„Свиркачите“ Лазаревски и Костовски се враќаат во МВР


Скопје, 20 декември, 2018 - 11:50 (META) 

Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски, „свиркачите“ што ја обелоденија аферата со прислушувањето на претходниот режим, од денеска повторно се враќаат на своите работни позиции во МВР.

Ова на својот Фејсбук профил го објави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, каде објави и фотографија од средбата.

Лазаревски е сведок во предметот на СЈО за прислушувањето „Таргет – Тврдина“. Тој и во сведочењата, но и претходно,  откри детали за тоа колку време му било потребно да открие што се случува зад ѕидовите на УБК, со какви закани се соочувал и кој се бил прислушкуван од блиското опкружување на обвинетите за аферата.

Заедно со Костовски ја открија аферата за најмасовно прислушување во Македонија.

Лазаревски 11 месеци беше во притвор.


Невладините организации бараат враќање на работа на укажувачите Лазаревски и Костовски


Скопје, 22 ноември, 2018 - 12:15 (META) 

Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски, чие откривање на тајните прислушкувања доведе до оставка на премиерот Никола Груевски во 2016 година, треба веднаш да бидат вратени на работните позиции во државниот сектор, што ги изгубија како одмаздување за нивното дело, бараaт три невладини организации.

„Транспаренси Интернешнл“-Македонија, Коалицијата за заштита на укажувачите од Југоисточна Европа,и Европскиот центар за правата на укажувачите веќе долго време се залагаа за праведно враќање на Лазаревски и Костовски на нивните работни места.

„Македонија треба да остане силна во борбата против заробувањето на државата која ефикасно започна со откривање на тајните прислушувања и големите коруптивни шеми предводени од поранешниот премиер Груевски. Не е праведно да се зборува за тоа колку е важна борбата против корупцијата за правда во Македонија без да се донесе правда за Лазаревски и Костовски“, изјави Слаѓана Тасева, претседател на „Транспаренси Интернешнл“-Македонија.

Таа додаде дека враќањето на нивните работни позиции за овие укажувачи е најмалку што може да биде очекувано, по усвојувањето на Законот за заштита на укажувачите, кој што беше усвоен како резултат на нивното откривање и во последователните политички одлуки, вклучувајќи го и формирањето на Специјалното обвинителство кое ги води истрагите.

Работејќи како колеги во Управата за безбедност и контраразузнавање, Лазаревски и Костовски работеа три години за да документираат несоодветно прислушување на околу 20.000 државни службеници, судии, луѓе од бизнис – секторот, активисти, новинари и други лица под сомнение од страна на владата на Груевски.

Откривањето во 2015 година доведе до оставка на Груевски, на нови избори во 2016 година, формирање нова влада во 2017 година и обвиненија на 94 луѓе и седум компании. Претходно овој месец Лазаревски сведочеше во судењето на повеќе од 10 лица обвинети во врска со скандалот.

Коалицијата за заштита на укажувачите од Југоисточна Европа им ја додели наградата за „Слободен говор“ на јавна церемонија во Приштина во месец март од оваа година. Европскиот центар ги повика активистите и граѓаните ширум светот да пишуваат писма до претставниците на македонските власти за поддршка на укажувачите.


Директорот на ОТА: „Бомбите“ никогаш нема да се повторат


Скопје, 1 ноември, 2018 - 14:44 (META) 

Директорот на новата Оперативна техничка агенција (ОТА) Зоран Ангеловски, соопшти дека Агенцијата, која ја презема опремата за прислушување од УБК и која ќе ја има контролата врз следењето на комуникациите, денеска официјално почнува со работа во полн капацитет.

На заедничката прес-конференција во Владата со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Ангеловски рече дека контролата врз работата на ОТА ќе биде повеќестепена, од собраниска комисија, од граѓански организации и експерти, со една цел – да не се дозволи никогаш повеќе да се врши незаконско прислушување.

– Ве уверувам дека „бомбите“ никогаш веќе нема да ни се повторат – изјави Ангеловски на прес конференцијата, додавајќи дека во Македонија сега нема незаконско прислушување.

Тој објасни дека ОТА е професионална агенција и целосно независно тело. Сега располага со технички кадар преземени од  МВР односно четири лица од Бирото за јавна безбедност и тројца од Управата за безбедност и контраразузнавање.  Најави дека останатите вработени ќе се изберат преку конкурс. За досега вработените, Ангеловски рече  дека поминале низ проверки дека не биле дел од аферата со прислушувањето, за што било консултирано и СЈО.


Протоѓер во „Титаник“: Ноќта на петти на „А1“ ќе им се мочам у уста


Скопје, 20 август, 2018 - 16:39 (META) 

По паузата во Кривичниот суд продолжи објавувањето на прислушуваните разговори во предметот „Титаник“. До сега објавени се 219 од вкупно 1.063 „бомби“.

Во разговор од 31 мај 2011 година меѓу ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и шефот на кабинетот на експремиерот Никола Груевски, Мартин Протоѓер, таа му раскажува дека тогашниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Поп Арсов не бил популарен кај јавноста и да му дадат друга обврска, за да не оди со неа меѓу граѓаните.

– Тој е добронамерен, ама не е популарен – вели Јанкулоска.

На пет дена пред изборите Протоѓер ја прашува Јанкулоска дали ќе ги победат СДСМ: „Ќе ги згазиме ли?“, прашува тој, на што ексминистерката се смее. Протоѓер потоа на повисок тон ѝ вели на Јанкулоска: „Ноќта на петти на ‘А1’ ќе им се мочам у уста“, алудирајќи на аферата со списоците.

Во Кривичниот суд се слуша во „бомбите“ како Јанакиески договара со транспортни фирми на нивни трошок да разнесуваат гласачи, иселеници, во избирачките места во дијаспората.

Судијата Осман Шабани закажа 2 нови рочишта за предметот „Титаник“ на 12 и 24 септември. Осомничените во случајот „Титаник“ на СЈО се товарат за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.


Претседателот на ДИК, Деркоски, во 2011 добивал наредби од Јанакиески за гласањето


Скопје, 20 август, 2018 - 11:50 (META) 

Оливер Дерковски, сегашниот претседател на ДИК, во „бомбите“ кои се пуштаат денеска во судница за време на рочиштето за „Титаник“ на СЈО, два дена пред изборите во 2011 година добива инструкции од обвинетиот Миле Јанакиески да се залепат плакати за сателитската партија СДПМ, за да се збунат гласачи на СДСМ.

Станува збор за партијата која на секои избори излегува со листи за пратеници со имиња слични на оние од СДСМ, со цел да ги збуни гласачите. Така, носители на избори листи на минатите избори беа имиња како Рада Шекеровска, Зоран Зашев, Игор Ивановски и Јанис Макрис.

Во еден од разговорите од 30 мај 2011 година, Јанакиески, на Дерковски, кој тогаш бил директор на МЖ Транспорт, му вели дека ќе добијат материјали и насоки за денот на гласањето:

– Нашите да пијат кафе до 7 во штабовите. До 9 да гласаат. До 10 да гласаат пријатели и роднини, до 12 сите вработени, а после неопределените – вели Јанакиески, а тој му вели „добро, во ред“.

Претходно Миле Јанакиески и Горан Трајковски, тогашниот директор на УЈП, договараат да затворат 4 дуќани кај „Циганите“, како што ги нарекуваат, во Струмица.

– Има сет дуќани, четири дуќани во ромско маало во Струмица се полни до врв со брашно. Со нив Заев ќе купува гласови. Затворете ги дуќаните, тамам пазарот заврши. Речете им канцерогено е – му вели Јанакиески на соговорник Ѓоко од Инспекторатот за храна и ветеринарство.


Во Кривичен суд продолжува слушањето бомби за „Титаник“


Скопје, 20 август, 2018 - 9:38 (META) 

Во Основен суд Скопје 1, односно Кривичниот суд денеска продолжува слушањето на „бомбите” во предметот „Титаник” на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Преслушувањето почна во четвртокот, а продолжи во петокот со 106 од вкупно 1.063 „бомби“.

Досега на снимките се слушнаа разговори меѓу поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески, поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески, шефот на Кабинетот на поранешниот премиер Мартин Протуѓер и други лица околу изборната кампања за изборите во 2013 година.

Одбраната реагираше дека снимките немаат никаква доказна вредност, на што судијата Осман Шабани рече дека доказите се прифатени и ќе бидат изведени, а потоа судот ќе цени дали тие се однесуваат на кривичното дело или не.

За „Титаник“, СЈО има поднесено 5.910 материјални докази и предложено 191 сведок.

Обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска – Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.


„Титаник“: Протоѓер го навредува Шврговски зошто отворил истрага за изборни манипулации


Скопје, 17 август, 2018 - 12:23 (META) 

Во една од бомбите објавена денеска во судница за случајот „Титаник“, меѓу Мартин Протоѓер и Гордана Јанкулоска во 2011, пред тогашните избори, се редат навреди за тогашниот републички јавен обвинител Љупчо Шврговски, а сегашен адвокат на Сашо Мијалков.

– Абе овој Шврговски, ова копиле скапано. Да му е..м мајката, по допрен глас ќе постапувал за сторијата на „А1“. Четири месеци чекам за „Надеж“, предмет да отвори. Тој работи за СДСМ. Чист случај за апсење има за Наташа Савова и ништо не прави – и вели Протоѓер на Јанкулоска.

Таа пак му вели дека таа помислила дека само отворил предмет, а потоа да го затвори. На ова Протоѓер уште понервозно и враќа дека тој бил човек на СДСМ и додава дека ќе му каже на Сашо Мијалков да го стегне.

Во претходните разговори Јанкулоска и Протогер зборуваат за аферата „Списоци“ која ја објави тогашната телевизија „А1“, односно за тоа дека вработените во државна администрација треба да обезбедат по 15 гласачи. Првично се смеат додека разговараат, но потоа се забележува дека стануваат нервозни, па одлучуваат да ги тужат новинарките.

– Нема начин како да се бориме против овие „А1“, „Време“ и „Шпиц“. Мора да ги тужиме – вели Протоѓер.

Јанкулска му сугерира да ја тужат новинарката Сашка Цветковска за лажно претставување.

Во наредните разговори Протоѓер се смирува, па и вели на Јанкулоска „Зборев со Шрговски, ќе го биде ова, ама ај ќе зборуваме“.

Набрзо по откривањето на аферата Шврговски ја затвори истрагата бидејќи наводно немало докази за злоупотреби од ВМРО-ДПМНЕ.


Во Кривичен суд продолжува слушањето на „бомбите“ за „Титаник“


Скопје, 17 август, 2018 - 9:27 (META) 

Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето за предметот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство во кое се обвинети повеќе поранешни функционери за изборни нерегуларности.

На вчерашното рочиште почнаа да се слушаат „бомбите“ во присуство на јавноста, а Специјалното јавно обвинителство побара во седум од 1.063 „бомби“ поради приватни разговори да биде исклучена јавноста.
Одбраната бараше „бомбите“ воопшто да не бидат пуштени и ги оспори како валиден доказ.

Рочиштата за „Титаник“ заради мајчинските обврски на поранешната министерка Гордана Јанкулоска ќе се одржуваат во периодот од 10 до 12 часот по што ќе следи пауза од еден час, потоа од 13 до 15 часот со пауза од еден час и од 16 до 18 часот.

За предметот „Титаник“, СЈО има поднесено 5.910 материјални докази и предложено 191 сведок.
Обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.


За 7 од 1.063 бомби во „Титаник”, СЈО побара исклучување на јавноста


Скопје, 16 август, 2018 - 14:20 (META) 

Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Мартин Протоѓер и другите обвинети во случајот „Титаник“ се вратија на обвинителните клупи во Kривичниот суд.

Адвокатите на обвинетите во случајот „Титаник“ на денешното рочиште побараа од СЈО да достави доказ за тоа како се обезбедени „бомбите“ кои СЈО ги користи како доказ. Еден од шесте адвокати на Груевски, Еленко Миланов, рече дека „бомбите“ не се доказ што е предаден до судот во оригинал, туку биле преснимувани. Тој го побара и записникот за предавање на „бомбите“ од СДСМ на СЈО за периодот од 2008 до 2015 година.

Обвинителката од СЈО Лиле Стефанова истакна дека ваквото барање е недозволено.

– Барањето на адвокатите на обвинетите да се изведе доказ како се обезбедени доказите е недозволиво. Исто така и останатите приговори поврзани со „бомбите“ се стари и по нив веќе е одлучувано – истакна Стефанова.

Во седум од 1.063 „бомби“ има приватни разговори и за нив СЈО побара јавноста да биде исклучена откако претходно во судницата ќе бидат пуштени сите други.

Специјалното обвинителство во овој предмет има покането 191 сведок и има 5.910 писмени докази.


Во Судот се слушнаа четири „бомби“ за „Трезор“, следно рочиште на 10 септември


Скопје, 28 јуни, 2018 - 16:37 (META) 

На денешното рочиште за случајот „Трезор“ се слушаа четири снимки од прислушувани разговори предложени од СЈО, а кои се однесуваат на фирмата „Финси“ и набавката на опрема наменета за МВР.

На снимките се слушаат разговори од 2010 и 2011 година меѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставревски, Сашо Мијалков и Влатко Мијалков и на Влатко Мијалков и Саша Глишиќ.

Одбраната на обвинетите приговараше до Судот да не се пуштаат разговорите се додека не се достави потврда од СЈО од записник составен од примопредавање од СДСМ на СЈО.

Судот го одби предлогот, откако обвинителите од СЈО кажаа дека таков записник е изработен и доставен за случајот „Таргет-Тврдина“.

Обвинетите во „Трезор“ се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот во висина од околу 770 илјади евра за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.

Поради завршување на работното време судијката Џенета Бектовиќ го прекина денешното рочиште и ново закажа за 10 септември.