Свилановиќ: За пет години 1.000 борци од Западен Балкан заминале во Сирија и во Ирак


       
Крањ, 30 ноември, 2017 - 14:24 (META) 

Околу 1.000 лица од земјите од Западен Балкан заминале да се борат во Сирија и во Ирак од 2012 до 2017 година, од кои 300 се вратени, околу 200 се убиени, а околу 400 сè уште се на боиштата, изјави денеска генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС), Горан Свилановиќ.

Тој, како што соопшти РСС, изјави дека темпото на заминување на граѓаните од регионот се намалило во 2015 година, а речиси во целост е запрено во средината на 2016 година.

Study Infographics

Инфографик за движењето на странските борци од Западен Балкан кои заминале на боиштата во Сирија и во Ирак во периодот од 2012 до 2017 година

– Истовремено, од цела Европска Унија околу 5.000 граѓани заминале да се борат во Сирија и во Ирак – рече Свилановиќ во обраќањето на Втората меѓународна конференција за борба против тероризмот и насилниот екстремизам во Југоисточна Европа, што се одржува денеска во Брдо кај Крањ во Словенија.

Свилановиќ додаде дека овие податоци, кои поттекнуваат од студија што наменски ја порача РСС, „нè доведуваат чекор поблиску да осмислиме што треба да се направи од училиштата до затворите за да се победат насилните идеологии кои доведуваат до ужасите на тероризмот“.

Учесниците на Конференцијата, на која има претставници на влади од Западен Балкан и на повеќе меѓународни и регионални организации и инцијативи што се занимаваат со овој проблем, ќе разговараат за моменталните трендови и предизвици во активностите на европско, регионално и на национално ниво, како и за начините на спроведување на порано договорениот принцип – „цела влада, цело општество“, во сузбивање на насилниот екстремизам.

Конференцијата ја организира Регионалниот совет за соработка заедно со Министерството за внатрешни работи на Словенија, како и со Иницијативата на Западен Балкан за борба против тероризмот и Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа.

Првата конференција за овој проблем е одржана во ноември во Тирана. Република Македонија, како основач и активен член на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, активно партиципира на овие собири.