Димитров: Преговорите за Македонија следната година се тест за кредибилитетот на ЕУ


Брисел, 13 јули, 2018 - 16:35 (META) 

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, по 14. Совет за стабилизација и асоцијација кој се одржа во Брисел, порача дека една од причините зашто е важен почетокот на преговорите со Македонија е тоа што се и тест за кредибилитетот на Европската унија.

-Ние сме фанови на холандската стриктност и правичност, сакаме да го започнеме пристапниот процес токму затоа што е реформска алатка, сакаме да го направиме ова на начин што ќе го тестира кредибилитетот на сите земји членки. Станува се појасно дека ако Македонија не е една од земјите со пристапни преговори, тогаш има премногу преправање, а не доволно објективна проценка во нашиот регион – изјави Димитров на новинарско прашање како Владата може да се осигура дека идната година земји како Франција и Холандија нема повторно да го блокираат стартот на преговорите со Македонија во ЕУ.

Министерот оцени дека Македонија сака да се фокусира на домашните реформи и дека тоа што владата се обидува да го направи сега за една, две или три години е она што можеше да биде направено во последните петнаесет години.

– Ако порано беше автопат, сега патот е тесен и нагорен – рече Димитров.

Димитров заедно со државниот секретар за ЕУ, Бујар Османи, високата претставничка за надворешни работи, Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, изразија огромно задоволство за последните случувања во Македонија, отворањето на патот за преговори во јуни 2019, поканата за членство во НАТО, постигнатиот договор со Грција како и со Бугарија.

Могерини, потпишувањето на Договорот со Грција го нарече „една од најголемите успешни приказни на нашето време без страв дека претерувам кога го кажувам ова”.  Хан потврди дека ќе биде во Македонија на 17 јули за стартот на техничкиот дел на процесот на скрининг со Владата.


Столтенберг на Заев и официјално му ја врачи поканата за НАТО


Брисел, 12 јули, 2018 - 16:25 (META) 

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на премиерот Зоран Заев и официјално му ја врачи поканата за почеток на преговори, денеска во Брисел.

– Договорот за името ги отстрани пречките за отворање на пристапните преговори. Остваривте клучен напредок со кој се отвори патот за вашата земја да стане полноправна членка на НАТО. Сега ќе започнат деталните пристапни преговори кои ќе и помогнат на вашата земја да ги направи последните подготовки за целосно членство – изјави Столтенберг.

Премиерот Заев изрази благодарност до генералниот секретар, но и до премиерите на соседните Грција и Бугарија, за постигнувањето на договорите за добрососедство.

– Ова е историска одлука за земјата и за граѓаните, признание за нашата посветена работа две децении и за сите македонски политичари од независноста до денеска – рече Заев.

Тој изрази увереност дека членство на Македонија ќе ја консолидира демократијата во регионот и ќе служи како позитивен пример во Западниот Балкан

– Како идна 30 земја на Алијансата подготвени сме да дадеме позитивен пример и да придонесуваме за обликување на Западниот Балкан во мирен, просперитетен и демократски регион – додаде Заев.


Македонија денеска ќе ја добие поканата за пристапни преговори со НАТО


Брисел, 12 јули, 2018 - 10:00 (META) 

На вториот ден на самитот на НАТО во новата зграда на воениот сојуз во Брисел, денеска се очекува формално од генералниот секретар Јенс Столтенберг да биде врачена поканата за Македонија да ги почне пристапните преговори за да стане 30-та членка на НАТО.

Заклучокот за Македонија денеска ќе биде усвоен како дел од финалното соопштение на НАТО од страна на дваесет и деветтемина шефови на држави или на влади присутни на состанокот.

Вообичаено одлуката ја соопшти вчера Столтенберг, кој нагласи дека зачленувањето ќе се случи откако земјава во целост ќе ги спроведе обврските од договорот со Грција.

Денеска во седиштето на НАТО во Брисел, министерката за одбрана Радмила Шекеринска го потпиша Меморандумот за разбирање со кој Македонија се приклучува кон „Smart Defence“ иницијативата за муниција за копнено војување. Земјите-членки на оваа иницијатива ќе добијат муниција по пониски цени, ќе ги хармонизираат залихите и ќе имплементираат заеднички решенија за складирање на долг рок.

Премиерот Зоран Заев вчера, првиот ден на Самитот го започна со учество на панелот „НАТО ангажмани: Дијалози на Самитот во Брисел“. Учеството на панелот се совпадна со соопштението кое во истиот момент беше објавено, дека земјите членки на НАТО донесоа одлука да ја поканат Македонија да ги отпочне завршните преговори за полноправно членство во алијансата и македонската делегација беше пречекана со аплауз и одобрување од гостите и учесниците на панелот, соопштија од Владата.

Во дебатата на панелот, премиерот Заев одговарал на повеќе прашања и нагласил дека Република Македонија во изминатите години постојано работеше на подигање на стандардите и на имплементација на вредностите што ги негува алијансата.

Посебно внимание било посветено на Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство со Грција, со којшто се откочува зачленувањето на земјава во во Алијансата.

 


Македонија од ЕУ доби датум, ама и услови


Скопје, 29 јуни, 2018 - 10:42 (META) 

Премиерот Зоран Заев во своето обраќање  на тридневниот РОС-РОТ  семинар посветен на Евроатланската интеграција на Западен Балкан, кој се одржува во Собранието на Република Македонија, ја даде и следната изјава која ја сметаме за полувистина, пишува „Вистиномер.мк“

Дозволете на почетокот да споделам огромно задоволство за вчерашната одлука за добивање на датум за преговори со ЕУ, јуни 2019 година.Сакам да им честитам и на делегацијата на Албанија кои што исто така добија датум заедно со Македонија...

 [Извор: Веб-страница на Владата (од 1,20 до 1,40 мин.од видеото)   датум: 27.06.2018]

Образложение: 

Оваа изјава на претседателот на Владата Зоран Заев, во која тој го искажува своето огромно задоволство од одлуката за добивање датум за преговори со Европската унија во јуни 2019 година“ е делумно точна, бидејки Македонија доби условен датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Советот на министри на ЕУ ваквата одлука ја услови со одржување на реформскиот курс и притоа  очекува фокусот  да биде ставен на реформата на јавната администрација, борбата против корупцијата, судските реформи и реформата на разузнавачките служби.

Целиот текст можете да го прочитате на „Вистиномер.мк“.


Заев: Видовме каде ќе биде подигнато нашето знаме во НАТО


Го видовме местото каде треба да биде подигнато нашето знаме како 30-та членка на Алијансата. Тоа го чекаме од 2008 година, кога беше констатирано дека ги постигнавме стандардите. Оттогаш активно учествуваме на мисиите на НАТО за сузбивање на глобални терористички и ектремистички закани. Припадниците на АРМ добиваат доверба да бидат главни актери во сериозни безбедносни предизвици. Со мисиите растеа капацитетите на Армијата, рече премиерот Зоран Заев на прес-конференција на седиштето во НАТО во Брисел, пo неговата средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Тој рече дека се очекува поканата, а Македонија покажала дека се грижи за добрососедството со потпишување на договорите со Бугарија и Грција.

– Договорот со Грција го откочи нашиот прием во Алијансата и нашата земја го добива местото што го заслужува. Со Грција изградивме пријателство. Со Бугарија остваривме договор што долго се одложуваше и ќе ја продлабочи економската соработка – рече Заев.

Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, го поздрави договорот со Грција, кој го нарече производ на трпелива дипломатија.

– Топло ја поздравувам спогодбата за спорот за името. Тоа е големо постигање за Скопје и Атина и демонстрација на вредноста на трпеливата дипломатија. Откако ќе бидат завршени сите обврски од договорот за името ќе станете член на НАТО. Без исполнување на договорот нема да може да станете дел од НАТО – изјави Столтенберг.

Прашан за очекувањата од претстојниот Самит, тој рече дека верува оти земјата ќе биде поканета да почне пристапни преговори.

– Откако ќе ги завршиме пристапните преговори и ќе биде затворен договорот за името, тогаш земјата ќе стане полноправна членка, рече Столтенберг.


Заев во дводневна посета на Брисел, средби со Туск, Хан и Столтенберг


Брисел, 28 јуни, 2018 - 9:44 (META) 

Премиерот Зоран Заев, вицепремиерката Радмила Шекеринска, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров од денеска се во дводневна работна посета на Брисел, информираат од владината прес-служба.

За време на оваа работна посета владината делегација денеска ќе се сретне со претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск, со кого ќе имаат и заедничка изјава за медиумите, а ќе има средба и со комесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан.

Премиерот Заев денеска, во попладневните часови, ќе се обрати и на Форумот Кран Монтана, на сесијата насловена „Југоисточна Европа и нејзиното пристапување кон Европската Унија“.

Утре предвидена е средба со Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по што ќе следува и заедничка прес-конференција.

Во текот на дводневната работна посета на Брисел премиерот Заев ќе учествува и на работниот состанок на Партијата на европските социјалисти.


Димитров: Постигнавме рамка за компромис за името, но треба да се доработи


Брисел, 28 мај, 2018 - 10:54 (META) 

Никос Коѕиас и Никола Димитров до доцна синоќа преговарале и постигнале рамка за компромис за името.

– Имавме продуктивна средба, имаме рамка што треба да се доработи и на неа во моментов правни тимови од двете министерства во Атина работат, се планира важен разговор на премиерско ниво, Заев со Ципрас кон средината на оваа недела, каде се надеваме дека ќе се пресечат некои важни работи од опциите што се во игра – изјави Димитров за МИА.

Шефот на македонската дипломатија утрово имаше неформален појадок со министри за надворешни работи на ЕУ или нивни заменици. Франција и Холандија биле најтврди во однос на почетокот на преговори, како што беше очекувано.

– Убаво е да знаеме дека ова не е едноставно… Внатрешната консолидација во ЕУ е комплементарна а не спротивна на консилидацијата на Балканот, а доколку се случи овој историски пробив ќе биде шанса и за цела Европа да се создаде успех. Не сме во ситуација да имаме луксуз да пропуштаме историски шанси – изјави Димитров за МИА.


Димитров денеска на средба со министрите од ЕУ


Брисел, 28 мај, 2018 - 9:39 (META) 

Министерот за надворешни работи Никола Димитров утрово ќе има појадок со неговите колеги од Европската Унија и ќе ги информира европските министри за текот на реформите и ќе бара од нив да го „препознаат историскиот момент за Македонија и регионот“.

Неформалниот појадок, организиран од страна на Бугарија и Австрија, односно од сегашното и следното претседателство на ЕУ, ќе се одржи еден час пред почетокот на редовниот совет на ЕУ за надворешни работи.

За Македонија е од голема важност да добие временска рамка за почетокот на преговорите во текот на оваа година, бидејќи следната година е изборна во Европската Унија и политичките процеси ќе бидат во застој.

Димитров, кој по Њујорк веднаш отпатува за Брисел, вчера имаше тет-е-тет средба со високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини.

Иако беше најавена, средбата меѓу Димитров и неговиот грчки колега, Никос Коѕиас во Брисел, како продолжение на њујоршката рунда преговори официјално се уште не е потврдена. Според агендата на грчкиот министер за надворешни, за тоа нема да има многу време со оглед на информацијата дека веднаш по министерскиот совет Коѕиас патува за Германија каде треба да оствари средба со германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер.


Ципрас: Грција прв пат решително бара решение за името


Брисел, 26 април, 2018 - 13:31 (META) 

Грчкиот премиер Алексис Ципрас по средбата со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер порача дека неговата земја по прв пат на толку решителен начин се обидува да најде заемно прифатливо решение за името, јави Радио Слободна Европа.

Според него, Грција во последните години покажала дека треба да игра централна улога во обидот Европската унија во иднина да ја надгради нејзината меѓународна и регионална улога како сила на мир, стабилност и безбедност. Доказ за тоа, како што посочи, се напорите на земјата во справувањето со бегалскиот проблем и обидите за решавање на кипарското прашање и на спорот со името што Грција го има со Македонија.

– Ова го покажуваме обидувајќи се, по прв пат, на толку решителен начин да најдеме заемно прифатливо решение во прашањето со името на поранешната југословенска Република Македонија со гаранции дека ова прашање ќе има конечно решение – рече Ципрас.


Утре Брисел ќе препорача отворање на преговори со Македонија


Брисел, 16 април, 2018 - 10:08 (META) 

Европската комисија повторно препорачува отворање на пристапните преговори со Македонија, а извештајот за напредокот на земјата е меѓу попозитивните во овој пакет на Брисел, кој, како што стои во извештајот, „јасно ја препознал политичката волја за напредок“, јави Радио Слободна Европа (РСЕ), чии дописници од Брисел имале увид во документот што ќе биде објавен утре во Стразбур.

Во него се предупредува дека „штетата која се правела години наназад, не може да се среди преку ноќ“, но дека земјава ја надминала длабоката политичка криза и дека структурните реформи се долг процес кој може да потрае.

Според РСЕ, во извештаите невралгични точки во сите држави од Западен Балкан остануваат владеењето на правото, организираниот криминал и корупцијата, како синоними за секоја држава во регионот. Исто така, ЕК повторно во повеќе наврати го користи изразот „заробени држави“, со забелешка дека јавната управа во државите од регионот останува слаба, и малку или воопшто нема прогрес на полето на слобода на изразување.

Како и во минатогодишните извештаи, повторно се нагласува дека билатералните спорови и понатаму се главни пречки во процесот на евроинтеграција.

За Македонија во нацрт-извештајот се нагласува дека за понатамошен напредок на државата одлучувачки фактор е задржување и продлабочување на динамиката во процесот на итни реформски приоритети. ЕК изразува подготвеност да го поддржи тој процес со примена на засилен пристап за преговарачките подрачја за судството, основните права и слободи и слободата и безбедноста на државата.