!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Авионски ќе се прска против комарци во Скопје утре и задутре


Скопје, 17 август, 2017 - 10:38 (META) 

Град Скопје извести дека утре и в сабота во раните утрински часови на територијата на Скопје ќе се врши авионско прскање против комарци.

Доколку не дозволуваат временските услови, авионската дезинсекција ќе се изврши првиот нареден ден кога временските услови ќе бидат поволни.

Пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите, предупредува градската управа на Скопје.


Авион се судри во комби во Чеченија


Грозни, 9 август, 2017 - 10:51 (META) 

Пилот на мал авион е полесно повреден откако при полетувањето удрил во комби на пат во Чеченија, јавува руската агенција ТАСС.

Шефот на чеченската сообраќајна полиција, Асламбек Назиров, изјави дека пилотот лошо ја проценил снагата на авионот, поради што удрил во возило паркирано покрај патот.

Возачот на комбито не бил во возилото во моментот на ударот, а пилотот поради повредите е префрлен во болница.


Над Сплит облак од чад, во Бока Которска гаси пожарникарски авион


Сплит, 19 јули, 2017 - 11:44 (META) 

Голем облак од чад се надвива над хрватскиот град Сплит, кој од понеделникот се бори со пожарите, а изгореа и некои куќи на периферијата. Утрово уште беше активен пожарот на планината Мосор, поради што треба да се интервенира со „канадери“.

Пожарникарите се и понатаму на терен, а во целиот град се до Солин се чувствува непријатен мирис. Поради тоа пожарникарите им препорачуваат на граѓаните да ги затворат прозорците и да ги користат климатизерите. На отворено, тешко се дише иако надлежните смируваат дека воздухот не е толку опасен.

Вчера гореше и кај Љубиње, во Босна и Херцеговина, но утрово сите пожари се изгаснати. Шумските пожари таму беснееја пет дена, а од завчера ги гаснеше хеликоптер на вооружените сили на БИХ. Досега се изгорени илјадници хектари шума и ниска вегетација, но и стока, некои објекти и четириесетина бандери.

На црногорското приморје, пак, од утрово пожарите ги гасне и украински противпожарен авион, кој има капацитет од осум тони вода. Тој првпат полета на задача во 7.20 утрово, од аеродромот во Тиват.

Пожарите се предизвикани од високата температура што предизвика сушење на вегетацијата, а се ширеа бргу поради силниот ветер долж јадранскиот брег во изминатите денови.


Патник се обидел да отвори врата додека авионот летал


Њу Делхи, 11 јули, 2017 - 20:44 (META) 

Инцидент се случил за време на лет на авиокомпанијата „Ер Азија“, кога патник се обидел да ја отвори вратата за излез во случај на опасност, соопшти денеска малезиската авиокомпанија.

Како што се наведува, станува збор за 32-годишниот Индиец, Афтаб Ахмед, кој ги повредил патниците и членовите на екипажот кога се обиделе да го совладаат додека авионот се подготвувал за слетување.

Инцидентот се случил синоќа, на летот од Њу Делхи до Ранчи, а „непресметливиот патник“ е приведен и предаден на полициските сили во градот Ранчи.


Кинески авион безбедно слета по проблеми со моторот


Сиднеј, 12 јуни, 2017 - 13:25 (META) 

Патнички авион на кинеската компанија „Чајна истерн“, кој летал за Шангај, безбедно се врати во Сиднеј поради проблеми во текот на летот, предизвикани од отворена дупка во куќиштето на моторот.

Кинеската компанија соопшти дека екипажот на летот 736, по полетувањето забележал оштетување на приклучокот за воздух на левиот мотор, поради што капетанот одлучил да се врати.

Компанијата наведува дека авионот безбедно слетал и дека патниците се згрижени.


Исчезна воен авион со 116 лица во Мјанмар


Најпјидо, 7 јуни, 2017 - 15:56 (META) 

Воен авион исчезна од радарот на Мјанмар, соопшти шефот на војската на таа земја, а аеродромски извори наведуваат дека во авионот имало 116 лица, односно 105 патници и 11 членови на екипажот.

Комуникацијата со леталото ненадејно прекинала околу 13.35 часот (9.05 часот по централноевропско време), рече генерал Мин Аунг Хлаинг.

Контактот со авионот е прекинат додека ја надлетувал областа Давеиј, на југоистокот на Мјанмар.

Авионот полетал од местото Мјеик, на југот на Мјанмар, и требало да слета во градот Јангон.

– Во тек е операција за пронаоѓање и за спасување, која се спроведува со авиони и со воени бродови – изјави воен претставник.


Јапонски воен авион исчезна со четиричлен екипаж


Токио, 15 мај, 2017 - 15:35 (META) 

Јапонското министерство за одбрана испратило авиони и хеликоптери за да пронајдат авион со четиричлен екипаж, кој денеска исчезна на северот на Јапонија.

Извидувачкиот авион исчезнал од радарите во близина на аеродромот Јакадате, на островот Хокаидо, додека се обидувал да собере пациент во Хакодате, на барање на градоначалникот на градот, соопшти портпаролот на министерството.

– Пративме четири хеликоптери и два авиона да го пронајдат исчезнатиот авион. Засега немаме најдено никакви траги – рече портпаролот, додавајќи дека временските услови се многу лоши, особено по планините.

Исчезнатиот авион требало да превезе пациент од болница во Хакодате го градот Сапора, главен град на префектурата Хокаидо, за посебен медицински третман.


Естонија соопшти дека авион во кој бил Лавров го нарушил нејзиниот воздушен простор


Талин, 5 мај, 2017 - 20:31 (META) 

Естонија соопшти дека руски авион во кој, наводно, се превезувал шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, накратко го нарушил естонскиот воздушен простор.

Советничката на естонскиот премиер, Кадри Петерс, на „Твитер“ наведе дека Лавров го нарушил воздушниот простор на земјата.

„Лавров леташе во Финска за да разговара за безбедносниот воздушен сообраќај, но ајде притоа да го нарушиме естонскиот воздушен простор“, напиша Петерс.

Лавров вчера во Финска разговараше за повеќе прашања, меѓу кои беше и безбедносната на авио-сообраќајот во регионот на Балтичкото Море.

Естонските медиуми јавија дека авионот на „Русија ерлјанс“ кој го користи претседателската администрација, накратко го надлетал северниот дел на Естонија во близина на островот Вајндло, каде руски воени авиони во изминатите години го нарушуваат просторот на земјата.


Во Куба се урна воен авион, загинаа осум војници


Хавана, 30 април, 2017 - 14:00 (META) 

Кубански воен авион падна во провинцијата Аремиса на западот од Куба, а во несреќата загинаа осум војници, соопшти кубанската влада.

Војската во писмено соопштение наведе дека авионот „ан-26“ од советско производство, полетал од аеродромот „Плаја Баракоа“ во 6.38 часот наутро по локално време и дека се урнал во близина на градот Канделарија, оддалечен 65 километри.

Формирана е специјална комисија што ќе ја истражи несреќата.


Во авионска несреќа во Лисабон загинаа пет лица


Лисабон, 17 април, 2017 - 16:24 (META) 

Мал авион денеска се урна во населено место во Лисабон, во близина на супермаркет. Според пишувањата на медиумите, загинале пет лица, од кои четворица кои биле во авионот и едно лице кое се нашло на местото на несреќата.

Авионот се урнал по полетувањето од аеродромот, кој е се наоѓа на дваесетина километри западно од Лисабон.

Пилотот на авионот бил Швајцарец, а патниците Французи.