!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев: Постојат реални можности да добиеме препорака, а потоа и датум за преговори со ЕУ


Скопје, 7 септември, 2017 - 20:42 (META) 

Премиерот Зоран Заев, во обраќањето пред зградата на Владата по повод прославата на 8 Септември – Денот на независноста, рече дека во Македонија има одговорни политичари кои знаат што им е потребно на граѓаните, но има и свесни граѓани кои знаат што ѝ е потребно на државата.

Тој додаде дека од земја „генератор на криза“, Македонија е претворена во „мотор на развој на регионот“.

– Постојат реални можности Македонија да добие чиста препорака, а потоа и датум за преговори со Европската Унија. Реални се надежите и дека Република Македонија може да биде 30. членка на НАТО – рече Заев.

Тој додаде дека клучен тест се локалните избори, а Владата е определена да организира и да спроведе фер, демократски и регуларни избори, со нула толеранција за евентуални злоупотреби.

Според премиерот, друг тест се и реформите, за да се овозможи независно судство, објективни медиуми, независни институции, како и развој на добрососедски односи и регионална соработка.

Освен пред зградата на Владата, прослава по повод 8 Септември имаше и во Собранието, каде што претседателот на законодавниот дом, Талат Џафери, во обраќањето пред премиерот и пратениците рече дека пред 26 години биле поставени стратешките цели на државата, како на внатрешен така и на надворешен план.

– На внатрешен план, Македонија беше дефинирана како граѓанска држава која се темели врз индивидуалните и колективните човекови права и слободи, врз принципите на парламентарната демократија и владеењето на правото, почитувањето на приватната сопственост и пазарните законитости. Притоа, општество беше дефинирано како мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално. На надворешен план, како приоритетна стратешката цел беше поставена целосната интеграција во евроатлантските структури – рече Џафери.

По повод стоте дена од конституирањето на Собранието, тој додаде дека ова парламентарно мнозинство „има храброст, волја, знаење и капацитет да направи значајни чекори напред во остварувањето на тие стратешки цели“.

– Секако дека во овие процеси очекувам свој придонес да даде и опозицијата, со аргументирана критика, меѓутоа и со конструктивни предлози. А мнозинството е должно да создаде услови за опозицијата да може сето ова да го артикулира преку институциите на транспарентен начин пред јавноста – додаде Џафери.


Поезија, вицови и исмевање на новите кадровски решенија на Владата во Собранието


Скопје, 15 август, 2017 - 12:57 (META) 

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на денешното продолжение од расправата за разрешување на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, покрај пофалбите за работата на јавниот обвинител, рецитираа поезија и раскажуваа вицови на сметка на новите кадровски решенија на власта во државните институции.

Крсто Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ од собраниската говорница изјави дека за попрофесионален јавен обвинител тој не знае, а неговиот партиски колега Зоран Илиоски рече дека политичката порака која сака да се испрати до целото правосудство е дека „мора да слуша што ќе им каже Зоран Заев во спротивно ќе бидат разрешени“.

– Со оваа дебата за разрешување на Марко Зврлевски се сака да се дефокусира јавноста од значајните теми и проблеми во Македонија. Деновиве имаме случаи кои укажуваат на тоа дека Македонија станува полициска држава. Пред неколку дена беа застрелани дечиња, а вчера во Струга се случи и убиство – рече Илиоски.

Пратеникот на опозициската партија, Иван Иванов од говорницата раскажа виц со кој на шеговит начин сакаше да потенцира дека власта ги распродава националните за своите лични интереси.

Неговиот колега Димитар Стевананџија ја рецитираше „Тешкото“ од Блаже Конески, која како што рече, им ја посветува на сите културни работници.

– Овие стихови им ги посветувам на сите културни работници да си ги искинат дипломите и да ги фрлат пред Министерството за култура затоа што од денеска директор на „Танец“ е човек со средно градежно образование. Денеска дискутираме за Зврлевски за да се прекрие средбата на Заев со Динко Велев – бугарскиот ловец на мигранти – рече Стевананџија.


Груевски се шетал низ Скопје и се радувал оти го овозможил Супер купот


Скопје, 8 август, 2017 - 13:19 (META) 

Поранешниот премиер, преку статус на својот фејсбук-профил, заслугите за Супер купот, кој се одржува денеска во Скопје, си ги припиша себеси и на ВМРО-ДПМНЕ и ја обвини сегашната власт дека сакала да го саботира тоа.

Во по малку „поетскиот“ статус, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, објаснува како тоа се случило „…Вчеравечер испешачив низ центарот на градот… Десетици илјади туристи, навивачи се забавуваат, уживаат во прошетките, се фотографираат пред секој атрактивен објект, пејат, играат, се веселат, а со нив и илјадници наши сограѓани го прават истото… Освен од Шпанија и од Англија, сретнав луѓе од многу земји…“, раскажува поранешниот премиер, за на крајот да напише: „Си заминав дома со мислата колку би било убаво…“

„Според правилата на УЕФА, Владата што ја предводев заедно со ФФМ официјално поднесе кандидатура, заедно лобиравме и убедувавме, заедно ветивме дека ќе се исполнат сите услови и заедно ги исполнивме. Националната арена „Филип Втори Македонски“, која пред една деценија беше половичен фудбалски стадион само со јужна трибина, денес, наспроти скептиците и политичарите кои го убедуваа народот дека ќе се урне и новите трибини ќе паднат, е оформен и целосно компатибилен атрактивен конкурентен и модерен спортски комплекс кој ќе биде домаќин на големото фудбалско доживување“, пишува Груевски.

Лидерот на опозицијата вели дека Скопје има со што да се пофали пред илјадниците туристи кои деновиве се во посета на градот. Тој нагласува дека Скопје има модернизиран аеродром, како и градби и знаменитости „кои Скопје го вбројуваат на туристичките мапи“. Тој вели дека Скопје пред 10 години бил град „без големи впечатоци, атрактивни и препознатливи градби“.

„Сето она што го направивме во изминатата деценија, со политиките кои ги водевме беше предмет на огромни напади кон нас, манипулации, хајки и лаги од страна на политичките опоненти и тоа исклучиво поради политички причини, целосно запоставувајќи ја и потценувајќи ја употребата и трајната вредност на градбите“, вели Груевски.

Тој ја обвини сегашната власт дека се обидела да прикаже дека стадионот не е доволно подготвен за Супер купот, што се покажало за неточно откако УЕФА го објавила рекламниот спот за Супер купот во Скопје.

„Како што се разобличи оваа лага за стадионот, ќе се демаскираат и сите други. Останува да се памети изграденото, создаденото и реализираното, а сè друго е политичка магла која како ќе паѓа, така ќе останува јасната слика на делата и на резултатите. Си заминав дома со мислата колку би било убаво секоја наредна влада по нас да се потруди да изгради и да создаде повеќе од нас, поубаво од нас, повпечатливо и покорисно истовремено, наместо како сегашната, да не прави ништо и целата енергија да ја впери во девалвирање на она што нивните опоненти го направиле и во кочење на крупните проекти што сме ги почнале“, додава Груевски.


Џафери: Имаме заедничка татковина и одговорни сме да ја зачуваме и да ја развиваме


Крушево, 2 август, 2017 - 14:44 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во своето обраќање на Мечкин камен во Крушево по повод Денот на републиката, рече дека во овие 26 години државата поминала низ повеќе премрежиња и кризи, но духот на заедништво и на соживот не е нарушен. Тој рече дека темелите на тој соживот постојат и во Крушeвскиот манифест.

– Ние имаме една заедничка татковина и сите ние сме одговорни да ја зачуваме и да ја развиваме, за нас и за идните поколенија. Во исто време, сите ние кои живееме тука или барем мнозинството граѓани, споделуваме уште една заедничка определба, па ако сакате и сон, а тоа е целосна интеграција во ЕУ и во НАТО – изјави Џафери.

Во однос на решавањето на спорот за името со Грција, Џафери вели дека е оптимист.

– Актуелното парламентарно мнозинство и актуелната Влада посветено работат во насока на решавање на ова отворено прашање, во насока на затворање на други отворени прашања за што побргу да може да се посветиме на реформите кои се потребни доколку сакаме да се вратиме на таканаречената брза пруга за членство во НАТО и почеток на преговорите за полноправно членство во ЕУ – изјави Џафери.

За потпишувањето на Договорот со Бугарија рече дека како соседи „ќе направиме значаен чекор напред во билатералните односи, како и во зајакнувањето на стабилноста во регионот и неговата евроатланска перспектива“.

Џафери истакна дека периодот кој следи, налага многу работа и сериозни, а можеби на прв поглед, и тешки одлуки и решенија, кои во еден разумен рок ќе ја покажат придобивката за сите граѓани.

– Собранието, тука мислам на сите 120 пратеници и на администрацијата, има капацитет, а верувам и политичка волја да ја исполни својата обврска која произлегува од владиниот план познат како „3-6-9“. Убеден сум дека и другите столбови на власта, извршната и судската, исто така имаат капацитет да ги реализираат своите обврски – изјави Џафери.


ВМРО-ДПМНЕ: Се зголемуваат ставки за договорни услуги, се крати за граѓаните


Скопје, 1 август, 2017 - 16:31 (META) 

Владата на СДС спроведе ребаланс на буџет од кој јавноста виде дека ќе се зголемуваат ставки за договорни услуги, ќе се отвора простор за партиски вработувања, но затоа ќе се кратат средства за градинки, пензионерски домови и за дневни центри за згрижување на деца со посебни потреби, изјави на прес-конференција Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа додаде дека ВМРО-ДПМНЕ во својата програма јасно ветила дека ќе ја зголемува социјалната помош за ранливите категории граѓани за 10,6 проценти на годишно ниво.

– Тоа значи дека ако ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, оваа година примателите на социјална помош ќе добиеа поголема социјална помош за 10,6 проценти. Тоа е вистинската грижа и одговорност која граѓаните сакаат да ја видат и од СДС. ВМРО-ДПМНЕ како еден од своите врвни приоритети го има подобрувањето на животниот стандард, подобрувањето на условите за живот и намалувањето на социјалниот ризик за примателите на социјална парична помош – изјави Стаменковска.


Мадуро смета дека ЦИА сака да го симне од власт


Каракас, 25 јули, 2017 - 10:34 (META) 

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, побара од владите на САД, Мексико и на Колумбија објаснување за нивната наводна улога во заговорот на ЦИА против него.

– Барам од претседателот на САД, Доналд Трамп, да ги разјасни навредливите зборови на директорот на ЦИА, кој себеси се смета за светска сила – изјави Мадуро на воена церемонија.

Тој го обвини директорот на ЦИА, Мајк Помпео, дека знае дека Вашингтон соработува со мексиканската и со колумбиската влада за да се промени власта во Венецуела.

И Мексико и Колумбија ги отфрлија наводите за мешање во внатрешните работи на Венецуела.


ФРОДЕМ: Опозицијата се сведе само на негирање


Скопје, 16 јули, 2017 - 15:32 (META) 

Фронт за демократска Македонија (ФРОДЕМ) ги повика добронамерните членови на ВМРО-ДПМНЕ „во наредниот период да се воздржат од вплеткување во манипулативни игри на Груевски и на врхушката за спасување на сопствената криминална кожа“.

„Опсесивниот, секојдневен притисок за вклучување на партиски лица во јавните реакции не е ништо друго туку „димна завеса“ која треба да создаде привид на божемна опозициона активност. А која е, всушност, опозиционата активност: негирање, негирање и негирање. Тоа не е став на опозиција, туку став на очајници кои не сакаат ништо друго освен трескавично, папагалско промовирање на зададени пропагандни пароли. Но, таа импотентност не нè загрижува. Нас реално нè загрижува фактот што зад параванот на партиските соопштенија, на божемната партиска активност, се врши активно попречување на правдата, односно безобѕирно криминално бранење на огромниот организиран криминал кој досега е направен“, се вели во соопштението од ФРОДЕМ.

Од партијата порачуваат дека власта мора да „го демонтира режимот“ или да им овозможи на вонпартиските професионалци да ги вратат нормалноста и редот во државата.


Бочварски: Ребалансот на буџетот ги крати непотребните трошења


Скопје, 16 јули, 2017 - 14:47 (META) 

Ребалансот на буџетот ги крати непотребните трошоци, а парите се враќаат назад кон граѓаните и со него, ќе се обезбедат пари за трајно решавање на проблемот на стечајните работници, околу 70.000 граѓани веќе од септември ќе добијат повиска минимална плата од 12.000 денари, ќе се зголемат средствата за подигнување на ученичкиот стандард и повисоки стипендии и школарини, порача потпретседателот на СДСМ, Благој Бочварски на прес-конференција денеска. Тој вети и дека почнува и проектот „Младинска гаранција“ која на младите ќе им понуди можност за дополнителна едукација, вработување или платена пракса.

Потпретседателот на СДСМ порача дека за разлика од нив, претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ се однесувала расипнички.

– Додека мнозинството граѓани живееше под прагот на сиромаштија, во долгови и со блокирани сметки, функционерите од ВМРО-ДПМНЕ нивните пари ги трошеле на ручеци со егзотична и ексклузивна храна, на скапи хотели, костуми, чевли и бањски третмани, целосно игнорирајќи ги потребите на граѓаните. Последен доказ за расипничкото владеење на ВМРО-ДПМНЕ е набавката на два ЛЕД-монитори со вкупна цена од еден милион евра кои се поставени на скапите барокни фасади во центарот на Скопје.СДСМ, преку новата Влада што ја предводи, става крај на ваквиот безобразен однос кон парите на граѓаните – рече Бочварски.

Ребалансот на буџетот би требало да влезе во собраниска процедура утре претпладне.


Заев до амбасадорите од ЕУ: Ќе соработуваме со опозицијата, со претседателот и со НВО


Скопје, 9 јуни, 2017 - 14:31 (META) 

Премиерот Зоран Заев придружуван од вицепремиерите Бујар Османи и Радмила Шекеринска денеска во Владата се сретнале со амбасадорите на земјите-членки на Европската унија, при што нагласил дека заради подобрата иднина на земјата и на сите граѓани, власта ќе соработува со опозицијата, со претседателот на државата и со граѓанскиот сектор.

Средбата се одржува три дена пред првата официјална посета на на Заев на Брисел, ќе има средби со еврокомесарите Федерика Могерини и Јоханес Хан, како и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

– Посветени сме на дефинирање краткорочна и среднорочна агенда за ургентните реформски приоритети. За тоа ќе разговарам и со еврокомесарот Хан во Брисел. Евро-атлантските интеграции се стратешка цел на Македонија  и интерес на граѓаните на Македонија е да добие демократски институции – рекол премиерот пред амбасадорите, соопштуваат од Владата.

На средбата, како клучни области во коишто се потребни итни реформи заеднички се посочени судството, медиумите, обезбедување независни професионални институции, функционалност на Парламентот.

Заев на средбата уште еднаш ја нагласил подготвеноста да соработува со опозицијата и со претседателот на државата, како и со граѓанскиот сектор, заради заеднички придонес за развој на Македонија и за обезбедување квалитетен живот за сите граѓани.


ОМД го поздрави формирањето на новата влада и побара одговорно владеење


Вашингтон, 2 јуни, 2017 - 10:07 (META) 

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) ја поздравува мирната транзиција на власта што се случи вчера во Македонија и на новата влада ѝ посака многу успех во извршувањето на должностите.

„Следејќи ја 13-годишната практика, ОМД ќе продолжи да соработува и да работи со секоја влада на власт за афирмација на Македонија како уникатен портал во Југоисточна Европа и регионален лидер по својата стабилна социо-економска политика. ОМД е сигурна дека стекнувањето на овој епитет е возможно и ќе се достигне само со напорна работа и реформи преку одговорно владеење на новата македонска влада со исклучително владеење на правото и силна слободно пазарна економија. Исто така, ОМД ќе работи активно новата влада да го почитува суверенитетот, унитарниот карактер и територијалниот интегритет на македонската држава“, се вели во соопштението на организацијата на македонската дијаспора, формирана во 2004 година.

ОМД вели дека и понатаму нејзиниот став е поддршка на Македонија и нејзиното полноправно членство во НАТО и во ЕУ, без промена на името, идентитетот, јазикот и културата на Македонија.