!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

СДСМ: Пропадна и последниот обид да се заштити криминалот на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 17 август, 2017 - 17:07 (META) 

Со разрешувањето на Марко Зврлевски, пропадна последниот обид на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) да го заштити криминалот во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, велат од СДСМ.

Од владејачката партија велат дека „наместо да спречува корупција, криминал и злоупотреби“, Комисијата во изминатите години работела селективно, непрофесионално и исклучиво во заштита на криминалот и корупцијата на ВМРО-ДПМНЕ со што станала „соучесник во криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ“.

„Преку селективно постапување, преку криење на имотни листови на Никола Груевски и соработниците, преку игнорирање и отфрлање на пријави против функционери од ВМРО-ДПМНЕ и преку сегашниот претседател кој бил донатор на ВМРО-ДПМНЕ, Државната комисија за спречување корупција докажа дека работи под контрола на ВМРО-ДПМНЕ и во заштита на криминалот во нивните редови и ја докажува потребата од ослободување и професионализација на државните институции“, стои во соопштението од СДСМ.

Антикорупциската комисија на барање на ВМРО-ДПМНЕ вчера достави мислење според кое во периодот пред изборите не треба да се расправа и да се разрешуваат државни функционери.


Собранието го разреши Марко Зврлевски


Скопје, 17 август, 2017 - 15:49 (META) 

Со 64 гласа за, без гласови против и воздржани, Собранието на Република Македонија пред малку го разреши од функцијата Јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски.

Пред самото гласање, Илија Димовски кажа дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да да присуствуваат и да гласаат и повтори дека целата постапка е незаконска и тие ја напуштија салата пред гласањето.

На ова му претходеше расправа меѓу претседателот на Собранието Талат Џафери и Димовски околу известувањето од Антикорупциската комисија за (не)законитоста на постапката за разрешувањето на Зврлевски.

Со тоа денеска заврши 13-тото продолжение на 6-тата седница.

Потоа Собранието продолжи со петтата седница.


Џафери ја помести седницата за 15 часот, Димовски најавува „повеќе реакции“


Скопје, 17 август, 2017 - 11:37 (META) 

Наместо во 11 часот, како што утрово првично беше најавено од стручните служби на Собранието, првата пленарна седница денеска ќе почне во 15 часот. Според новото соопштение од Собранието, распоредот за работа нема да се смени – првин ќе се одржи продолжението на 8-та седница, на чиј дневен ред се 12 точки, меѓу кои и изборот на заменици на генералниот секретар на Собранието, но и измените на законот за зголемување на минималната плата.

Потоа пратениците ќе го почнат  13-то продолжение на 6-тата седница, на кое би требало да се гласа за разрешувањето на Јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски.
Претседателот на парламентот вчера најави дека денеска ќе се гласа за предлогот на владата за разрешување на Зврлевски, откако попладнето пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата повикувајќи се на писмото од Антикорупциската комисија која смета дека во периодот пред изборите не треба да се расправа и да се разрешуваат државни функционери.

Илија Димовски вчера изјави дека таквото постапување е спротивно на Изборниот законик. Денеска за „Мета“  тој најави дека ќе уследат повеќе реакции од ВМРО-ДПМНЕ „за грубо кршење на законот“.


СДСМ: Јавниот долг е намален за 31,4 милиони евра во однос на првиот квартал


Скопје, 17 август, 2017 - 11:30 (META) 

Со празните обвинувања за наводно трошење на девизните резерви, ВМРО-ДПМНЕ покажува основно непознавање на управувањето со финансиите, бидејќи се работи за плаќање преку единствената државна сметка на кредитите и доспеаните рати за стари долгови, се вели во реакцијата на СДСМ на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се додава дека „ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со очигледната разлика во управувањето со државните пари.“

„Преку одговорно и транспарентно работење, владата предводена од СДСМ го исплати долгот кон „Дојче банка“ во висина од 77,3 милиони евра, а јавниот долг го намали за 31,4 милиони евра во однос на првиот квартал“, се додава во соопштението.


Јовановиќ: Со ребалансот пративме порака, ќе кратиме на „чоколадо“ а ќе трошиме за „леб“


Скопје, 17 август, 2017 - 10:42 (META) 

„Министерот за задолжување“, Драган Тевдовски за 70 дена успеа да стопи цели 126 милиони евра пари на граѓаните од девизните резерви, се вели во утринското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

До сега, откако ВМРО-ДПМНЕ се опозиција, најголем дел од утинските партиски соопштенија се однесуваат на обвинувања за задолжувањето на оваа влада.

Иако министерот за финансии, Драган Тевдовски неколку пати кажа дека владата до сега повеќе се раздолжила отколку што се задолжила, со став на фејсбук-профилот излезе и советникот на Тевдовски, економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

„Откако ние влеговме во Министерството за финансии, се задолживме седум пати на домашниот пазар, во вкупен износ од околу 145 милиони евра. Истовремено, се раздолживме околу 95 милиони евра на домашниот пазар и 75 милиони евра во странство, кредитот од „Дојче банк“,“ вели Јовановиќ.

Според него, еднакво важно како движењето на долгот е и неговата цена, односно каматната стапка, а стапките по кои тие се задолжуваат се многу пониски од стапките на долгот кој го враќаат.

„Така, просечната стапка по која ние се задолжувавме е околу 2,5 проценти, додека каматната стапка на долгот кон „Дојче банк“ кој го вративме беше 6,5 проценти. Најважно од сè, сепак, е на што ќе се трошат овие пари, а тука ја направивме и најголемата промена. Со ребалансот на буџетот пративме јасна порака дека ќе кратиме на „чоколадо“, а ќе трошиме за „леб“. Скративме трошоци за „Скопје 2014“, за репрезентација, за патувања, за коли, а предвидовме средства за зголемување на минималната плата, за решавање на проблемот на стечајците, за подобро здравство, за вработување на младите“, додаде Јовановиќ.

Според него, законите за минималната плата и за стечајците до денеска беа заглавени во Собранието, заради блокадата, но се надева дека по повлекување на опозицијата од расправата за јавниот обвинител, конечно ќе може да се донесат.


Собраниските служби и официјално најавија дека денеска ќе се гласа за Зврлевски


Скопје, 17 август, 2017 - 9:58 (META) 

Во Собранието на Република Македонија денеска треба да се одржи 13-то продолжение на 6-тата седница, на кое би требало да се гласа за разрешувањето на Јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски, според вчерашната најава од претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Прво, според денешната најава на собраниските служби, ќе одржи продолжението на 8-та седница, на чиј дневен ред се 12 точки, меѓу кои и изборот на заменици на генералниот секретар на Собранието. На оваа седница ќе се гласа и за измените на законот за плати со кои ќе се зголеми минималната плата.

Претседателот на парламентот вчера најави дека денеска ќе се гласа за предлогот на владата за разрешување на Зврлевски, откако попладнето пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата повикувајќи се на писмото од Антикорупциската комисија која смета дека во периодот пред изборите не треба да се расправа и да се разрешуваат државни функционери.

Џафери смета дека Државната комисија за спречување на корупција неовластено се обраќа до Собранието и го прекршува Деловникот за работа.

– Претседателот на Собранието, не се обрати до Државната комисија за спречување на корупција имајќи предвид дека автентичното толкување на одредени закони според Деловникот е надлежност на Собранието. Писмото на ДКСК не произведува формално-правни обврски кон мене и кон Собранието кое е највисок законодавен орган и не може да ја попречи работата на Собранието. Претседателот на Собранието не се обрати до оваа Комисија – рече Џафери на крајот на вчерашното продолжение на 6-та седница.

Според Илија Димовски, координаторот на првата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ,  разрешувањето на Зврлевски е „дрско и арогантно кршење на законот, досега невидено во Македонија“


Димовски: Џафери дрско и арогантно го крши законот со најавата дека ќе се гласа


Скопје, 16 август, 2017 - 22:25 (META) 

Илија Димовски, кооординаторот на една од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ вели дека најавата на Џафери дека утре ќе се гласа за предлогот на Владата за разрешување на Зврлевски, е „дрско и арогантно кршење на законот, до сега невидено во Македонија“, како и дека „одговорноста е најмногу на Џафери, а граѓаните ја гледаат и ќе ја казнат адекватно“.

– Тоа е спротивно на закон. Се крши Изборниот законик, а одговорноста е најмногу на Џафери.
Вакво дрско и арогантно кршење на закон до сега не е видено во Македонија. Граѓаните ја гледаат оваа дрскост и ќе ја казнат адекватно – вели Димовски за „Мета“.

Претседателот на парламентот Талат Џафери најави дека утре ќе се гласа за предлогот на владата за разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски, откако попладнево пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата повикувајќи се на писмото од Антикорупциската комисија која смета дека во периодот пред изборите не треба да се расправа и да се разрешуваат државни функционери.

– Денес утврдив дека е исцрпена листата на пријавени за збор и во продолжение на оваа седница утре ќе се гласа за предлогот на Владата за разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија – рече Џафери во изјава за ТВ21.

Џафери смета дека Државната комисија за спречување на корупција неовластено се обраќа до Собранието и го прекршува Деловникот за работа.

– Претседателот на Собранието, не се обрати до Државната комисија за спречување на корупција имајќи предвид дека автентичното толкување на одредени закони според Деловникот е надлежност на Собранието. Писмото на ДКСК не произведува формално-правни обврски кон мене и кон Собранието кое е највисок законодавен орган и не може да ја попречи работата на Собранието. Претседателот на Собранието не се обрати до оваа Комисија – рече Џафери на крајот на денешното продолжение на седницата.


Собрание: Повеќе за Дарко, отколку за Марко


Скопје, 16 август, 2017 - 14:40 (META) 

Кадровските решенија на Владата во државните институции и откажувањето од функциите на дел од нив се една од главните теми на кои пратениците од ВМРО-ДПМНЕ меѓусебе си реплицираат на денешното продолжение на седницата за разрешувањето на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски.

Координаторот на една од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски во своите реплики на говорите на своите сопартијци рече дека „СДСМ покажува дека воопшто нема кадровски потенцијал“ и поставува луѓе на раководни позиции во јавните институции кршејќи ги законите и правилата за систематизација.

– За Љупчо Зиков (се откажа од член на управниот одбор на МЕПСО) и Дарко Лешовски (се откажа од позицијата претседател на управниот одбор на Струшките вечери на поезијата) криво да ти падне, па и добри решенија беа, ако се земе предвид дека на Академијата за спорт назначен е професор по историја од средно училиште, во „Танец“ назначен е градежен техничар. Ова покажува дека не е во прашање Зврлевски, туку грубо непочитување на законите и газење по правилата, општество и по се – рече Димовски.

Неговиот колега од опозициската партија Зоран Илиоски рече дека дебата за разрешување на јавниот обвинител „не е само на местото на Марко да се стави Дарко“, туку да се испрати порака до сите што не мислам како власта и да се „дефокусира јавноста од важните прашања и потезите на владата, кои како што рече , се спротивни на интересите на граѓаните.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери повеќе пати ги опоменуваше пратениците да се држат до точката на дневен ред, на што Димовски побара од спикерот да биде „погалантен“, попозитивно и без нервоза да се однесува кон колегите – пратеници.

Пратенциите од владејачкото мнозинство предводено од СДСМ не учествуваат во расправата.

По двочасовна расправа, Џафери даде пладневна пауза од еден час. Седницата продолжува во 15 часот.


Продолжува „расправата“ за разрешувањето на Зврлевски


Скопје, 16 август, 2017 - 10:28 (META) 

Расправата за предлогот за разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски, Собранието на Република Македонија ќе ја продолжи денеска во 11 часот.
Во вчерашното, 11-то продолжение на 6-та седница, покрај меѓусебните реплики, контрареплики и пофалбите за работата на јавниот обвинител, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ рецитираа поезија и раскажуваа вицови на сметка на новите кадровски решенија на власта во државните институции.

Пратеникот на опозициската партија, Иван Иванов од говорницата раскажа виц со кој  сакаше да потенцира дека власта ги распродава националните заради своите лични интереси, додека неговиот сопартиец, Димитар Стевананџија ја рецитираше „Тешкото“ од Блаже Конески, поради тоа што за директор на „Танец“ е назначено лице со средно градежно образование.

Пратениците од владејачката СДСМ и вчера не учествуваа во дебатата. Пратеничката Фросина Ременски одржа прес-конференција во Собранието на која ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да не го блокираат законодавниот дом со празни реплики и контрареплики, затоа што така им нанесуваат штети на граѓаните.


ВМРО-ДПМНЕ: Власта на СДСМ го окупираше синдикатот


Скопје, 16 август, 2017 - 9:56 (META) 

СДСМ стави рака врз синдикатот кој треба да ги штити интересите на вработените. Додека граѓаните чекаат просечна плата од 30.000 денари и минимална плата од 16.000 денари, СДСМ наместо да го испорача ветувањето, го презема синдикатот за да се осигура дека ќе биде задушен секој револт од катастрофалните економски политики, обвини ВМРО-ДПМНЕ претпладнево.

„Партиската полиција на Оливер Спасовски, даде асистенција за влез во просториите на ССМ на лице блиско до СДС. Скандалот да биде поголем, тоа е сторено врз основа на решение со кое се одбива неговото барање за упис во Централниот регистар како овластено лице на синдикатот. МВР на Спасовски постапи надвор од процедура, дозволувајќи партиските наредби да бидат над законот и со закон пропишаните норми. СДСМ брза пред најавените покачувања на даноците и придонесите да ги стави синдикатот и работниците под своја контрола, како би си обезбедиле молк за погрешните економски политики кои ги влечат“, порачува ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата порачува дека дека синдикалното организирање е загарантирано со Устав и истото не смее да биде загрозувано од ниедна власт како и дека ќе мора некој да сноси одговорност за незаконскиот упад во синдикатот.