Кривични пријави за Божиновски и Делев за исплаќање 19.500 евра за незавршена работа


Скопје, 25 април, 2018 - 14:27 (META) 

Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје соопшти дека до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднел кривична пријава против К.Б. (37) од Скопје и Х.Д. (44) од с. Пиперово, струмичко, за злоупотреба на службена положба и овластување и нанесена штета на државниот буџет во висина од 1,35 милиони денари (22.000 евра).

Според наведените податоци во соопштението за медиумите, јасно е дека станува збор за Кирил Божиновски, поранешниот генерален секретар на Владата, и за Христијан Делев, поранешен заменик министер за економија.

Како што велат од СВР Скопје, во 2016 година бил склучен авторски договор меѓу  Г.Д. и Владата, во тоа време застапувана од Божиновски, како тогашен генерален секретар на Владата. Според договорот,  Г.Д., на барање на Генералниот секретаријат на Владата се обврзал во периодот од 28 јануари до 28 февруари 2016 година да изработи и достави „Интелектуален труд – прибирање на информации и податоци, анализа, изготвување извештај и негово елаборирање за енергетски суровини од аспект на правната легислатива“. Вредноста на склучениот договор била проценета со бруто износ од 1.352.400 денари.

Делев, иако, како што вели СВР Скопје, знаел дека Г.Д. не ги испочитувал договорените услови и рокови и не го доставил авторското дело, на 5 април 2017 година потпишал лажна изјава за завршена работа. Божиновски, пак, потоа потпишал наредба од буџетската сметка на Република Македонија на сметката на Г.Д. да се исплатат вкупно 1,2 милиони денари без ДДВ (19.500 евра), со што на буџетот му нанеле штета од 1,35 милиони денари.


Прва конференција на Министерството за финансии по повод Денот на буџетот


Скопје, 2 април, 2018 - 16:13 (META) 

Министерството за финансии реализираше голем број иницијативи за подобро, поефикасно и одговорно буџетско работење на сите нивоа и на сите јавни институции, изјави денеска премиерот Зоран Заев на првата годишна конференција на Министерството за финансии, по повод прогласувањето на 2 април за Ден на буџетот.

Говорејќи за економијата во државата, тој додаде дека се очекува растот на домашниот бруто-производ (БДП) да достигне 3,2 отсто.

„Од политичката стабилност и од политиките за враќањето на довербата кај инвеститорите се очекува раст на приватните инвестиции. Растот на платите и вработеноста во приватниот сектор, поддржан од владините мерки, придружени со очекувањата за ниска и стабилна инфлација во земјата, ќе придонесат кон зголемување на приватната потрошувачка“, рече Заев.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски рече дека за прв пат од независноста, Министерството за финансии, има Стратегија за реформи во системот за јавни финансии.

„Таа го опфаќа периодот од 2018 до 2021 година и ги содржи сите значајни елементи на системот, почнувајќи од фискална транспарентност, преку воведување на среднорочно буџетирање и измени во системот на јавните набавки, па се до подобрувања во функционирањето на јавната внатрешна финансиска контрола, УЈП и Царината. Нејзина цел е среднорочно подобрување  на системот на јавните финансии во насока на ЕУ стандардите“, рече Тевдовски.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери кој исто така се обрати на конференцијата рече дека  Собранието врши контрола на буџетот при разгледувањето и донесувањето на завршната сметка на буџетот што Владата е должна да ја поднесе до 30 јуни секоја година.

„Таа контрола е можна и преку институтот Пратенички прашања, потоа преку разгледување на Годишниот извештај на Државниот завод за ревизија, па сè до можноста за надзорни расправи. Меѓутоа, останува отворено прашањето, колку како Собрание ги користиме на ефикасен начин овие деловнички и законски можности за контрола, како врз прибирањето, така и врз трошењето на парите на граѓаните“, истакна Џафери.

На Првата конференција на Министерството за финансии, се обратија и директорот на Светска банка за земјите од Западен Балкан, Европа и Централна Азија, Линда Ван Гелдер, како и поранешните министри за финансии Таки Фити, Петар Гошев, Никола Поповски и Трајко Славески.

Првиот буџет на Република Македонија е донесен на 2 април 1992 година.


Тевдовски: Министерството за финансии не подготвува ребаланс на буџетот


Скопје, 5 март, 2018 - 13:38 (META) 

Министерот за финансии, Драган Тевдовски рече дека министерството не работи на ребаланс на буџетот, откако портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски соопшти дека платите на шумските полицајци ќе се зголемат за 30 отсто по првиот ребаланс на буџетот.

– Кога ќе ги видите приходите кои ги објавивме за почетокот на годината тие се солидни и обезбедуваат адекватен раст, така што во овој момент Министерството за финансии не работи на ребаланс на буџетот – одговори Тевдовски на новинарско прашање по завршување на Комитетот за финансиска стабилност во Народната банка.

Тој рече дека реализацијата на капиталните инвестиции на почетокот на годината била пониска, но како министерство, правеле силен притисок кон сите буџетските корисници и институции за да ги зголемат активностите во врска со реализација на капиталните инвестиции.

– Потфрлањето на почетокот на годината се должи на тоа што, институциите голем дел од сериозните обврски реализираа на крајот на 2017 година. Исто така има проблеми кои ресорните министерства тековно ги решаваат, како што се проблемите со автопатиштата. Но правиме се, за активностите да бидат одблокирани и во 2018 година да имаме значително повисоко ниво на реализација на капитални инвестиции – додаде Тевдовски.


И министерските трошења во бифеата на државните институции ќе бидат објавувани


Скопје, 2 март, 2018 - 16:43 (META) 

Не само предложениот дневен ред од седниците на владите, туку актуелната власт планира целосниот усвоен дневен ред, материјалите и записите од седниците на Владата јавно да се објавуваат, рече Роберт Поповски, министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност на денешната средба со претставниците на медиумите и невладините организации, на која се расправаше за актуелните политики и процеси поврзани со транспарентноста и работата на Владата.

– Сепак, ве молам за трпение. За да го спроведеме сето ова потребна ни е администрација што може да го следи чекорот. Тука имаме сѐ уште сериозни проблеми. Луѓето се ненавикнати да комуницираат на ваков начин. Тешко разбираат дека нема што да се крие – рече Поповски.

За Законот за медиуми, Поповски рече дека сѐ уште не е одлучено дали тој ќе се менува или не и одлуката за ова допрва треба да се донесе, но вакви дилеми нема кога станува збор за Законот за слободен пристап за информации. Тој бездруго ќе се менува за што дебата е почната, а потребата за ова е утврдена. Измени ќе има околу брзината на доставувањето на информациите, ќе се намали рестриктивноста во однос на информациите кои ќе бидат јавни и ќе се разгледаат ингеренциите на Комисијата за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Во однос на објавувањето на документите, кои се неопходни за да се поднесе барање за слободен пристап до информации, досега тие се објавени од страна на министерствата, а оваа листа е проширена и на други институции, додека до општините и оние институции врз кои Владата нема директни ингеренции, испратени се препораки за објавување на овие документи за граѓаните и медиумите да можат полесно да поднесуваат вакви барања.

Поповски додаде и дека Владата започна да ги објавува договорите што се склучуваат со фирмите и другите продавачи на добра и услуги за потребите на државата. Овие договори се објавуваат на страницата на Бирото за јавни набавки, за што тој рече дека не е идеално решение и дека најдобро би било тие да се објавуваат на страниците на министерствата.

Многу брзо ќе почнат да се објавуваат сите трошења и на министрите, замениците министри и државните секретари во министерствата на Владата.

– Сите трошоци што се направени до министрите, замениците министри и државните секретари во периодот 1 јуни – 1 декември, значи првите 6 месеци, ги сублимираме, се изработува софтвер и ќе бидеме подготвени многу скоро да ги објавиме. И во форма на точни финансиски показатели и во форма на наративен извештај којшто треба да ги објасни активностите, трошењата и така натаму. Одевме до детали, има многу нејаснотии кај луѓето што треба да ги пополнат извештаите, се обидуваме со табеларен приказ, со сето она што можеме, да им помогнеме на сите.  Имавме дилема дали бифето во Влада, бифето во Министерството за сообраќај и врски, и тн., подлежат на објавување и, да, подлежат, па на крајот да се види колку вода и колку кафиња сме испиле. Тоа е наша работа и наша обврска – рече Поповски.

Во тек е и декласифицирањето на информациите и Владата работи на тоа, но, Поповски рече дека и тука има проблеми зашто Владата се соочува со прашања од типот од кога, односно од кој датум да почне декласифицирањето.

Сепак, се работи на ова со цел да се декласифицира сѐ што е можно, особено што има многу документи („море од документи“, како што се изрази) кои можат да се декласифицираат зашто, како што рече, навика била порано да се класифицира сѐ и сешто на затворени седници на Владата.

Во текот на расаправата, присутните главно позитивно се изразија за напорите на власта на планот на транспарентноста, додека забелешки имаше за веќе усвоената одредба во новиот Закон за аудио и аудио и визуелни и медиумски услуги со која се утврдува процентот од буџетот, кој ќе и се доделува на Македонската радио телевизија, особено одредбата во која доделувањето на средствата е условено со финансиската состојба на буџетот. Имаше и барања Владата веќе да почне да обраќа повеќе внимание и на транспарентноста и отчетноста на институциите надвор од централната Влада, како што се самостојните агенции, локалната самоуправа и јавните претпријатија, а новинарите од медиумите на албански јазик изразија загриженост и негодување заради затвореноста на коалициониот партнер ДУИ, чии претставници бојкотираат редица медиуми за кои сметаат дека не им се наклонети.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


Владата го отповика Мико, а Лазе Еленовски го прати во Брисел


Скопје, 28 февруари, 2018 - 10:12 (META) 

Владата на вчерашна седница отповикала на неколку конзули меѓу кои најекспониран е Џејсон Мико, долгогодишен колумнист во пропаднатиот весник „Дневник“ и консултант на владата во времето на ВМРО-ДПМНЕ, кој бил плаќан од буџетот.

Претходно тој бил и лобист за ВМРО-ДПМНЕ и консултант. Според документите заведени на Американската агенција за регистрација за странски соработници – ФАРА, ВМРО-ДПМНЕ за 7.500 долари месечно го ангажирала Џејсон Мико да дава консултантски услуги непосредно пред изборите на 5 јули 2006 година, на кои партијата дојде на власт.

Покрај Мико, отповикани се и Ричард Голдман, Томас Танеф, Ендру Димитри Пејкоф, Лоу Влашо и Пуршотам Карамангала Џајарам.

Во рамките на точките за кадровски измени, Владата вчера го именувала Бујар Дарлишта за в.д. директор на Управата за водење на матични книги, а Лазар Еленовски е назначен за  специјален пратеник на Владата на Република Македонија за НАТО интеграции во Брисел.

На предлог на Mинистерството за финансии Владата го усвоила Предлог – законот за пријавување и евиденција на обврски кои ги имаат буџетските институции. Имено, досега не постоел унифициран механизам на евиденција и следење на обврските на субјектите кои располагаат со јавни средства. Новиот предлог – закон предвидува преку електронски систем да се евидентираат преземени, а неисполнети обврски на институциите, како и неплатените обврски.

Законот ги опфаќа органите на државната власт, единиците на локалната самоуправа, установите и институциите кои вршат дејности од областа на културата, образованието, здравството, детската, социјалната заштита, како и во други дејности од јавен интерес.


Предвидени 10 милиони евра од ЕУ и од буџетот за инфраструктура за отпадни води


Скопје, 1 февруари, 2018 - 14:12 (META) 

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку и техничкиот директор во ЈП „Водовод и канализација”, Златан Икономов, денеска го потпишаа Договорот за спроведување на ИПА-проектот „Подобрување на инфраструктурата за отпадни води во градот Скопје“.

Проектот, за чија што реализација ќе се потрошат над 10 милиони евра, ќе се финансира од средствата на ЕУ и од буџетот на Република Македонија.

 – Отпадните води се предизвикувач на големо загадување на водите и на целата животна средина. Испуштањето на отпадни води во Вардар, влијае на квалитетот на водата и на живиот свет во неа. Со реализација на проектот ќе овозможиме заштита на реката од загадувањето преку затворање на неколку испусти на отпадни води што директно се излеваат во Вардар – изјави Шилегов.

Тој посочи дека тоа ќе се постигне преку изградбата на колектори од двете страни на Вардар, во подрачјето на Градот Скопје. Со изградбата на колекторите ќе се создадат и главните предуслови за изградба на централна пречистителна станица за градот Скопје, за што Владата се обврза да започне најдоцна до 2020 година.


МРТ планира да добие 13,37 милиони евра и да побара нови 3 милиони за новите канали


Скопје, 25 јануари, 2018 - 14:22 (META) 

Македонска радиотелевизија (МРТ) испрати план до Владата за почнување со работа на телевизиски канал што 24 часа ќе емитува програма на албански јазик и уште еден канал што ќе емитува на другите јазици на националностите. Еден месец откако тоа ќе биде одобрено, МРТ е подготвена да ги стартува програмите, рече Смилка Јанеска – Саркањац, претседател на Програмскиот совет на МРТ, која пред собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија денеска го образложи финансискиот план на МРТ за 2018 година.

Таа објасни дека за да профункционираат новите два канала ќе бидат потребни уште 1,8 милиони евра „за еднократни трошоци“ и 1,2 милиони евра годишно за функционирање на каналите. По 50-тина минути работа на оваа точка и дискусија, комисијата едногласно донесе одлука финансискиот план на јавната радиодифузна куќа да достави до Собранието на усвојување.

Според планот подготвен уште во октомври минатата година, МРТ очекува годинава да располага со 822,5 милиони денари (13,37 милиони евра).

– Тоа е за речиси 32 отсто помалку отколку во 2017, па и во 2016 – рече Јанеска – Саркањац.

Парите што МРТ ќе ги добие од буџетот на Република Македонија се 700 милиони денари (11,38 милиони евра), односно 85,1 отсто од вкупно планираните приходи на куќата.

Во другите ставки на приход, МРТ планирала и пари од задоцнети плаќања на радодифузната такса. Освен од буџетот, МРТ планира и приход од 10 милиони денари (162.550 евра) од Министерството за информатичко општество и администрација, за производство и емитување играна и документарна програма, а испланирани се и 32 милиони денари (520.150 евра) приход од Министерството за култура за поддршка на домашната музичка продукција.

На прашање од претседателот на комисијата, Диме Велковски, зошто се планирани тие пари кога Министерството за култура се изјасни дека ќе се ревидира одлуката за субвенционирање на домашната музика, Јаневска – Саркањац појасни дека тоа е се уште законска обврска на МРТ и кога ќе се измени законот, ставката ќе биде тргната.

МРТ за плати и други трошоци на вработените во 2018 година ќе потроши 391,05 милиони денари (6,35 милиони евра). На прашање од пратеникот од ДУИ, Реџаил Исмаили, зошто се планирани само 10 милиони денари (162.550 евра) за инвестиции во опрема, односно како се мисли да се реализира планираното воведување 24-часовен телевизиски канал на албански јазик и 24-часовен канал на јазиците на другите националностите со толку, претседателката на Програмскиот совет на МРТ, Јанеска – Саркањац објасни дека куќата има поднесено план до Владата.

– Побаравме и одобрение за нови 90 вработувања – рече Јанеска – Саркањац.

Во однос на забелешките од извештаите на Прибе, претседателката на Програмскиот совет на МРТ појасни дека се планира соработка со новинарски и граѓански организации за подигање на професионалноста на вработените и на градење вистински јавен сервис.

Таа појасни и дека не биле откупени правата за европското првенство во ракомет во Хрватска поради недостиг на пари, а за Зимските олимписки игри во Јужна Кореја, кои почнуваат на 9 февруари, претседателката на Програмскиот совет рече дека ќе се преговара за откуп на правата.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


Владата го стега ременот, наскоро одлука дали ќе се гради нов Клинички центар


Скопје, 23 јануари, 2018 - 21:59 (META) 

На денешната седница, Владата, меѓу големиот број мерки, донела одлука за поригорозни мерки за да се подобри ефикасноста на контролата на трошењето на јавните финансии. Исто така, донесена е и програмата за нејзината работа во оваа година, како и заклучок дека наскоро може да се очекува одлука за тоа дали ќе се гради нов Клинички центар во Скопје.

Службата за информирање соопшти дека откако на почетокот бугарскиот амбасадор ја презентирал програмата за претседавањето со ЕУ, делегација на Банката на Советот на Европа ги презентирала опциите за активирање на изградбата на новиот Клинички центар во Скопје, при што било нагласено дека тоа е еден од најважните приоритети во оваа година, и дека се очекува конечната одлука за најдобрите опции за изградбата да биде донесена наскоро.

Владата ја разгледала и усвоила информацијата за состојбите и напредок во процесот на европската интеграција, како и за статусот на користењето и имплементацијата на фондовите од ЕУ за 2018 и  2019 година. Посебно внимание, се вели во владиното соопштение, е посветено на плановите и програмите на ЕЛЕМ, во кои се вклучени и предвидените трошоци за реконструкција на електростатски филтри и за намалување на емисии на прашина во РЕК Битола, како и определбата за развој на капацитети за обновливи енергии, односно изградбата на фотоволтаични електрани и ветерни електрани.

На предлог на Министерство за финансии владата денеска ја усвоила и информацијата за Програмата на економски реформи  2018 – 2020 година, како и Годишниот извештај за функционирање на системот на јавна внатрешна финансиска контрола за 2016 година, при што било забележано дека има слабости во работата на внатрешните ревизии и контрола на јавните финансии на централно и локално ниво, и е усвоен заклучок да бидат преземени соодветни и поригорозни мерки за да се подобри ефикасноста на контролата на трошењето на јавните финансии.

Истовремено, Министерството за образование и наука презентирало предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за учебници за основно и средно образование, со кои побрзо ќе може да се печатат нови изданија.


Заврши финансиската блокада на американската влада


Вашингтон, 23 јануари, 2018 - 9:54 (META) 

Тридневната блокада на Владата на САД е завршена, откако Сенатот на американскиот Конгрес го усвои предлог законот за привремено финансирање на владата на САД.

За повторно отворање на федералните агенции гласале 81 сенатор, додека 18 биле против. За гласањето за буџетските прашања потребно беше мнозинство од 60 сенатори.

Американската влада беше блокирана од саботата откако не беше постигнат договор за буџетот што демократите го условуваа со договорот за заштита од депортација на околу 700 илјади имигранти кои во земјата се доведени како деца и останале илегално.

Десетици илјади сојузни административци престанаа да работат на првиот ден од блокадата, но клучните сервиси за безбедност и одбрана продолжија да функционираат.

Во Сенатот е постигната согласност до 8 февруари да почне дебата за предлог законот за имиграцијата.

Потпретседателот Мајк Пенс од Ерусалим порача дека со постигнувањето на договорот пропаднала „Шумеровата блокада“.

-Ја поздравуваме веста дека блокадата во Вашингтон завршила, за што се заслужни цврстиот став на претседателот Трамп и на републиканците од Претставничкиот дом и Сенатот – порача Пенс.


Шекеринска: Посетата на Столтенберг е порака сама по себе


Скопје, 15 јануари, 2018 - 15:21 (META) 

Посетата на генералниот секретар на НАТО на Македонија, Јенс Столтенберг е порака сама по себе, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска по повод посетата на Столтенберг на Македонија в среда и четврток.

– Тоа значи дека во изминатите шест месеци успеавме Македонија да ја вратиме назад на евроатлантската патека и успеавме да ги неутрализираме сите оние лоши вести, кои во континуитет во изминативе години доаѓаа во Македонија. Посетата ја гледаме како можност Македонија да се претстави во поинакво светло, како држава која ги решава своите проблеми, која работи на својот приоритет, и која реално верува дека членството во НАТО и во ЕУ значат поголема сигурност и поголем просперитет на граѓаните – додаде Шекеринска.

Таа потенцираше дека во делот на одбраната, има со што да се пофалиме, односно со податоци за зголемен буџет во одбраната, со веќе зголемено учество во мисијата на НАТО во Авганистан, и со нови политики на транспарентност и интегритет.

– Македонија, за да биде вистински член на НАТО прво треба да си обезбеди интегритет, транспаретност и одговорност во своето функционирање. Посетата на генералниот секретар не е подарена, туку заслужена. Тоа не е доволно за членство, но сепак покажува дека сме тргнале на вистинскиот пат. Столтенберг нема да го решава проблемот со името, тој ќе ја прати пораката дека кога една држава сака да стане членка на НАТО и ги влече вистинските потези – го гарантира владеењто на правото и основните вредности кои се во основата на нато алијансата, дека тогаш таа ја добива шансата за членство во НАТО – изјави Шекеринска.