!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Заев – Тимоние: Македонија е пред вистинска шанса да зачекори кон стабилна иднина


Скопје, 18 јануари, 2017 - 14:09 (META) 

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорот на Република Франција во Македонија, Кристијан Тимоние.

На средбата била изразена заедничка согласност дека Република Македонија е исправена пред вистинска шанса да зачекори кон стабилна евро-атлантска иднина, во интерес на граѓаните, доколку продолжат демократските процеси во државата.

– Мнозинството граѓани побараа промени на изборите. Околу 612.000 граѓани со пенкало и со глас се спротивставија на режимот и избраа демократски развој на Македонија. Победи концептот на заедништво зад кој застанавме, наспроти концептот на поделби на досегашната власт. Сега е важно волјата на граѓаните да се преточи во институциите – рече Заев.

Лидерот на СДСМ истакнал дека очекувањата на партијата се дека граѓаните ќе добијат нова и одговорна влада, која ќе биде посветена на реформските приоритети од извештајот на Прибе.


СДСМ: Kолку ќе платиме за струјата што треба да ја увеземе следната недела


Скопје, 12 јануари, 2017 - 15:17 (META) 

„Ситуацијата со недостиг на струја е сериозна, ќе се увезува струја и следната недела. Ќе се одлеваат нови милиони евра народни пари за скапиот увоз“, се вели во соопштение на СДСМ.

Во него се додадава дека е распишан нов тендер за увоз на струја за периодот од 14 до 22 јануари.

– Ова на денешната прес-конференција го сокри директорот на АД ЕЛЕМ, Христијан Мицоски. Ако за пет дена плативме 2 милиона евра за увезена струја, колку ќе платиме за струјата што треба да ја увеземе во следните осум дена – прашуваат од партијата преку соопштението.


Мицкоски: Дефектот во РЕК Битола е отстранет, состојбата со струјата е стабилна


Скопје, 12 јануари, 2017 - 12:25 (META) 

Дефектот во РЕК Битола е отстранет и електраната сега работи со полн капацитет, инофрмираше денеска генералниот директор на АД ЕЛЕМ, Христијан Мицкоски.

Според него, земјава во најстудените денови ги задоволила потребите од електрична енергија со 80 отсто од домашно производство.

– И покрај временските услови, успеавме навреме да ги испорачаме потребните количества електрична енергија. Граѓаните не треба да се грижат, така ќе биде и во наредните денови – нагласи Мицкоски.

Тој додаде дека периодот што следува е поволен поволен, бидејќи снегот што се топи ќе ја намали цената на струјата во регионот.

Увозот на струја засега се реализира единствено преку Србија.


Народна банка ја намали основната каматна стапка од 3,75 на 3,5 проценти


Скопје, 11 јануари, 2017 - 14:43 (META) 

Народна банка ја намали каматната стапка на благајничките записи, како основна каматна стапка, од 3,75 на 3,5 проценти.

Ова било одлучено на 10 јануари кога се одржала редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика, на која биле разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

По намалувањето во декември, ова е второ дополнително намалување за 0,25 процентни поени.

– Ваквата реакција на монетарната политика е одраз на понатамошното стабилизирање на очекувањата на економските субјекти и на порастот на структурната ликвидност на банкарскиот сектор – се вели во соопштението на Народна банка.

Каматната стапка на благајничките записи беше зголемена за 0,75 процентни поени, од 3,25 на 4 проценти на 4 мај минатата година, како реакција на Народна банка на зголемената побарувачка на девизи и на притисоците врз депозитната база на банките.

Народна банка и во текот на декември минатата година интервенира со откуп на девизи, шест месеци последователно, со релативно голем износ.

Според податоците од декември, има зголемување на штедењето на населението во банкарскиот систем.


СДСМ: Со скапиот увоз на струја, граѓаните за два дена се оштетени за 300.000 евра


Скопје, 9 јануари, 2017 - 14:12 (META) 

СДСМ ја повикува власта во заминување да престане да крие информации од граѓаните за реалниот ризик, домаќинствата да останат без струја, се вели во соопштението на СДСМ.

– Реалноста е дека Македонија се соочува со недостиг од струја и како што вчера предупредивме, денеска е распишан тендер за нов интервентен увоз на струја. Како што објавивме вчера, на Божиќ бил распишан првиот тендер за итен увоз на струја за 7 и за 8 јануари. За претходните два дена набавена е струја по цена за 36 проценти повисока од увозната цена дозволена од Регулаторната комисија за енергетика. Со тоа граѓаните за два дена се оштетени 300.000 евра – се додава во соопштението на СДСМ.

Оттаму велат дека „да работеа блоковите на РЕК Битола, за чии поправки граѓаните платија стотици милиони евра, сега ќе имаа струја и немаше да бидат оштетени ни денар“.

– Вистината е дека да не е увозот од странство, домаќинствата ќе останат и без струја и без греење на овој поларен студ. Ако земјите од регионот, што сега ѝ даваат струја на Македонија, почнат политики на штедење струја поради студениот бран, граѓаните, семејства со деца, ќе останат без струја – се додава во соопштението на СДСМ.


Граѓаните да останат дома за време на студениот бран, препорачуваат надлежните


Скопје, 5 јануари, 2017 - 19:46 (META) 

Граѓаните да не патуваат и доколку немаат поголема потреба да не излегуваат од дома за време на најавениот студен бран, да носат топла облека, да пијат топли напитоци, а доколку треба да работат на отворено, тоа да го прават со паузи. Ова се дел од препораките на надлежните институции до граѓаните што денеска ги соопштија портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев, портпаролката на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Надица Вчкова, и директорката на Здравствен дом Скопје, Татјана Баевска-Вучковиќ, пренесува македонскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

„Сите надлежни институции на централно и на локално ниво се на терен. Сепак треба да се остане максимално посветен затоа што според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во текот на вечерните часови може да дојде и најверојатно ќе дојде до комбинација на двата фактори – ниската температура и влажноста што е предизвикана од врнежите од снег, кои може да создадат поголеми ризици и предизвици“, изјави Ѓорѓиев на денешната прес-конференција.

Поради врнежите од снег, воведена е забрана за движење на тешки товарни возила на патните правци Охрид – Ресен, Битола – Ресен, преку планинскиот превој Ѓавато, потоа на патот Крива Паланка – граничен премин Деве Баир, Кичево – Охрид, Гостивар – Кичево, како и на кракот Маврово – Дебар. Воздушниот и железничкиот сообраќај се одвиваат без застои. Проблеми во снабдувањето со електрична енергија имало во Тетовско, односно селата Челопек, Стенче, Волковија, Милетово и Теново, како и во општина Шуто Оризари, кои дел веќе биле санирани.

Во Скопје и во околината сите патни правци се проодни, освен кон Брест, Малино и Танушевци, а Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ поради лизгавост на коловозите ги има скратено автобуските линии 65б, 47а, 160, 74, 80а и 81.

Од Автомото-сојузот на Македонија информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива отежнато и во зимски услови, по влажни коловози, а во западниот дел од земјата на места има остатоци од снег, по интервенција на екипите на „Македонија пат“.


Надлежните делумно го чистат снегот од патиштата и од улиците во Тетово и во околината


Тетово, 5 јануари, 2017 - 16:12 (META) 

Патните правци кон некои шарпланински села не се доволно исчистени, а во Тетово од снег се чистат само главните улици, велат граѓани од Полошкиот Регион.

– Патот што води кон нашето село, Селце на Шар Планина, не се чисти. Треба локалните власти повеќе да се ангажираат и да ги чистат патиштата од снегот. Некои возила не можат да се движат по овој пат – вели жител на Селце.

Жителите на Тетово велат дека во градот од снежните наноси се чистат само главните улици, а за споредните улици и за сокаците, според нив, никој не води грижа.

– Не се чисти. На улиците има снег, сега се најавува пониска температура, сè ќе замрзне, ќе биде лошо, ќе се лизга, ќе искршиме и раце и нозе и сè – вели жителка од Тетово.

Од Општина Тетово, и покрај поплаките на граѓаните, велат дека во рамки на можностите ги одржуваат улиците во градот и патните правци што водат кон селата од Шар Планина.

„Снежните врнежи продолжуваат со висок интензитет. Сообраќајот во градот се одвива слободно, но во зимски услови. Расчистени се и проодни се градските булевари, кружните текови во градот, како и споредните улици. Исто така, проодни се и патиштата кон селата Шипковица, Бродец, Вешала, Бозовце, како и влезните делови на селата Расадиште, Гајре и Лисец. Проблеми се појавуваат во патниот правец Селце – Вејце, каде поради дефект на механизацијата, ангажирана е дополнителна механизација, која се очекува да го оспособи патот“, стои во писменото соопштение на Општина Тетово испратено до медиумите.

Градските власти апелираат граѓаните да не излегуваат без никаква потреба со возила, да не го фрлаат снегот на улица и да не се паркираат паралелно низ улиците. Поради непрекинатите снежни врнежи, целата механизација, како и човечките капацитети, како што посочуваат од Општинате, ќе работат непрекинато до нормализирање на патниот сообраќај.

Автопатиштата низ Западна Македонија се проодни, а сообраќајот непрекинато се одвива и кон скијачкиот центар Попова Шапка, каде има воведено забрана за тешка товарни возила.


СДСМ: Интервју во 100 продолженија да направи Груевски, тоа не менува ништо за него


Скопје, 5 јануари, 2017 - 15:47 (META) 

„Интервју во 100 продолженија да направи Груевски, да го помножи со 100 лицемерството кон граѓаните што ги потцени, ништо не менува тоа за него“, се вели во реакцијата на СДСМ во врска со „мегаинтервјуто“ на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за интернет-изданието на неделникот „Република“.

Од СДСМ велат дека мнозинството, повеќе од 612.000 македонски граѓани, на изборите на 11 декември го поддржале концептот на заедништво, наспроти концептот на поделби на досегашната власт.

„Граѓаните одлучија – доста е од политичари како Никола Груевски кој им ги уништи животите, ги делеше, поттикнуваше омраза, нетрпеливост меѓу луѓето, меѓуетнички провокации и сега сака да ја изолира Македонија од светот, за да се обиде да се спаси од одговорност. Тоа што Груевски и последните денови во политиката ги употреби во настојувања да ја скара Македонија со светот, преку реториката на конфликт со преставниците на меѓународната заедница и државите пријатели на Македонија, е најниското, најдрското и најштетното што некој политичар ѝ го направил на државата“, стои во реакцијата од СДСМ.

Оттаму додаваат дека граѓаните од сите националности во земјава – Македонци, Албанци, Срби, Турци, Власи, Роми, Бошњаци порачаа дека „не дозволуваат повеќе никој да ги навредува, да ги дели, да ги лаже и да управува со нивните животи“.

„Никола Груевски е минато… Доаѓа нова одговорна влада на граѓаните на Македонија… Одговорни институции ќе се грижат за потребите на граѓаните, за нивната слобода, ќе обезбедат правда и правичност, и живот“, велат од СДСМ.


Град Скопје апелира граѓаните да го расчистуваат снегот пред објектите


Скопје, 5 јануари, 2017 - 12:33 (META) 

Поради најавениот екстремно студен бран со ниска температура во текот на наредните денови, Градот Скопје апелира до граѓаните, куќните совети и до сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска и да го исчистат снегот од приодите до нивните објекти.

– Доколку навреме не се исчисти снегот од приодите до објеките, постои можност од појава на голомразица што ќе го отежни движењето на граѓаните и извршувањето на секојдневните обврски – се вели во соопштението на Град Скопје.

Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да ја прилагодат брзината на движење на условите на патот.

– Потсетуваме дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и одредени градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување – додаваат од Град Скопје.


ДЗС: Граѓаните да ги почитуваат препораките, a институциите да бидат на располагање


Скопје, 4 јануари, 2017 - 16:10 (META) 

Граѓаните навремено да се информираат за промените во временските услови, да ги почитуваат одредбите за управување со возила во зимски услови и да се зголеми подготвеноста на институциите за да ги вклучат расположливите капацитети и средства, беше кажано на состанокот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) со надлежните институции, а во врска со најавените временски услови со поларна температура и со врнежи од снег кои се очекуваат од утре.

– Препорачано е и да се дадат навремени упатства за движење на моторни возила на критични точки, а локалната самоуправа да ги стави во подготвеност своите сили и опрема – информираат од ДЗС.

На состанокот биле присутни претставници од министерствата за здравство, локална самоуправа, внатрешни работи и за финансии, АРМ, Агенцијата за електронски комуникации, МЕПСО, ЕЛЕМ, ЕВН, УХМР, Црвениот крст, Федерацијата на планинарски спортови, Воено-медицинскиот центар и Агенцијата за храна и ветеринарство.