Заев за „Базфид“: Про-руски бизнисмени плаќаат за насилни протести во Македонија


Скопје, 16 јули, 2018 - 12:59 (META) 

Премиерот Зоран Заев во интервју за „Базфид њус“ изјави дека про-руски бизнисмени се обидуваат да ја спречат земјата да се приклучи на НАТО, со плаќање за насилни протести.

Заев вели дека неговата влада добила повеќе извештаи дека „грчки бизнисмени” кои „се сочувствителни на руската кауза“ им платиле на Македонци суми во износ од 13.000 до 21.000 долари за „извршување акти на насилство” пред клучниот референдум подоцна оваа година, кој ќе утврди дали балканската држава ќе може да се приклучи на воениот сојуз.

– Странци блиски со Русија платиле илјадници долари да предизвикаат насилство со цел да ја спречат Македонија да се интегрира во НАТО. Дел од нив се поврзани со медиуми, дел ги охрабруваат младите луѓе да протестираат пред парламентот, да напаѓаат полицајци. Тоа е многу очигледно – вели Заев.

Тој одби да именува кој стои зад плаќањата, спомнувајќи ја истрагата која е во тек и чувствителноста на дипломатските односи кои ја опкружуваат земјата во обидите за членство во НАТО. Тој нагласи дека полицијата дознала за плаќањата по приведувањето на неколку учесници во насилните протести пред парламентот во минатиот месец.


Заев ги повика австриските бизнисмени да инвестираат во Македонија


Виена, 26 јуни, 2018 - 13:23 (META) 

Премиерот Зоран Заев ја започна официјалната посета на Република Австрија со состанок во Австриската Федерална Стопанска Комора.

Тој посочи дека Договорот со Грција го затвора билатералното прашање што стои на патот на интеграциите на Македонија, а дека земјата прави сериозни реформски чекори согласно европските стандарди што гарантира предвидливост и стабилност на бизнис климата во нашата држава.

-Ја надминавме политичката криза, ја стабилизиравме државата градејќи едно општество за сите, правиме суштински реформи за владеењето на правото и воспоставување правна држава, затоа и добивме чиста препорака од ЕУ. Сега со право за нашите напори и резултати очекуваме и датум за почеток на преговорите со ЕУ. Очекуваме и покана за НАТО. Ова за нас значи стабилност, безбедност, нови инвестиции, нови работни места, економски развој – порача премиерот.

Заев изрази надеж дека бројот на австриски инвеститори во Македонија ќе се зголемува, а таков повратен охрабрувачки одговор доби и од претставниците на австриската Стопанска комора.


Иванов приреди ифтарска вечера за дипломати, бизнисмени и претставници од јавниот живот


Скопје, 6 јуни, 2018 - 11:47 (META) 

Претседателот, Ѓорге Иванов синоќа приреди ифтарска вечера по повод светиот муслимански месец Рамазан, соопштија од кабинетот на претседателот.

– Ова се денови кога треба да се укаже чест и внимание, кога треба да се негуваат обичаите на нашата специфична македонска култура на традиција и соживот – рече претседателот Иванов во своето обраќање.

Тој додаде дека постот не е само откажување од храна, туку дека е и момент на почит на својата религија, на своето семејство, на своите ближни, воедно посакувајќи им на присутните многу радост, здравје, среќа и бериќет.

На ифтарската вечера присуствуваа претставници на јавниот живот, дипломати, бизнисмени, како и претставници на граѓански асоцијации и здруженија од Македонија.


Азески – Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ да не ги кочи законите кои се за подобрување на економијата


Скопје, 1 март, 2018 - 13:26 (META) 

Раководството на ВМРО-ДПМНЕ предводено од претседателот на партијата Христијан Мицкоски, денеска се сретнаа со претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески.

Целта, како што рече Мицкоски, е како опозициска партија да изготват поконкурентна и посоодветна економска програма, за да ги освојат симпатиите на бизнис-заедницата.

– Како ново раководство, ги презентиравме нашите заложби и планови како економски ќе делуваме во иднина и кои ќе бидат економските политики кои што нашата партија планира да ги презентира пред македонската јавноста. Финалната верзија на тие политики ќе биде донесена во соработка и на барање на бизнис-заедницата. За нас како ВМРО-ДПМНЕ е значајно да добиваме правилна навигација, за да видиме какви се нивните потреби и да најдеме решенија, а понатаму кога ќе ја формираме следната македонска влада тоа да го примениме – рече Мицкоски.

Претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески рече дека од нив е побарано да не ги кочат законите во Собранието кои се однесуваат на економијата во државата и подобрување на стандардот на граѓаните и дека комуникацијата ќе продолжи и во наредниот период.

-Ги замоливме во името на најголемата и најзначајната бизнис-заедница во државата, економските закони во Собрание и законите кои влијаат на квалитетот на живот на граѓаните да добијат поддршка и приоритет и покрај политичките превирања кои постојат и различните погледи во државата. Нашите предлози кои одат до Влада ќе ги испраќаме и до ВМРО-ДПМНЕ, да бидат во тек и да дадат свое мислење. Нивните предлози исто така ќе доаѓаат во Стопанската комора, што исто така е напредок. Добивме уверување од Мицкоски дека ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде бизнис определено – додаде Азески.


Заев со бизнисмени во Анкара: Трговијата да достигне милијарда евра


Анкара, 11 февруари, 2018 - 21:20 (META) 

Постојат можности за унапредување на економската соработка меѓу Република Македонија и Република Турција, констатирано е заеднички на вечерата на премиерот Зоран Заев со бизнисмени од Турција, организирана вечерва во Анкара, од ТОББ (TOBB) – Сојузот на стопански комори и берзи на Република Турција.

-Тука сме да пренесам отворена покана за инвестирање во Македонија. Свесен сум дека мојата земја ќе има напредок ако се развиваат приватниот сектор и инвестициите. Сакам да ви пренесам дека постои амбиент за инвестирање во Република Македонија. Со околу 35 инвеститори сме во пред договор, со 10 имаме потпишано договори, а има 100-ци заинтересирани – рече премиерот Заев пред бизнисмените од Турција.

Тој посочи дека Турција е 6. земја по големина на инвестиции во Македонија, дека 456 милиони евра е трговската размена и порача дека со перспективите за поголема соработка, може да има и поголем профит за компаниите и нови работни места за граѓаните на Македонија.

-Нашата цел е за неколку години трговијата со Турција да биде една милијарда евра – рече премиерот Заев.

Како области за продлабочување на соработката ги наведе земјоделството, енергетиката, градежништвото. Премиерот Заев рече дека правна регулатива за соработка меѓу двете  држави има, но дека ќе има унапредување на постојните договори, како тој за слободна трговија.

Потпретседателот на ХОББ, Фаик Јавуз, порача дека Турција и Македонија се големи пријатели и дека тие, како граѓани и како бизнис заедница ја поддржуваат Македонија во нејзиниот развој.

-Има околу 100 турски инвестиции во Македонија, но има уште многу што да се направи. Македонија се наоѓа во срцето на Југоисточна Европа, цели кон ЕУ, работи на тој пат, тоа значи отворен пазар и од 650 милиони луѓе – рече потпретседателот на ХОББ, Јавуз, охрабрувајки ги бизнисмените за инвестиции во нашата држава.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев од вечерва е во официјална посета на Република Турција придружуван од министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил, пратениците во Собранието на Република Македонија, Енес Ибраими и Јусуф Хасан и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски. Премиерот Заев, за време на посетата на Анкара ќе има средби на највисоко владино и државно ниво.


Заев предлага заеднички компании со Косово за струјата, железницата и авиосообраќајот


Приштина, 12 декември, 2017 - 17:01 (META) 

Македонскиот премиер Зоран Заев на денешната средба во Приштина со бизнисмените од Косово, потсетил дека Македонија и Косово покренале иницијатива за формирање на заедничка економска зона, царинска унија и олеснување на граничните процедури и порачал дека двете земји имаат заеднички интерес за формирање заеднички компании и оператори за менаџирање на енергетската мрежа, железничкиот и авио-сообраќајот, се вели во официјалното соопштение од македонската влада.

Заев рекол и дека двете влади треба да изградат заеднички царински терминал со кој царинската постапка би се поедноставила и повикал на зголемување на трговската размена.

– Искрено ги повикуваме сите да го инвестираат својот капитал во Македонија,  за што ќе добијат еднакви шанси и можности од државата.  Косово е еден од најзначајните трговски партнери на Македонија, трговската размена се одвива слободно, без царини и во истата Македонија остварува суфицит – рекол Заев.

Заев рекол дека се настојува да се следи динамиката на работите од косовска страна за автопатот Скопје – Приштина, кој беше предложен пред повеќе од една деценија, а чиј прв дел, од Приштина до Урошевац беше пуштен во употреба на самиот крај на минатата година, а на македонска страна не е направено ништо.

– Се надеваме наскоро да го завршиме автопатот Скопје – Приштина. Настојуваме делницата Скопје – Блаце, во должина од 12,5 км, да ја следи динамиката на работите на делницата од Приштина до границата. Новиот автопат ќе ја олесни комуникацијата меѓу Скопје и Приштина, ќе го зголеми транспортот и трговијата, и ќе ја унапреди економската соработка – рекол Заев.


„Самит 100“ ќе почне утре, ќе учествуваат бизнисмени и премиери на држави од регионот


Скопје, 15 октомври, 2017 - 18:01 (META) 

Шестиот годишен „Самит 100“ за бизнис-лидери од Југоисточна Европа ќе се одржи утре и задутре (16 и 17 октомври) во хотел „Мериот“ во Скопје.

На овој настан ќе учествуваат 100 реномирани бизнис-лидери, но и премиерите на Албанија, Еди Рама, на Црна Гора, Душко Марковиќ, претседавачот со советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, како и македонскиот премиер, Зоран Заев.

Посебно обраќање на овој исклучително значаен регионален настан ќе има и еврокомесарката за транспорт, Виолета Булц.

„Самит 100“ на бизнис-лидерите на Југоисточна Европа првпат се одржува во Скопје. Централната тема оваа година е „Поврзаност“, која ќе се разгледува низ настапи, презентации, работилници и низ панел-дебати во сферите како што се транспортот и слободната трговија, зелен Балкан, инфраструктура, брендирање и промоција на регионот, мобилност на луѓе и на идеи, енергија и дигитализација.


Пет премиери од регионот и 100 бизнисмени на „Самитот 100“ во Скопје


Скопје, 9 октомври, 2017 - 14:17 (META) 

Шестиот годишен „Самит 100“ за бизнис-лидери од Југоисточна Европа ќе се одржи во Скопје на 16 и 17 октомври. На овој настан ќе учествуваат 100 реномирани бизнис-лидери, пет премиери на држави во регионот – Албанија, Црна Гора, Косово и Хрватска, Македонија – како и претставници од Европската комисија.

Претседателот на управниот одбор на „Самит 100“ и генерален директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, на прес-конференција рече дека овој настан е уникатен затоа што отвора можности за поврзаност и за искористување на заедничкиот потенцијал на земјите од регионот.

– Гледано во светски рамки, нашите пазари се мали, но обединувајќи ги интересите и капцитетите во заеднички настап, можеме да бидеме сериозно меѓународно конкурентни и истовремено да го свртиме вниманието на глобалниот бизнис кон инвестицискиот потенцијал на земјите од Западен Балкан, Хрватска и од Словенија – изјави Мукаетов.

Проектот „Едисон“ е една од главните теми за која ќе се разговара на овој настан, а истиот предвидува електрификација на регионот, односно поставување на полначи за електрични автомобили во сите земји во регионот.

Мукатов додаде дека од досегашната организација на овој „Самит 100“, произлегол проектот „Феникс“, со кој градежните компании од регионот се здружиле за учество на трети пазари и на просторот на поранешниот СССР.

Програмскиот директор на „Самит 100“, Јелена Радуловиќ, информираше за содржината на панел-дискусиите што ќе се одржат, но како што кажа, целта е да се искористат предностите на заедничкиот настап на регионот во светски рамки за да се забрзаат порастот и развојот на економијата.

Една од целите е намалување и унифицирање на царинските процедури на земјите од регионот кои можат да бидат препознатливи по добрата храна и по туризмот.

– Учесниците ќе имаат можност да дискутираат за важноста на поврзувањето на регионот, слободното движење на стоките и на услугите и за тоа како локалните идеи можат да достигнат глобален успех. Работилниците ќе бидат посветени на енергетиката, економијата базирана на знаење, брендирање на производите од секторот храна, како и на дигитална економија и туризам – изјави Радуловиќ.

На премиерите од регионот ќе им бидат претставени заклучоците, а тие ќе го дадат својот осврт на „Новиот договор за новата доба“, кој воедно е и слоган на овој самит.

Еден од главните говорници е еврокомесарката за транспорт, Виолета Бул, претставници на водечките компании како „Горење“, „Бе-Ем-Ве“, „Подравка“, „Филип Морис“, „Убер“, „Бамби“, но и претставници на Европската банка за обнова и развој, Светска банка и др.


Немало прислушување политичари и бизнисмени во Хрватска, вели министер од БИХ


Сараево, 26 септември, 2017 - 18:48 (META) 

Директорот на Безбедносно-разузнавачката агенција на Хрватска, Даниел Маркиќ, денеска се сретнал со својот колега од БИХ, Осман Мехмедагиќ, откако хрватските медиуми објавија дека Разузнавачко-безбедносната агенција на БИХ (ОСА) прислушувала хрватски бизнисмени и политичари од Хрватска и од БИХ.

По средбата, министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Драган Мектиќ, рече оти челниците на разузнавачките агенции на БИХ и на Хрватска заклучиле дека немало незаконско прислушување на хрватски политичари и бизнисмени.

– Нема никаква разузнавачка афера и сите служби работат во рамките на законот. Констатирано е дека соработката меѓу двете служби е многу добра и ќе продолжи и во иднина. Исто така е констатирано дека на некој начин треба да се „спушти“ медиумски испровоцираната анкета – вели Мектиќ.

Хрватскиот неделник „Национал“ неодамна објави документи кои наводно потекнуваат од ОСА, за прислушување на хрватски бизнисмени и политичари. „Национал“ наведе дека ОСА веќе подолго време илегално спроведувала мерки за следење и за прислушување. Весникот тврди дека врз основа на увидот во повеќе тајни извештаи на ОСА, имаат докази дека таа служба „води специјална војна против Хрватска, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и надворешната политика на хрватската Влада, но и хрватскиот народ во БИХ“.


Бизнисмените од дијаспората ќе помогнат во економскиот развој на Македонија


Њујорк, 19 септември, 2017 - 11:44 (META) 

Премиерот Зоран Заев, придружуван од шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, и од министерот без ресор задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми, во Њујорк се сретна со претседателот на групата „Македонија 2025“, Роберт Арсов, познатиот бизнисмен од дијаспората, Џон Битов, како и со повеќемина други претставници на оваа група, соопшти владината прес-служба.

– Владата на Република Македонија се отвори кон сите кои можат да придонесат за економски напредок на државата. Дијаспората и конкретно активирањето на претставниците на групата „МК 2025“ во Македонија, ќе значи силен импулс за нови инвестиции во државата, особено зашто станува збор за почитувани и успешни бизнисмени на светско ниво – рекол Заев на средбата.

Претставниците на групата „МК 2025“, како што информираат од Владата, изразиле поддршка на реформските политики во кои гледаат реална можност за вклучување и за придонес на дијаспората за развој на економијата во Македонија.

Инаку, за денеска попладне предвидени се првите конкретни активности поврзани со 72. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, на кои ќе учествува и македонската делегација предводена од премиерот Заев.