СВР и ОЈО се координираат за расчистување на случајот со говорот на омраза на навивачките групи


       
Тетово, 7 ноември, 2018 - 13:35 (META) 

Полицијата и Обвинителството работат координирано во обелоденувањето на настаните кои се случија во саботата и неделата во Тетово во кои навивачите на групите „Војводи“ и „Балисти“ користеле говор на омраза по етничка основа, а кое според Кривичниот законик е кривично дело казниво со глоба или казна затвор од 1 до 5 години, известува „Порталб.мк“.

Во саботата, навивачката група „Војводи“ од Тетово ја славеа 30 годишнината на нивното постоење и во текот на марширањето по градските улици користеа навредливи извици кон Албанците. Еден ден потоа, односно во неделата, по завршување на натпреварот помеѓу Шкендија и Шкупи во Тетово, навивачката група „Балисти“, им возврати на „Војводите“, исто така со навредливи зборови, но упатени кон Македонците.

– Нашиот став е многу едноставен, ние не го започнавме ова, тие почнаа први и потоа ние им возвративме – вели водачот на навивачката група од Тетово „Балисти“, Исак Лума.

Од друга страна, „Војводите“ велат дека тие не предизвикале никаков инцидент, и бараат од органите на редот и прогонот да не ги изедначуваат со „Балистите“.

– Како навивачка група одговорно тврдиме дека од наша страна не е предизвикан никаков инцидент и бараме од МВР и Обвинителството да не ги ставаат „Војводите“ во ист кош со нашите варварски соседи кои како што се гледа не можат да се соочат со нас и нашиот успех и заради тоа ги напаѓаат невините граѓани и објектите – велат од навивачката група.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вели дека се преземаат мерки за двете навивачки групи.

– Определивме посебна задача во делот на превенцијата и работиме со двете навивачки групи. Не смееме да дозволиме нивните судири со говор на омраза да станат секојдневие во Република Македонија – вели Спасовски.

Вчера, раководството на СВР Тетово, одржа средба со претставници на ОЈО за целосно расчистување на случаите со навивачките групи.

На средбата се договориле координативни активности за квалификување на настаните, понатамошната динамика и чекори, за комплетно расчистување на случајот и финално заокружување со подготовка на соодветни тужби против инволвираните поединци.

На прашањето на „Порталб.мк“, дали е покрената некоја соодветна тужба за сторителите, полицијата и Обвинителството со ист одговор дека се работи на идентификување на лицата и дека ќе информираат кога ќе ги поднесат соодветните пријави.