!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

САД и Турција го обновија издавањето визи


Анкара, 6 ноември, 2017 - 20:53 (META) 

Американската амбасада во Анкара соопшти дека нејзините конзулати во Турција го обновиле издавањето визи на турски државјани на „ограничена основа“.

Со тоа е завршен прекинот на издавање визи од речиси еден месец поради дипломатската криза помеѓу двете земји.

Набргу потоа и турската амбасада во Вашингтон преку „Твитер“ објави дека го обновува издавањето на визите на државјаните на САД на „ограничена основа“.

Американската амбасада ја објави оваа одлука еден ден пред најавеното заменување на турскиот премиер Бинали Јилдрим во поста на САД да се сретне со американскиот потпретседател Мајк Пенс. Двајцата државници се очекува да разговараат за подобрување на нарушените односи помеѓу двете земји сојузнички во НАТО.

Издавањето визи беше прекинато минатиот месец, кога турските власти го уапсија турскиот службеник во американскиот конзул во Истанбул затоа што наводно бил поврзан со лица вмешани во минатогодишниот обид за пуч во Турција.


Амбасада на САД: Новите градоначалници да бидат отворени, достапни и одговорни


Скопје, 31 октомври, 2017 - 12:47 (META) 

„Силна локална власт обезбедува основи за динамична демократија. Ги охрабруваме новоизбраните градоначалници и советници да бидат отворени, достапни и одговорни за граѓаните во своите општини“, се вели во оценката на Амбасадата на САД за локалните избори.

Од амбасадата велат дека ќе ја продолжат соработката со општините, организациите и граѓаните за да се унапредат клучните реформи на локално ниво.

„Ги поздравуваме прелиминарните заклучоци на ОБСЕ/ОДИХР дека изборите беа одржани во атмосфера на натпревар и дека почитувањето на основните слободи придонесе за подобрување на демократскиот процес. Овие заклучоци се во согласност со тоа што тимовите од Амбасадата на САД го забележаа за време на првиот и вториот круг од изборите. Таму каде што постои загриженост за неправилности и за злоупотреби, повторно препорачуваме на граѓаните да ја искористат соодветната процедура и да ги пријават, а на релевантните власти -бргу да ги адресираат“, се вели во соопштението.

Од Амбасадата ѝ препорачуваат на Државната изборна комисија и на другите владини тела да го искористат периодот по овој изборен процес за да се фокусираат на препораките на ОДИХР што беа дадени по изборите во 2016 година и во 2017 година за да се зајакнат идните изборни процеси.


Амбасада на САД: Изборите поминаа мирно, сите неправилности веднаш да се истражат


Скопје, 16 октомври, 2017 - 17:33 (META) 

Амбасадата на САД во Македонија во изјава за „Мета“ оцени дека првиот круг од локалните избори вчера поминал на мирен и уреден начин.

Од таму ги поттикнуваат граѓаните доколку се соочиле со неправилности и злоупотреби, да ги пријават, а службените лица веднаш да ги истражатт преку соодветен процес.

„Амбасадата на САД им честита на граѓаните на Македонија кои го остварија своето право на глас на локалните избори одржани на 15 октомври. Ги поздравуваме прелиминарните заклучоци на ОБСЕ/ОДИХР дека изборите придонесоа за зајакнување на довербата во демократскиот процес дека беа испочитувани основните слободи на изразување и на собирање. Локалните власти играат клучна улога во животот на граѓаните и влијаат врз здравјето, инфраструктурата, образованието, безбедноста и животната средина“, велат од американската амбасада за „Мета“.

Од Амбасадата ги поттикнуваат граѓаните да учествуваат целосно и слободно и во вториот круг од изборите и потсетуваат дека тие заедно со другите меѓународни и локални организации, внимателно ќе го следат гласањето и на 29 октомври.


Откриено од какви звуци се разболеа вработените на амбасадата на САД во Хавана


САД, 13 октомври, 2017 - 11:14 (META) 

Стејт департментот пред две недели го повлече персоналот на Амбасадата на САД во Хавана поради мистериозни „звучни напади“ со кои Американците на Куба се бореле со месеци.

„Звучните напади“ почнале во ноември минатата година, а најмалку 21 лице од Амбасадата се пожалило дека има проблеми поради звуците. Синдикатот на вработените во американските дипломатски служби истовремено објавија дека некои од жртвите претрпеле повреди на мозок и трајно оштетување на слухот, како и дека страдаат од губење рамнотежа и тешки главоблки.

Во јавноста се шпекулираше што со месеци, всушност, слушале вработените во американската амбасада во Хавана, а агенцијата АП објави кратка снимка од мистериозниот звук, еден од варијациите на аудиозаписот што го слушале вработените во амбасадата. Агенцијата дигитално го засилила аудиозаписот за да се намали заднинската бука, но освен тоа не правела измени.

Станува збор за еден од низата звуци снимени во амбасадата, за кои истражителите навеле дека веројатно се создадени од некој вид сонично оружје.

Од агенцијата наведуваат дека звукот е сличен на тој што го прави рој штурци во многу висок тоналитет. На некои им наликува на пискање, како нешто што потенцијално би ги излудело луѓето по долга изложеност. Други слушаат различни тонови кои се спојуваат така што произведуваат ефект како тој што се создава кога некој со нокти гребе по плоча.


Евакуирани македонските државјани од Сент Мартин


Скопје, 11 септември, 2017 - 9:10 (META) 

Македонското министерство за надворешни работи соопшти дека македонската државјанка од францускиот дел на островот Сент Мартин е евакуирана, исто како и семејството од Штип, кое е во холандскиот дел на истиот остров.

„Амбасадата во Вашингтон е во континуирана комуникација со надлежните служби во САД. Досега нема информации за повредени или загинати македонски државјани. Апелираме на будност и на следење на препораките, имајќи предвид дека опасноста од ураганот сè уште не е надмината“, сооопшти македонското МНР.

Телефонските броеви за контакт со македонската амбасада во Вашингтон на кои може да се обратат македонските граѓани во секое време се: 202-390-7418 и 202-667-0501.


МНР: Нема пријавени македонски државјани погодени од ураганот Ирма


Скопје, 9 септември, 2017 - 10:15 (META) 

Министерството за надворешни работи (МНР) претпладнево соопшти дека до амбасадата на Република Македонија во Вашингтон не се обратиле за помош македонски државјани погодени од ураганот Ирма, кој ги зафати Карибите и брегот на САД.

Од министерството велат дека од социјалните служби дознале за еден македонски државјанин на островот Сент Мартин.

„Воедно, во комуникација сме и со Канцеларијата на странски мисии во Вашингтон и до денеска немаме добиено информација за пријавени македонски државјани од погодените подрачја. Од социјалните мрежи дознавме дека има еден македонски државјанин на островот Ст. Мартин. Иако островот територијално припаѓа под јурисдикција на Франција и Кралството Холадија, поради географската близина сепак пробавме да стапиме во контакт уште во текот на вчерашниот ден (преку социјалните мрежи) но сè уште немаме добиено одговор“, се вели во соопштението.

Телефонските броеви за контакт со македонската амбасада во Вашингтон на кои може да се обратат македонските граѓани во секое време се 202-390-7418 и 202-667-0501.

Министерството за надворешни работи пренесува дека според локалните власти, иако ураганот паднал на четвртиот степен од Сафир-Симпсон скалата, тој се уште претставува опасност за жителите на Флорида.
Затоа се препорачува постојано да се информирате за ситуацијата, да ги следите упатствата на локалните власти.

Според податоците од Националниот центар за урагани во Вашингтон, ураганот Ирма ќе стигне до брегот на Флорида во недела.


Димитров и Дачиќ денес во Ниш ќе ги затоплуваат односите


Ниш, 25 август, 2017 - 9:46 (META) 

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска во Ниш ќе се сретне со својот српски колега Ивица Дачиќ, во рамките на обидите за затоплување на односите меѓу Македонија и Србија. По средбата, двајцата министри ќе одржат заедничка прес-конференција.

Средбата во Ниш следи по телефонскиот разговор на премиерот Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ, на кој беше договорено прашањето да биде решено преку директен дијалог, како и низ мерки за подобрување на добрососедските состојби.

Официјален Белград во неделата го повлече персоналот на својата амбасада во Скопје поради наводни „офанзивни разузнавачки дејствија“ против Србија, а по разговорот Заев-Вучиќ персоналот на амбасадата вчера се врати Македонија.


Кој и под кои услови во Македонија може да нареди прислушување на дипломати


Скопје, 23 август, 2017 - 9:34 (META) 

Прислушувањето на странски дипломати, во чии редови без исклучок има и разузнавачи, според Законот за следење на комуникации се врши на барање на министрите за внатрешни работи и за одбрана, а го одобрува судија на Врховен суд.

Во Законот за следење на комуникациите условите и постапката за прислушување е уредена во две глави. Едната се однесува на сторители на кривични дела, а другата (Глава 3) на услови и постапка за следење на комуникациите за заради заштита на интересите на безбедноста и на одбраната на земјата, под која, наверојатно може да се стават евентуалните „законски“ следења на комуникациите на странските претставници.

Во тој случај, според членот 29 од Законот, судот може да нареди следење на комуникациите кога постојат основи на сомневање дека се подготвува извршување на кривично дело против државата, против вооружените сили или против човечноста и меѓународното право.

„Освен во случаите од ставот 1 на овој член, судот може да нареди следење на комуникациите и кога се подготвува, поттикнува, организира или учествува во вооружен напад против Република Македонија или во онеспособување на нејзиниот безбедносен систем да ги врши своите функции, кога на друг начин не можат да се обезбедат податоци за таквата активност или нивното обезбедување би било сврзано со поголеми тешкотии за да се спречи извршувањето на кривичното дело, вооружениот напад или онеспособувањето на безбедносниот систем“, стои во членот 29.

Барањето за донесување наредба за прислушување може да поднесе:

  • Министерот за внатрешни работи
  • Министерот за одбрана

или

  • Лице овластено од нив.

Барањето се доставува до:

  • Државниот јавен обвинител
  • Тој потоа го поднесува до судија на Врховниот суд кој дава наредба за прислушување
  • Судијата може да дозволи следење на комуникациите не подолго од шест месеци.

Сето ова се однесува на домашното законодавство, а однесувањето на дипломатите и на органите во земјата во која службуваат е уредено и со Виенската конвенција која го штити нивното дејствување на „туѓа“ територија.

По повлекувањето на целокупниот персонал од амбасадата на Србија во Македонија на итни консултации во Белград, српските власти соопштија дека тоа е направено бидејќи имало докази за „многу офанзивни разузнавачки активности против органите и институциите на Србија во Македонија“. Српските медиуми објавија дека српските дипломати во Македонија биле следени, прислушувани и застрашувани од македонските служби.

На ваквите тврдења, министерот за надворешни работи, Никола Димитров на прес-конференција изјави дека Владата ниту имала намера, ниту пак дала наредби да се вршат разузнавачки активности против и на штета на некоја од соседните држави, вклучувајќи ја и Србија и дека чекаат официјални информации од Белград за ваквите тврдења.


Вучиќ за РТС: Знаеме сè, разузнавачките активности се правени на многу повисоко ниво


Белград, 22 август, 2017 - 21:29 (META) 

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, во интервју за српската државна телевизија РТС вели дека Србија нема да дозволи да биде понижувана, но дека нема потреба од паника кај народот во Србија и во Македонија „бидејќи никој не сака судири, ниту ќе има“.

Во однос на одговорот на македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров дека Владата на Македонија не прислушувала, ниту планирала нешто такво, Вучиќ рече дека е свесен дека тоа се прави на едно многу повисоко ниво.

– Димитров беше многу прецизен велејќи „Владата не наредила, ниту планирала“. Ние знаеме. Нашата контраразузнавачка служба е силна. Знаеме што сè правеле. Правено е тоа на едно многу повисоко ниво, но тоа не им се прави на пријателите. Тоа го правеа и некои други во регионот, па интерно ги предупредивме тоа да не го прават. Проблемот тука што се прави една политичка приказна за да се вовлече Србија, во која нема да дозволам да бидеме вовлечена – рече Вучиќ, додавајќи дека тешко дека односите меѓу двете држави ќе бидат на највисоко ниво, поради ставовите на Македонија за Косово, но дека ќе тие ќе бидат „на пристојно ниво“.

Вучиќ вели дека е подобро темите да се отвораат, за да има повеќе фокус и внимание на тоа, отколку да се премолчуваат работите. Во контекст на тоа го спомна „крвавиот четврток“, и присуството на припадникот на БИА, Горан Живаљевиќ на во Собранието за време на насилствата.

– Тргна голема хајка против Живаљевиќ, дека тој е одговорен за тоа што се случувало во Собранието, бидејќи работел заедно со руските служби. Затоа што им беше тешко да кажат дека Русија и посветила толку многу внимание на Македонија, па мора да вовлечат и некој друг. Тешко им беше да ги вмешаат Бугарите, Грците и Албанците, па ги вмешаа оние кои немаат никакви територијални претензии кон Македонија и никогаш ништо не направиле против Македонија – вели Вучиќ.

Тој рече дека време е да престанат да молчат по тоа прашање и да им откријат на граѓаните кој му дозволил на Живаљевиќ да биде во Собранието.

– Па тој Живаљевиќ не отишол на своја рака. Не ме прашал мене, ниту кого било во нашата земја, иако нам треба да би полага сметки. Тој го прашал највисокиот претставник на извршната власт на Македонија, директно го прашал: „Јас сакам да бидам таму. Дали имате нешто против?“. Тие беа целосно запознаени со неговото присуство – вели Вучиќ, додавајќи дека тоа е искористено за да се води кампања против Србија и за Србија да се врзе со приказните на големите сили, со кои немаме никаква врска.


Дачиќ: Порака за Македонија – знаеме што сте договарале


Белград, 22 август, 2017 - 12:23 (META) 

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ денеска изјави дека одлуката на Србија да го повлече персоналот од амбасадата во Македонија всушност преставува порака до Скопје дека Србија „знае што се договарале и што се договориле“.

Тоа, како што истакна Дачиќ, не е нешто што им се прави на пријателите, но дека и покрај тоа Србија сака добри односи со сите држави во регионот поради мир и стабилност.

– Србија сака да ја смири новонастанатата ситуација со Македонија која не се базира на претпоставки, туку на недвосмислено утврдени факти кои говорат за засилено офанзивно дејствување кон Србија – изјави Дачиќ во утринската програма на телевизијата „Пинк“.

Српскиот министер за надворешни работи најави дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ утре телефонски ќе разговара со македонскиот премиер Зоран Заев, а дека тој ќе се слушне со неговиот колега Никола Димитров, но и дека српската премиерка Ана Брнабиќ ќе има прилика да се сретне со Заев на меѓународен собир овие денови.

Дачиќ истакна дека Србија не преземала и не презема ништо против Македонија сите овие години и дека била многу коректна и конструктивна и не се мешала во внатрешните работи на Македонија дури ни, како што вели, во турбулентните периоди кога имало секојдневни протести.

– Не постои ништо врз основа на што би можело да се утврди дека Србија презела било што би било против интересите на Македонија – додаде Дачиќ и потсети дека Македонија има проблем и дека не го разрешила прашањето за името на државата.

На пораката на македонската владата дека по прашањето на кандидатурата за Косово за членство во УНЕСКО ќе се води по ставовите на поголемиот број држави членки на ЕУ, Дачиќ вели дека ако Србија има став како ЕУ тогаш би можела да ја поништи претходната одлука и да ја признае Македонија под името со кое таа седи во Брисел – а тоа е БЈРМ.

Дачиќ вели дека и претходно постоеле разузнавачки дејствувања, но дека во последниот период имало наредби тие делувања да се зајакнат. Тој додаде дека не го загрижува тоа што го прислушувале неговиот телефон затоа што тоа што тој го зборува на телефон го кажува и јавно.