Во Полошко полицијата привела 48 странски државјани со нелегален престој


Тетово, 14 ноември, 2018 - 12:14 (META) 

Полициските службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово ноќеска од полноќ до 2 часот и 30 минути, спровеле акциска контрола во угостителски објект во тетовско Горно Седларце.

Таму биле затекнати осум женски лица, од кои пет од Република Албанија и три македонски државјанки. Албанските државјанки на возраст од 25 до 45 години, кои во објектот ги забавувале гостите, приведени се во Полициската станица Тетово, по што се предадени во Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија за натамошна постапка, информираат од СВР Тетово.

Во истиот период, спроведена е акциска контрола и во угостителски објект во Желино, во кој биле затекнати шест женски лица, од кои една од Република Косово и пет македонски државјанки. Косовската државјанка на возраст од 23 години приведена е и предадена за натамошна постапка.

Во период од 4 до 7 часот, акциска контрола се реализирала и во неколку објекти во Гостивар. Биле откриени и приведени 14 албански државјани на различна возраст од 17 до 57 години. Спроведена е контрола и во неколку гостиварски села, кае што откриени се 28 албански државјани со нерегулиран престој во земјава, соопштија од СВР Тетово.


Урбана уметничко-активистичка акција „Идното македонско евро“


Скопје, 13 септември, 2018 - 13:56 (META) 

Секоја земја членка на Европската Унија, по прифаќањето на еврото како валута, има право на монетите да ги аплицира своите национални симболи, порачаа активистите преку урбана акција која е дел од граѓанската кампања „Зачекори напред! Изборот е твој!“ (zacekorinapred.mk).

„Се надеваме дека набргу ќе дојде денот кога шарпланинецот, рисот, охридската пастрмка и другите нашите симболи, ќе заблескаат на монетите на еврото. Поттикнати од оваа европска практика, решивме на граѓаните, практично, на улица, да им доловиме како таа би можела, во иднина, да се примени и кај нас. Со оваа акција, ние како група урбани уметници – активисти, решивме на свој начин, онака како што најдобро знаемe, да го освежиме сувопарниот пред-референдумски пејсаж, но и да ги поддржиме напорите за приближување на Македонија и нејзините граѓани кон ЕУ“, велат активистите.


МВР: Продолжуваат мерките за спречување на диви трки на моторциклисти


Скопје, 5 јули, 2018 - 10:34 (META) 

Во периодот од 20 часот (04.07.) до 01.30 часот (05.07.) од страна на Одделението за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за внатрешни работи Скопје и Полициското одделение за сообраќајно ескортно обезбедување, повторно беа превземани посебни мерки и активности во делот на сообраќајот за спречување на организирање и учество во диви трки на моторциклисти, информираат од МВР.

„Притоа од страна на полициските службеници од Одделението за Безбедност на сообраќајот на патиштата привремно беа задржани пет мотоцикли, поради постоење на сомнение дека во нив се вградени одделни системи, составни делови, самостојни технички единици и опрема што се разликува од основно вградените издувни системи, согласно член 54 од Законот за возила, а против нивните сопственици ќе  бидат преземени  мерки по Законот за безбедност на патниот сообраќај  и Закон за возила. Покрај ова, а согласно законските норми, беа преземени вкупно 27 мерки за сторени сообраќајни прекршоци по разни основи“, се вели во соопштението на МВР.


Заев: Полициската акција во дискотеките е доказ дека законот важи еднакво за сите


Скопје, 2 јули, 2018 - 12:43 (META) 

Полициската акција која викендов беше спроведена во дискотеките во координација со Државниот инспекторат за труд, Управата за јавни приходи и Државниот пазарен инспекторат е доказ дека законот важи еднакво за сите, а МВР има должност да ја гарантира безбедноста на граѓаните, рече премиерот Зоран Заев како одговор на пратеничко прашање денеска во Собранието.

-Знам од она што го имам добиено како информација, ниту една од седумте дискотеки нема лиценца за дискотека. Некој носел оружје во самите дискотеки, имало дрога. Има реакции од многу луѓе, има реакции и од дел од пратениците, но тоа е само доказ дека законот важи еднакво за сите. Во еден од објектите имало 5.000 граѓани, а безбедност на граѓаните е пред се и над се. Акцијата е спроведена од 47 полицајци. Ако имало слабости кај полицијата ве верувам дека ќе бидат санкционирани, до сега нема такви докази. Некои кои реагираат на оваа акција се мои лични пријатели. Сакаме да ги слушнеме сите забелешки, но МВР мора да ја гарантира безбедноста на сите. Подзаборавивме какви тешки моменти преживеа Македонија без превентивни контроли. Локалите се драгоцени полначи на буџетот, отвораат работни места и со должна почит и понатаму ќе бидат третирани – рече Заев.

Во саботата МВР, Државниот инспекторат за труд, Управата за јавни приходи и Државниот пазарен инспекторат спроведоа акциски контроли во седум угостителски објекти на подрачјето на град Скопје. Во акцијата биле легитимирани 21 лице, а приведени биле три лица, од кои кај еден бил пронајдено огнено оружје, кај другиот непозната прашкаста материја, а третиот одбил да ја почитува наредбата издадена од полициските службеници и се спротивставил на преземање на службени дејствија.

Еден од приведените е сопственикот на една од најпопуларните скопски дискотеки „Сектор 909“, Огнен Узуновски-Оги, кој беше и активен учесник во протестите на Шарената револуција.

Голем број на граѓани на социјалните мрежи негодуваа за акцијата спроведена од МВР и коментираа дека полицајците во локалите биле вооружени со автоматски пушки.

На ова реагираше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој на својот „Фејсбук“ профил напиша дека полицијата не употребила сила и дека акцијата била спроведена според прописите и правилата.
Тој ги повика граѓаните да пријават во МВР доколку се соочиле со несоодветно однесување на полицијата.


Полицијата во Северна Митровица ја загрозила безбедноста на новинарите


Приштина, 30 март, 2018 - 15:52 (META) 

Регионалната платформа на Западен Балкан за слобода на медиумите и безбедноста на новинарите, која застапува повеќе од 8.000 членови, ги осудува последните инциденти кои се случија врз новинарите за време на полициската интервенција во Северна Митровица.

Од таму информираат дека инцидентот се случил на 26 март, кога специјалната полициска единица Регионална единица за оперативна поддршка (ROSU) во Северна Митровица го уапси претставникот на српската влада Марко Ѓуриќ, кој според Владата на Косово, влегол во државата без претходно одобрение од властите во Приштина.

„Новинарите ја покриваа средбата на Ѓуриќ и другите претставници со граѓаните на Северна Митровица, кога полицијата изврши интервенција на тоа место. За време на интервенцијата, специјалците искористија шок бомби и солзавци за да ја разделат толпата која го блокираше влезот на зградата каде се одржуваше средбата. Во таа хаотична ситуација, неколку новинари беа повредени и дел од нивната опрема беше оштетена. Меѓутоа, и други новинари беа нападнати на друга локација“, се вели во соопштението.

Оттука, Платформата повторно ја истакнува својата загриженост во однос на безбедноста на новинарите и инсистира косовските власти да спроведат истрага за полициската акција.

Заменик-директорот на косовската полиција во Северна Митровица посочил дека ниту еден случај на нападнат новинар не бил пријавен од страна на ниту еден новинар.

„Платформата ги охрабрува сите новинари да ги пријават инцидентите и нападите секогаш кога се нападнати или добиваат закани на работното место. Исто така, ги повикува властите да направат се што е во нивна моќ за да обезбедат безбедна средина за работата на новинарите“, се додава во соопштението.

Од почетокот на 2018 година, Здружението на новинарите на Косово регистрирало седум инциденти врз новинари, вклучувајќи еден физички напад и шест случаи на застрашување, не вклучувајќи го последниот инцидент.


МВР најави повеќе полиција на улиците и казни за несовесните возачи


Скопје, 29 јануари, 2018 - 14:54 (META) 

Министерството за внатрешни работи од утре најави засилено присуство на сообраќајната полиција во урбаните средини и казни за несовесните возачи, особено оние кои возат под дејство на алкохол и со брзина над дозволената.

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски на денешната прес-конфренција соопшти дека ваквата акција на МВР следи поради констатирана недисциплина во сообраќајот со непочитување на правилата и прописите.

– Поради тоа Министерството за внатрешни работи подготви мерки и активности кои ќе бида спроведени во наредниот период како на превентивен план, така и со санкционирање на оваа негативна појава. Ги известуваме граѓаните дека во наредниот период најстрого ќе бидат санкционирани сообраќајните прекршоци кои што се причина за сообраќајни незгоди со тешки последици, како што е возење под дејство на алкохол, возење со брзина над дозволената, недавање на првенство на минување и слично – рече Ангеловски.

Тој информираше дека во градовите ќе биде засилено присуството на сообраќајната полиција и т.н. возило „пајак“ и дека ќе бидат санкционирани сите непрописно паркирани возила.

Ќе биде сакнционирана и употребата и на т.н. „флешери“, појава која, како што рече, е зачестена во нашата држава.

„Апелирам до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, не за да го избегнат плаќањето на казните, туку пред се за да ја зголемиме безбедноста на сообраќајот на патиштата – рече Ангеловски.


Ердоган: Нема прекин на акцијата против Курдите во Сирија


Анкара, 22 јануари, 2018 - 18:20 (META) 

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган изјави дека нема да ја прекине операцијата против Курдите во Африн на северот на Сирија, што предизвика загриженост помеѓу сојузниците на Анкара. Toj рече дека, операцијата позната како „маслиново гранче“ ќе биде завршена кога ќе биде постигната посакуваната цел.

Турција ја обвинува курдската полиција за поврзаност со Курдистанската работничка партија која се смета за терористичка група, како во Турција така и во ЕУ и САД.

Претходно и трускиот премиер, Бинали Јилдрим изјави дека во операцијата се вклучени копнени и воздушни сили и дека целта е формирање на сигурносна зона од 30 километри длабоко во сириската територија.

При посетата на Лондон, американскиот државен секретар, Рекс Тилерсон изјави дека, САД се загрижени поради акцијата на Турција и ги повика двете страни на воздржаност.

НАТО соопшти дека Анкара има право на самоодбрана, но дека тоа мора да го прави на „соодветен начин“.

И Советот за безбедност на ОН денеска ќе расправа за ситуацијата во Сирија.


Уапсени 200 мафијаши во Италија, помеѓу кои и корумпирани функционери


Рим, 9 јануари, 2018 - 12:18 (META) 

Околу 200 припадници на еден од најпознатите мафијашки кланови се упасени во заедничка акција на полицијата во Италија и во Германија, соопштија италијанските официјални власти.

Според соопштението, уапсени се членови на криминалната група Ндрангета, чие што седиште е во регионот Калабрија.

Акцијата била спроведена заедно со германската полиција, имајќи предвид дека семејствата Фарао и Маринкола, кои је предводеле групата, работеле во двете земји.

Помеѓу уапсените има и функционети кои се сомничат за корупција, но не се наведува дали се од Италија или од Германија.

За време на акцијата одземен им е имот во вредност од 50 милиони евра, а деталите за акцијата ќе бидат соопштени во текот на денот.


МВР синоќа затвори 13 угостителски објекти и приведе четири малолетници


Скопје, 12 ноември, 2017 - 14:29 (META) 

Тринаесет угостителски објекти синоќа се затворени во координираната акција на Министерството за внатрешни работи, Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд.

Како што соопшти портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, синоќешната акцијата била спроведена по направените анализи и оперативни сознанија дека во голем број угостителски објекти не се почитуваат законските прописи во поглед на работното време, точење алкохол на малолетни лица, неиздавање на фискални сметки и слично.

– Во осум угостителски објекти е евидентирано присуство на малолетни лица, а приведени се четири малолетници, двајца за користење наркотични средства, а двајца за утврдување на идентитет. Поради утврдени неправилности, затворени се 13 угостителски објекти, а на едукација се повикани пет сопственици на угостителски објекти – рече Ангеловски, додавајќи дека со акцијата биле опфатени 24 угостителски објекти на подрачјето на Скопје.

Ангеловски соопшти дека синоќа била проведена и зајакната акциска контрола на возачи. Полицијата извршила алкотестирање на 272 возачи, при што кај 102 возачи е утврдено присуство на алкохол. Исто така констатирани биле и 49 други прекршоци за што се издадени 12 мандатни и 37 прекршочни платни налози.

– Министерството за внатрешни работи во соработка со другите институции ќе продолжи со ваквите контроли и во наредниот период. Нема да биде толерирано никакво непочитување на законите – рече Ангеловски.


Акција на турската полиција за апсење на 70 војници поради поврзаност со Ѓулен


Анкара, 10 октомври, 2017 - 12:00 (META) 

Турската полиција денеска почнала акција за апсење на 70 војници обвинети за поврзаност со имамот Фетулах Ѓулен, кој живее во САД, а кого властите во Анката го обвинуваат дека го организирал минатогодишниот обид за воен удар, јавуваат турските агенции.

Акции против приврзаници на Ѓулен во Турција се спроведуваат речиси секој ден, веќе 15 месеци, а само минатата седмица беа приведени околу 800 лица.

Ѓулен досега ги демантираше сите обвинување дека стои зад обидот за воен удар, кој се случи во јули минатата година.

Цел на денешната полициска акција, која, според агенциите, се спроведува во градот Конија, во централниор дел на Анадолија, и во уште седум провинции, се и двајца полковници, седум капетани и 36 поручници.

Шеесет и двајца од осомничените се припадници на турското воздухопловство, а некои од нив се и пилоти. Полицијата врши претреси во нивните домови и на работните места.

Повеќе од 50.000 лица во притвор го чекаат судењето против нив поради повразност со Ѓулен, а 150.000 лица се отпуштени или суспендирани од работните места во јавниот и во приватниот сектор.

Обидот за воен удар во Турција се случи на 15 јули минатата година, а во судирите загинаа 250 лица.