!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Катар поднесе жалба до Светската трговска организација против три арапски земји


Доха, 1 август, 2017 - 11:04 (META) 

Катар поднесе жалба до Светската трговска организација против три од четирите арапски земји што ги прекинаа дипломатските односи со Доха.

Во жалбата се наведува дека Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин ги кршат законите и договорите за трговија.

Тие три земји заедно со Египет на почетокот на јуни ги прекинаа дипломатските односи и сообраќајни врски со Катар, обвинувајќи дека оваа држава го поддржува тероризмот, што Катар го негира.

Бојкотирајчи го Катар, се наведува во жалбата, не се нанесува штета само на државата која е најголем извозник на течен природен гас на светот, туку и на неговите трговски партнери.

Според правилата на Светската трговска организација, засегнатите страни во спорот имаат рок од 60 дена да го решат проблемот низ преговори. Доколку не успеат, Катар може да бара основање на независна комисија која може да ги натера трите земји да ја прекинат изолацијата или да ги казни.

Катарскиот министер за економија и за трговија во меѓувреме во Женева се состанал со претседателот на Светската трговска организација и со адвокати кои се специјализирани за трговски спорови.


Експлозија во летувалиште во Албанија


Тирана, 28 јули, 2017 - 15:31 (META) 

Најмалку 20 лица се повредени при експлозија на гас во северозападното албанско туристичко место Велипоје, јавуваат албанските медиуми.

Експлозијата се случила во кујна на ресторан на прав кат од хотелски комплекс, по што избил пожар. Како што јавува агенцијата ИНА, повредени се меѓу 20 и 30 лица, од кои пет потешко.

Во моментот на експлозијата туристите спиеле. Евакуирани се жителите на околните куќи.

Албанските портали објавија фотографии на кои се гледа пожар од големи размери и облак од црн чад кој го покрива местото. Пожарникари го гасат пожарот, а имаат помош и од волонтери.

Велипојe е едно од омилените туристички дестинации на жителите на северот на Албанија.


Во мај биле потрошени 549.074 мегават-часови електрична енергија


Скопје, 25 јули, 2017 - 13:07 (META) 

Во мај годинава, потрошени се 549.074 мегават-часови електрична енергија, 4.120 милиони кубни метри природен гас, 442.930 тони јаглен и 85.513 тони нафтени продукти, објави Државниот завод за статистика.

Домашното бруто-производство на електрична енергија учествува со 66,7 проценти во домашната бруто-потрошувачка, додека 92,7 проценти од вкупната потрошувачка на јаглени се употребени за производство на електрична енергија.


ОМВ и „Газпром“ го оживуваат проектот „Јужен тек“


Виена, 14 јуни, 2017 - 10:59 (META) 

Австриската нафтена компанија ОМВ и руски „Газпром“ го оживуваат проектот за гасоводот „Јужен тек“, кој заобиколувајќи ја Украина треба да го донесе гасот од Русија до Виена, пишува австриски „Стандард“.

Како што појаснува австрискиот медиум, станува збор за гасовод кој преку Црно Море треба да стигне не само до Југоисточна Европа, туку и до Централна Европа.

Пред десетина дена, австрискиот канцелар Кристијан Керн разговарал со рускиот претседател Владимир Путин по повод учеството на Меѓународниот економски форум, но медиумите пишуваат дека информациите за гасоводот, барем засега, се кријат од јавноста.

Според аналитичарите, реализацијата на проектот нема само економска заднина, туку би имала и геополитички импликации.


Анѓушев: Потребни се реформи во енергетиката кои неколку години беа замрзнати


Дурштајн, 11 јуни, 2017 - 11:34 (META) 

Заменик-претседателот на Владата, Кочо Анѓушев, учествувал на неформалниот состанок на министри за енергетика, индустрија и за трговија кој се одржал во Дурштајн, Австрија.

Неформалниот состанок се одржал на иницијатива на еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, и на директорот на секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач.

Главна тема на состанокот била измената и дополнувањето на Договорот за Енергетска заедница, во чие креирање Македонија активно учествува, информираат од кабинетот на вицепремиерот.

– Енергетската заедница е во право кога вели дека Македонија е една од земјите што има најмногу неусогласености на домашното законодавство со Договорот за енергетска заедница, а токму поради тоа и ја оценува нашата земја како последна во регионот во однос на спроведување на реформи во енергетскиот сектор. Неколку години реформите во енергетиката се замрзнати, нашата работа ја почнуваме како последни во регионот, но верувам дека тоа ќе го смениме и ќе го фатиме чекорот со другите земји од Западен Балкан. Ќе работиме посветено, професионално и одговорно за да ги забрзаме реформите во енергетскиот сектор – истакнал Анѓушев во обраќањето.

Анѓушев дополнил дека владата интензивно ќе работи на нов закон за енергетика, во кој би биле имплементирани одредби за третиот пакет на либерализација на пазарот за гас и за електрична енергија.

Воедно ќе се работело и на нов закон за енергетска ефикасност преку кој ќе се изврши усогласување со директивите за енергетска ефикасност и за енергетски перформанси на објектите.


Намалена цена на парното ќе го намали загадувањето


Скопје, 2 март, 2017 - 14:54 (META) 

Искористување на парното греење и намалување на цената на услугата за корисниците за околу 25 проценти, ќе значи и намалување на проблемот со загадувањето во Скопје.

Ова е еден од главните заклучоци на студијата „Дефинирање на техно-економска оптимална и еколошки одржлива структура на греење и имплементирање на централизирано снабдување со санитарна топла вода на градот Скопје“, изработена од Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и од Центарот за енергетска ефикасност на Макeдонија (МАЦЕФ).

„Споредбената анализа на различни типови и системи за греење покажува дека централниот систем за топловодно греење претставува економски исплатливо греење во густо населените региони. Во регионите по периферијата на градот, исплатливо е греење на топлински пумпи и инвертер клима-уреди, а конкурентно е и индивидуалното греење со природен гас“, вели професорот од Машински факултет, Ристо Филкоски.

Во главните заклучоци од студијата се наведува дека загадувањето во Скопје се должи на сообраќајот, особено при употреба на автомобилите на мали релации и во услови на сообраќаен метеж.

Заклучено е дека големото загадување се должи и на згуснатите урбанистички решенија, зголемениот број на жители и на неприродното растење на градот.

Во студијата се наведува и појавата на температурна инверзија, карактеристична за котлините, поради што долните слоеви на воздухот се задржуваат во „затворена состојба“, што значително ја ограничува можноста емисиите што се создаваат во градот да се дистрибуираат повисоко во атмосферата.


Повеќе од 80 отсто од потрошената електрична енергија била од домашно производство


Скопје, 24 февруари, 2017 - 13:50 (META) 

Во декември минатата година, вкупно се потрошени 840.394 мегават-часови електрична енергија, 46.663 милиони кубни метри природен гас, 469. 206 тони јаглен и 87. 872 тони нафтени продукти, објави Државниот завод за статистика.

Домашното бруто-производство на електрична енергија учествува со 81,1 отсто во домашната бруто-потрошувачка на електрична енергија, додека 95,6 отсто од вкупната потрошувачка на јаглени се употребени за производство на електрична енергија.


Русија се обидува да нè држи за врат, тврди Лукашенко


Минск, 3 февруари, 2017 - 15:43 (META) 

Белорускиот претседател, Александар Лукашенко, денеска остро ја критикуваше Русија на прес-конференција во Минск, обвинувајќи го Кремљ за кршење на спогодбата меѓу блиско поврзаните соседи и со користење на фактот дека ги снабдува со енергија „за да ги држи за врат“.

Говорејќи пред околу педесетина белоруски и странски новинари во Минск, Лукашенко рече дека Русија ги „прецртала“ пограничните спогодби со Белорусија со „еден потег на перото“.

Реакцијата на Лукашенко се однесува на руските обиди да воспостават контрола над нивната заедничка граница, откако Белорусија соопшти дека ќе воведе виза за краток престој за околу 80 држави од светот, од 9 февруари.

Белорускиот претседател сугерирал дека Русија се обидува да го засили своето внимание над помалите држави, барајќи да има контрола над гасоводите и користејќи го снабдувањето со гас и со нафта за покажување моќ.

– Русија често земала нафтоводи и гасоводи. Тоа се случува и сега исто така. По таквите конфликтите секогаш ми велат „отидовме малку предалеку“. Но, зошто ни одземате витални работи? Зошто нè држите за врат – праша Лукашенко.

Белорускиот претседател рече дека „независноста не може да се споредува со нафта и дека неговата земја, која за снабдување со енергија се потпрела на Русија, ќе пронајде други извори за нафта и за гас, кои им се потребни.


Производството на електрична енергија учествува со 79,8 проценти во потрошувачката


Скопје, 25 јануари, 2017 - 14:55 (META) 

Во ноември 2016 година сме потрошиле 695.934 мегават-часови електрична енергија, 33.459 милиони кубни метри природен гас, 464.200 тони јаглен и 97.561 тони нафтени продукти, објави Државниот завод за статистика.

Домашното бруто-производство на електрична енергија учествува со 79,8 проценти во домашната бруто-потрошувачка на електрична енергија, додека 94,6 проценти од вкупната потрошувачка на јаглени се употребени за производство на електрична енергија.


Неприлагодена брзина на возот, можна причина за несреќата во Хитрино


Хитрино, 11 декември, 2016 - 14:05 (META) 

Неприлагодена брзина на возот при влез во железничката станица е една од можните причини за несреќата во Хитрино, во која воз излета од шините и настана експлозија на превезуваниот гас, јавува дописничката на „Мета“ од Бугарија.

Причината за несреќата денеска ја соопштил Станко Станков, сопственикот на компанијата „Булмаркет“, која го превезувала гасот, а истата била потврдена и од истрагата на црната кутија во првата локомотива. Црната кутија на втората локомотива ќе се декодира денеска.

Според Станков, возот се движел со брзина од 70 километри на час, наместо дозволените 40 километри на час.

Станков ги отфрлил обвинувањата дека приватните превозници ги преоптоваруваат возовите и возат пребрзо, непочитувајќи ги правилата за безбедност.

„Имаме искуство во железничкиот превоз повеќе од 10 години и никогаш не сме ги прекршиле правилата. Контролата од страна на институциите е многу строга. Ние немаме интерес за да ги прекршуваме правилата, лиценцата за работа не се дава лесно,“ изјави Станков.

Тој информирал дека ќе има внатрешна истрага за инцидентот, а веќе разговарале со машиновозачите кои изјавиле дека возот се движел со голема брзина.

Во Хитрино е прогласена вонредна состојба која ќе трае сè додека не се добие потврда за целосна безбедност на теренот.

Луѓето во селото се евакуирани, а денеска продолжува ладењето на цистерните, за потоа да почне нивното отворање, процес кој е комплексен и опасен.

Во несреќата загинаа седум лица, а 20 објекти биле опожарени.