Шекеринска: Груби изгледа е голем оптимист, се уште нема договор за името


Скопје, 9 февруари, 2018 - 21:21 (META) 

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска во вечерашното интервју на „Телевизија 24“ коментирајќи ја изјавата на пратеникот на ДУИ, Артан Груби дека постигнат е договор за името, рече дека далеку е од такво нешто.

-Груби изгледа е голем оптимист. Не мислам дека е точна таа проценка. Во спорови кои траат толку долго, нијанси одлучуваат. И се додека немате договор, сте далеку од договор. Ние посакуваме проблемот побрзо да се реши. Но, додека немаме предлог на маса, рано е да се кажува дека остануваат уште деталите. Јас би била многу попретпазлива – рече Шекеринска.


Се спрема закон кој треба да спречи трупање на долгови на институциите и општините


Скопје, 9 февруари, 2018 - 12:19 (META) 

Законот за пријавување и евиденција на обврските преку кој ќе се регулираат долговите на институциите ќе влезе во владина процедура, најави денеска министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Според него, на овој начин ќе се избегне натрупување на неевидентираните долгови како во минатото.

– На тој начин ќе се евидентираат преземени, доспеани и неплатени обврски во соодветен електронски систем од страна на сите органи на државната власт, јавните установи и институциите и единиците на локалната самоуправа. Така ќе имаме целосен увид во заостанатите обврски на сите овие субјекти, што е основен предуслов за систематско спречување на повторување на овој проблем во иднина – појасни Тевдовски на потпишувањето на договорот за меморандум за разбирање меѓу шест општини во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети – фаза на имплементација”.

За оваа цел, Министерството за финансии подготвува софтвер во кој сите институции редовно ќе ги пополнуваат податоците преку веб-апликација.

Тевдовски додаде дека и годинава во буџетот за 2018 година се предвидени повеќе средства за општините, што треба да овозможи редовно да ги вршат своите функции и паралелно да започнат да го намалуваат износот на неплатени долгови од минатото.


Азески побара со Грција да се склучи договор за одбегнување на двојното оданочување


Скопје, 8 февруари, 2018 - 15:04 (META) 

Повторно интензивирање на активностите за склучување на Договор за одбегнување на двојното оданочување помеѓу Македонија и Грција, побара претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, од претседателот на Унијата на Грчките трговско-индустриски комори, Константинос Михалос.

„Стопанската комора на Македонија и Унијата на грчките трговско-индустриски комори уште во 2007 година пред надлежните органи го покренаа прашањето за склучувањето на Договор за одбегнување на двојното оданочување, но заложбите досега останаа без успех. Бизнисот беше тој кој во изминатите години непрекинато ја одржуваше билатералната соработка помеѓу двете земји, дури и кога политичките процеси затајуваа“, се вели во соопштението на Стопанската комора.

Азески во писмото до неговиот колега Михалос напишал дека бизнис-заедниците од двете држави од надлежните органи очекуваат создавање на поволно деловно опкружување и инвестициска клима.

– Нашите компании заеднички можат да постигнат многу, тие можат да бидат клучниот фактор за достигнување на посакуваното ниво на економски раст и развој во двете земји, но за тоа да се случи, на бизнисот мора да му бидат обезбедени потребните услови. Создавањето на предуслови за зголемување на обемот на размената и на инвестициите помеѓу нашите две земји треба непречено да се одвива, без оглед на развојот на политичките процеси – наведува Азески во писмото.

Грција е третиот трговски партнер на Македонија.

Обемот на размена е во постојан пораст – во 2017 година, вкупниот извоз изнесуваше 180,04 милиони евра, со пораст од 21,9 проценти во споредба со 2016 година, додека вкупниот увоз од 546,09 милиони евра има раст од 21,4 проценти во споредба со претходната година.

Обемот на грчките инвестиции во периодот од 2003 заклучно со 2016 година изнесува 157,41 милион евра, при што стотици компании со грчки капитал успешно работат во банкарскиот сектор, енергетиката, секторот на прехранбената и текстилната индустрија, градежништвото и трговијата на мало, вработувајќи повеќе десетици илјади работници.


Кабинет на Иванов: Претседателот не е информиран за каков било договор меѓу Заев и Ципрас


Скопје, 7 февруари, 2018 - 18:30 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов не е информиран за каков било постигнат договор меѓу македонскиот и грчкиот премиер на нивната средба во Давос, на која се темелат јавните изјави на министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, информираат од кабинетот на Иванов за Македонската информативна агенција (МИА).

Оттаму нагласуваат дека на информативната средба во Клубот на пратеници што се одржа на 27 јануари, присутните биле информирани за предложените идеи на медијаторот Метју Нимиц, во рамките на процесот што се води под покровителство на Обединетите нации.

„При информирањето за исходот од средбата во Давос не се спомена каков било постигнат договор или, пак, спогодба за којашто сега јавноста ја информираат грчки претставници. Македонскиот претседател останува на јавниот став искажан по таа средба, а во очекување Владата да ги информира граѓаните на Република Македонија за преземените активности на владините претставници, по однос на ова прашање“, велат од кабинетот на Иванов.


ВМРО-ДПМНЕ: Владата не смее да молчи и да крие детали околу процесот на разговори


Скопје, 7 февруари, 2018 - 15:59 (META) 

Во врска со преименувањето на аеродромот и автопатот, ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема иредентизам во актуелните имиња, се вели во соопштението на партијата.

Од таму додаваат дека би било добро „граѓаните да слушнат дали одлуката на владата е дел од некоја поширока стратегија или повторно станува збор за еднострани постапки од кои Македонија нема никаква корист.“

„Владата не смее да молчи и да крие детали околу процесот на разговори. Во вакви околности, кога се кријат останатите детали, крајно несериозно и многу опасно е јавното лицитирање со одредниците кои се прифатливи. Настапот на премиерот Заев може да има сериозни последици по целиот процес и драматично да ги наруши македонските преговарачки позиции“, се додава во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека „Заев вчера кажа дека била прифатлива географска одредница, но не кажа во чие име говори, и која е таа одредница што за него е прифатлива.“

„Не кажа ниту кој би бил опсегот на употреба, а премолчи и околу тоа дали станува збор само за географска одредница која би била за меѓународна употреба или тоа значи промена и на Уставот, односно уставното име, националноста и јазикот. Исто така, остана неодговорено и прашањето дали оваа географска одредница би имала англиска транскрипција или не. Граѓаните се интересираат и имаат право да знаат дали освен подготвеноста на Заев за географска одредница, тој е подготвен и на отстапки во однос на идентитетските одредници како јазикот, нацијата и меѓународните кодови“, додаваат од ВМРО –ДПМНЕ.

Од партијата велат дека македонската јавност очекува да слушне што точно прифатил Заев на средбата во Давос.

„Доколку не бил постигнат договор во Давос, информациите кои се лиферуваат од грчка страна треба да бидат демантирани, за да не се вознемируваат граѓаните“ се вели во соопштението.


Коѕиас: Нимиц не е надлежен да говори која е политиката на Атина и да ја опишува погрешно


Атина, 3 февруари, 2018 - 10:52 (META) 

Јасно и строго му потенцирав дека, не е надлежен да говори која е политиката на Атина, ниту да ја опишува и тоа на погрешен начин, соопштил министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас што му порачал на медијаторот Метју Нимиц, јавува Македонската информативна агенција (МИА).

Коѕиас преку соопштение информирал дека, имал долг разговор со личниот претставник на Генералниот секретар на Обединетите Нации, по неговата посета на Скопје. Грчкиот шеф на дипломатијата додал дека, преговорите треба да се водат врз основа на она што било договорено во Давос, но и врз основа на ставовите што се поклопуваат.

„Врз основа на брифингот што го имав, за разговорите што ги имаше господинот Нимиц во Скопје, разјаснив дека преговорите не можат да се водат поинаку освен, во продолжение на договореното во Давос. Покрај тоа, секои добронамерни преговори се водат врз база на конвергенциите што веќе се постигнати“, се вели во соопштението.

Коѕиас ја поздравил изјавата на вселенскиот патријарх Вартоломеј кој повикал на трезвеност и воздржаност.


Макрон: Британија би можела да има посебен договор со ЕУ


Лондон, 20 јануари, 2018 - 16:03 (META) 

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Велика Британија би можела да постигне посебен трговски договор со Европската Унија после Брексит.

Сепак, Британија нема да има целосен пристап до поединечни пазари без прифаќање на нивните правила.

-Кога ќе одлучите да не пристапите со заеднички ЕУ предуслови, немате полн пристап. Британија би можела да има длабоки односи со ЕУ, како Норвешка, но го исклучи целосниот пристап на пазарот кога одлучи да ја напушти Унијата – изјави Макрон.


Северна и Јужна Кореја постигнаа напредок во преговорите


Сеул, 9 јануари, 2018 - 18:56 (META) 

Северна и Јужна Кореја постигнаа договор во преговорите чија цел е смирување на тензиите, соопштија двете страни после првата средба на официјални лица по две години. Двете земји се сложиле да ги стивнат сегашните воени тензии и да одржат воени преговори.

После состанокот соопштија дека спортисти и севернокорејски официјални лица ќе отпатуваат на Зимските олимписки игри кои ќе се одржат во Јужна Кореја во февруари.

Северна Кореја ќе испрати во Јужна Кореја делегација која ќе биде составена од претставници на Националниот олимписки комитет, спортисти, навивачи и новинари.

До затоплување на односите дојде откако лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун на први јануари во новогодишното обраќање најави можност за учество на севернокорејските спортисти на олимписките игри во Јужна Кореја и покрај тензиите помеѓу двете тензии поради нуклеарната и балистичката програма на Пјонгјанг.

Јужна Кореја ќе биде домаќин на ЗОИ од 9 до 15 февруари, а Параолимписките игри почнуваат на 9 март.


Македонија и Кина ќе потпишат нов договор за економска соработка вреден 2,5 милиони евра


Скопје, 7 декември, 2017 - 18:36 (META) 

Владите на Македонија и на Кина до крајот на годината се очекува да потпишат нов договор за економска соработка со кој би се обезбедиле околу 2,5 милиони евра што би биле наменети за реновирање на училишта во земјава, но и за финансирање на други проекти што ќе се утврдат како приоритетни од македонската Влада.

Ова било констатирано на денешната средба меѓу вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, и амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Јин Лисјен, на која било разговарано за билатералните односи и за соработката меѓу двете земји, кои, како што било оценето од двајцата соговорници, бележат нагорен тренд.

Новиот договор би бил дел од проектната соработка со Кина, која се реализира во рамки на договорите за економска и техничка соработка потпишани од 2007 година, кои, оттогаш наваму, се потпишуваат најчесто на годишно ниво, а се однесуваат на областите образование, здравство и комуникации.

„Османи изрази огромна благодарност за севкупната финансиска помош која НР Кина ѝ ја дава на нашата земја како во насока на финансирање на инфраструктурни проекти, така и во насока на финансирање проекти во областите кои се од витално значење за Република Македонија. Османи додаде дека и во иднина очекува засилување на оваа соработка, потенцирајќи дека финансиската помош, но и инвестициите кои доаѓаат од НР Кина се добредојдени во Македонија“, стои во соопштението за средбата.


Трамп го призна Ерусалим за главен град на Израел


Вашингтон, 6 декември, 2017 - 21:39 (META) 

Американскиот претседател, Доналд Трамп, објави дека дошол моментот кога Ерусалим треба официјално да биде признат како претстолнина на Израел.

„Одлучен сум дека дојде време официјално да се признае Ерусалим како претстолнина на Израел. Тоа е најдобро и е во интерес на САД во процесот на решавање на ситуацијата на Блискиот Исток“, изјави Трамп.

Тој рече дека САД се решителни во определбата да помогнат да се постигне мировен договор, прифатлив за Израелците и за Палестинците.

„Ќе направам сè за да помогнам да се испочитува тој договор. Не можеме да оствариме напредок ако постојано ги повторуваме истите грешки и неуспеси од минатото. Новите предизвици бараат нови пристапи“, рече Трамп и нагласи дека ова е нов пристап во решавање на судирите на Блискиот Исток.

Американскиот претседател додаде дека досегашното непризнавање на Ерусалим како главен град на Израел, не придонесе за тоа да се постигне мир. Тој го задолжи Стејт департментот да направи план за релокација на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја поздрави оваа, како што рече, историска одлука на американскиот претседател и ги повика и другите држави да ја следат постапката на САД, односно да ги преместат своите амбасади во Ерусалим.

Стотина Палестинци, пак, протестираа денеска во Појасот Газа, против одлуката на Трамп, при што ги запалија американското и израелското знаме.

Франција не ја поддржува одлуката на САД да го признае Ерусалим за претстолнина на Израел, а францускиот претседател Емануел Макрон повика на мир во целиот регион.

„Оваа одлука Франција не ја одобрува, бидејќи е против меѓународните права и сите резолуции на Советот за безбедност на ОН“, изјави Макрон.