!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Парламентарни избори во Германија на 24 септември


Берлин, 24 јануари, 2017 - 19:55 (META) 

Претседателот на Германија Јоаким Гаук соопшти дека парламентарните избори во земјата ќе бидат одржани на 24 септември, како што претходно предложи германската влада.

Гаук соопшти дека го прифатил предлогот на владата изборите да бидат одржани последната недела од септември.
Се очекува националистичката партија Алтернатива за Германија да влезе во парламентот благодарение на антимигрантското расположение во земјата. Според анкетите, оваа партија засега ужива доверба кај 12 отсто од Германците.

Канцеларката Ангела Меркел ќе се обиде да го добие четвртиот мандат за формирање влада, но неизвесно е кој ќе влезе во коалиција со нејзините демохристијани ако Алијансата успее да земе значаен дел од гласовите на другите партии.
Демохристијаните водат во анкетите со 36 отсто поддршка, а веднаш зад нив се Социјалдемократите, малцинскиот партнер во владата, со околу 21 отсто.


Штајнмаер: На светот му претстојат немирни времиња


Берлин, 22 јануари, 2017 - 18:12 (META) 

Германскиот министер за надворешни работи и најверојатно иден претседател на Германија, Франк Валтер Штајнмаер, во својот авторски напис објавен како воведник во неделното издание на весникот „Билд“, изборот на Доналд Трамп за нов претседател на САД го карактеризира како пресек во светската историја, пренесува ХРТ.

„Како и секогаш кога е во прашања примопредавањето на власта, постојат нејаснотии, двојби и непознаници околу насоките на новото водство. Но, во ова време на нов глобален неред, уште многу работи се на коцка. Со изборот на Доналд Трамп, стариот свет на 20 век дефинитивно е зад нас“, пишува Штајнмаер за „Билд“.

Сепак, Штајнмаер укажува и на тоа дека на власт во Вашингтон не стапува само Трамп, туку и неговиот тим.

„Ќе бидеме подготвени за дијалог и на новата администрација на САД ќе ѝ ги појасниме нашите ставови, вредности, но и интереси“, најавува Штајнмаер, изразувајќи оптимизам дека во Вашингтон и понатаму ќе има добар партнер.

„Се надевам дека во Вашингтон ќе наидеме на соговорници кои внимателно ќе слушаат, бидејќи и тие се свесни дека и на големите земји им требаат партнери“, заклучува Штајнмаер.

Изборот на Штајмаер за нов претседател на Германија е сè поизвесен бидејќи ја има поддршката на двете најголеми сили во т.н. Сојузно собрание, тело кое се состанува само за избор на претседател.

Неговото место на министер за надворешни работи, според последните информации, би требало да го преземе доскорешениот претседател на Европскиот парламент, Мартин Шулц.


Обама последен пат како претседател телефонски разговарал со Меркел


Вашингтон, 20 јануари, 2017 - 10:36 (META) 

Последниот телефонски разговор како претседател, Барак Обама го имаше со германската канцеларка, Ангела Меркел.

Својот последен работен ден во Белата куќа, претседателот во заминување, Барак Обама, го мина, меѓу другото, поздравувајќи се со своите соработници, но и со странските колеги, а последниот претседател со кој во телефонски разговор се поздравил била германската канцеларка Ангела Меркел.

„Тој ѝ се заблагодари за осумгодишното пријателство и партнерство“, соопшти Белата куќа.

Обама во таа пригода истакнал дека е сосема разбирливо неговиот последен повик да биде упатен до канцеларката Меркел.

Обама, како што се наведува, ѝ за заблагодарил на канцеларката за нејзиното „силно, храбро и стабилно лидерство“.
Тесната соработка на Вашингтон и на Берлин, како и меѓу САД и Европа е пресудна за трансатлантските односи, оцениле Меркел и Обама во својот последен официјален разговор.


Трамп: ЕУ е инструмент на Германија, а по Британија, и други ќе ја напуштат Унијата


Лондон, 16 јануари, 2017 - 10:53 (META) 

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп оцени дека Европската Унија станала инструмент за Германија и дека по Велика Британија, и други земји членки ќе ја напуштат Унијата.

Во заедничко интервју за најтиражниот германски весник „Билд“ и за британскиот весник „Тајмс оф Лондон“, Трамп вели дека германската канцеларка Ангела Меркел е најмоќниот европски лидер, но дека направила „катастрофална грешка“ примајќи повеќе од милион бегалци.

– Ако ја погледнете ЕУ, тоа е суштински инструмент за Германија – изјави Трамп, притоа поврзувајќи го прашањето за мигрантите со британскиот референдум за излез од ЕУ.

Трамп изразил уверување дека Брексит не би се случил доколку земјите на ЕУ, со сите сопствени проблеми, не биле принудени да прифатат толкав број беглаци. Тоа, според него, била последната капка што ја прелеала чашата.

Тој оцени дека Велика Британија постапила паметно кога одлучила да излезе од ЕУ.

– Земјите сакаат свој идентитет и Обединетото Кралство го сака својот идентитет. Луѓето не сакаат други да им доаѓаат и да им ја уништуваат земјата. Во оваа земја (САД) ќе имаме многу јаки граници од денот кога ќе дојдам на функција – рече Трамп, оценувајќи дека и други земји од ЕУ ќе тргнат по патот на Британија.

Говорејќи за надворешно-политичките цели на својот мандат, Трамп рече дека приоритет ќе му биде да направи праведни трговски договори за САД и да го намали трговскиот дефицит на САД со остатокот од светот, особено со Кина.
На прашањето за можна спогодба со Русија, Трамп вели дека таа би требало да вклучува „значително намалување“ на нуклеарното оружје во замена за укинување на американските санкции.

За инвазијата на Ирак во 2003 година, Трамп вели дека тоа веројатно била најлошата одлука донесена во историјата на САД, а кога станува збор за Сирија, смета дека треба да бидат формирани безбедносни зони.

Трамп за НАТО вели дека застарела и оти сите членки не плаќаат колку што треба, но оти тој воен сојуз за него е „особено важен“.


Во Германија уапсен државјанин на Србија кој планирал напад


Берлин, 15 јануари, 2017 - 18:09 (META) 

Германската полиција уапси 28-годишен државјанин на Србија кој е осомничен дека е исламист кој планирал напад во Германија, јавија германските медиуми. Тој моментално се наоѓа во притвор, каде што чека депортација која би можела да се случи наскоро.

Осомничениот пред неколку недели бил в затвор, но по излегувањето на слобода, кај надлежните органи веднаш се појавил сомнеж дека би можел да планира напади, поради што бил означен како „опасен“.

Србинот одржувал контакти со една мрежа на исламисти, а можно е по примерот на терористот Анис Амри да сакал со камион да влета во поголема група луѓе.

Бидејќи полицијата не го исклучила сомневањето дека тој своите планови би можел да ги претвори во дело, го уапсила во неговиот стан во Оберхаузен.

Судот потоа го прифатил барањето на имиграционата служба, која побарала негова депортација.


Во Германија уапсени две лица со 155 килограми експлозив


Берлин, 14 јануари, 2017 - 12:24 (META) 

Германската полиција во местото Лаутеркен пронашла 155 килограми експлозив, поради што уапсила две лица. Против двете лица на возраст од 18 и 24 години ќе бидат поднесени обвиненија поради поседување експлозив и поради подготвување терористички напад.

Државното обвинителство ги проверува информациите според кои осомничените имаат врска со терористичката група „Олд скул сосајети“.

Се смета дека таа терористичка организација е разбиена откако во мај 2015 година повеќето од членовите биле уапсени.

За време на сослушувањето, двајцата уапсени негирале дека планирале терористички напад и дека пронајдениот експлозив бил наменет за приватна употреба.

За време на претресот на семејниот стан на 18-годишникот, полицијата пронашла експлозивна направа која тој самиот ја направил, повеќе од 150 килограми илегални пиротехнички средства и експлозиви, како и неонацистички симболи.


Напаѓачот од Берлин користел 14 различни идентитети


Берлин, 5 јануари, 2017 - 15:37 (META) 

Германските власти утврдиле дека напаѓачот кој на божиќниот панаѓур во Берлин со камион уби 12 лица, Тунижанецот Анис Амри, користел 14 различни идентитети, соопшти германската полиција.

Како што се наведува во соопштението, Амри дошол во Германија на средината на 2015 година и набргу успеал да се најде на листата на потенцијално опасни исламистички екстремисти, а против него паралелно е водена истрага поради остварување права под два различни идентитета.

Според наводите на началникот на полицијата на Северна Рајна – Вестфалија, Дитер Шуерман, властите не нашле цврсти докази дека планира напад.
Амри (24) на 19 декември со камион влета меѓу посетителите на традиционалниот божиќен панаѓур во Берлин и уби 12 лица, а на 23 декември беше убиен во пресметка со италијанската полиција во Милано.


Австрија од 1 јануари го презема претседавањето со ОБСЕ


Виена, 30 декември, 2016 - 10:17 (META) 

Од 1 јануари 2017 година, Австрија го презема претседавањето со Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ). Претседавањето со ОБСЕ, кое трае една година, Австрија го презема од досегашниот претседавач, Германија.

Австриското претседавање со организацијата доаѓа во многу чувствителен момент, поради украинската криза, која сè уште не е решена, а предизвика и влошување на односите меѓу Западот и Русија.

Шефот на австриската дипломатија, Себастијан Курц, во врска со претседавањето со ОБСЕ, најави дека планира приближување на односите со Русија.

Курц изјави дека Русија повеќепати ја „поминала црвената линија“, но дека нема мир во Европа без Москва.

Тој очекува по преземањето на претседателството, во најкус можен рок да ги посети Русија и Украина, за да разговара за можно решение на конфликтот.


Во Германија уапсен уште еден Тунижанец осомничен за нападот во Берлин


Берлин, 28 декември, 2016 - 16:57 (META) 

Германските власти привеле Тунижанец за кој се верува дека е вмешан во нападот со камион на божиќниот панаѓур во Берлин, во кој загинаа 12 лица.

Федералното обвинителство денеска соопшти дека 40-годишен маж е приведен за време на рација во неговата куќа и во канцеларијата во која работел.

Телефонскиот број на осомничениот бил зачуван во мобилниот телефон на Тунижанецот Анис Амри, осомничениот напаѓач кој италијанската полиција го уби во Милано. Истрагата посочува дека новоприведениот можеби е вмешан во нападот.

Обвинителството има рок до утревечер да одлучи дали има случај против него и би можело да побара официјален налог за апсење.

Во нападот од 19 декември во Берлин загинаа 12 лица, а повредени беа 50. Одговорноста за нападот ја презеде Исламска држава.


Момчиња се обиделе да запалат бездомник во Германија


Берлин, 27 декември, 2016 - 14:22 (META) 

Германската полиција испитува седум момчиња осомничени за обид да се запали бездомник на метро-станица во Берлин за време на божиќните празници во земјата.

Осомничените се на возраст од 15 до 21 година, соопшти полицијата.

Полицијата наведе дека шест од осомничените во понеделникот ѝ се предале на полицијата, додека седмиот е уапсен откако се објавени фотографии од надзорните камери и снимки од воз.

Триесет и седумгодишниот бездомник спиел на метро-станицата Шонлајнштрасе кога околу 2 часот наутро, во ноќта меѓу сабота спрема недела, му била запалена облеката.

Минувачите го изгасиле огнот на хартијата со која се прекривал, а машиновозачот со апарат за гаснење пожар спречил пожарот да се прошири.

Бездомникот не е повреден во инцидентот.