно, во коалиција со СДСМ, во коалиција со Европски предзнак или заедно со сите партии од албанскиот политички блок. Секоја од опциите за Ахмети има предности и маани и затоа е упорноста, работата да се заврши во Законодавниот дом.


ДУИ: Не е време за предвремени избори


Тетово, 5 октомври, 2018 - 9:38 (META) 

Во моментов не е време за предвремени парламентарни избори, туку за изнаоѓање решение со кое ќе се имплементира Преспанскиот договор во Парламентот, заклучи синоќа централното претседателство на ДУИ, информираа од партијата.

– Инцијалната порака од ДУИ до сите политички партии и сите граѓани во Македонија е дека се наоѓаме во историски момент кога е потребно единство и меѓуетничко, но и уште поважно и внатре етничко, како и интраетничко кај заедниците, за да може да се соочиме и успешно да го пребродиме еден од најголемите предизвици со кои се соочува државата. Во моментов ја создаваме новата историја, новото поглавје за државата во кое ќе се гарантираат мирот, стабилноста и економската благостостојба не само кај нас, туку и во регионот – изјави вицепремиерот за европски прашања и портпарол на ДУИ, Бујар Османи.

Претседателството на седницата во Мала Речица оценило дека со евентуални избори ќе се наруши динамиката на имплементацијата на Договорот од Преспа, што, пак, може да доведе до сериозна блокада на интегративните процеси на Македонија во НАТО и ЕУ.

ДУИ апелира до останатите политички партии да работат на создавање услови за имплементација на Договорот со Грција.

„ДУИ смета дека потпишаниот и ратификуваниот Договор е меѓународна обврска на државата и во таа насока ги поздравува пораките испратени од меѓународните пријатели, пред се од САД, Европската унија, земјите – членки на Унијата во кои јасно и недвосмислено се повикува Парламентот на Македонија да ја преземе обврската за спроведување и имплементирање на Договорот од Преспа“, стои во соопштението до медиумите од партијата.

Претседателството на ДУИ укажува дека на референдумот излегоа преку 650 илјади граѓани од кои над 90 отсто или 610.000 се изјаснија позитивно, со што јасно се отсликува волјата за влез на земјата во ЕУ и НАТО и за прифаќање на Прсепанскиот договор.


Ахмети: Надвор од НАТО, Македонија тешко ќе опстои


Тирана, 12 септември, 2018 - 10:18 (META) 

Референдумот на 30 септември е печат кој му дава вредност на мирот, стабилноста и ќе се затвори едно поглавје која трае веќе 25 години. Ова е референдум за НАТО, изјави претседателот на ДУИ, Али Ахмети во емисијата „Опинион“ на тиранската телевизија „Клан“.

Тој вели дека Албанците се во својата земја, во нивната држава и затоа ќе гласаат „за“ Договорот со Грција.

Лидерот на ДУИ исто така вели дека треба да се има разбирање за другиот во заедничката земја.

– Додека живееме во една држава, ние треба да внимаваме за историјата и идентитетот на другиот. Јас не сум за реваншизам. Ние треба да упатиме порака дека не сакаме да владееме, или да бидеме арбитри на други проблеми. Сега е време за зачленување во НАТО и почеток на преговорите во ЕУ – истакна Ахмети.

Идентитетот на нашите сограѓани Македонци и самата Македонија, додава Ахмети, тешко дека ќе опстојат надвор од НАТО и ЕУ.

– И Македонците се уморни од блокирањето на интеграцијата на земјата, така што атмосферата генерално е позитивна – истакна Ахмети.


Нова средба на лидерите на четирите најголеми партии


Скопје, 23 јули, 2018 - 9:16 (META) 

Лидерите на четирите најголеми партии, владејачките СДСМ и ДУИ и опозициските ВМРО-ДПМНЕ и крилото на Беса на Билал Касами денеска повторно седнаа во Клубот на пратениците во Скопје.

Тие ќе се обидат да постигнат договор за претстојниот референдум за промената на името, односно за датумот на неговото одржување, формата на референдумското прашање и изборот на Државната изборна комисија, која треба да го спроведе референдумот.

Ова е трета лидерска средба, првата се одржа минатата среда со учество на сите политички партии, кои во Собранието имаат повеќе од еден пратеник, на што се спротивстави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој ја напушти по околу еден час од нејзиниот почеток и побара потесен состав на состанокот.

Следниот ден се одржа втората лидерска, во скратен формат. По средбата во четвртокот во Клубот на пратениците лидерите на СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и едно од крилата на Беса, Зоран Заев, Али Ахмети, Христијан Мицкоски и Билал Касами изјавија дека за некои од прашањата за кои се разговарало постојат шанси за приближување на ставовите, додека за некои се далеку од договор.