fbpx

Светскиот ден на мирот утре граѓаните ќе го одбележат со протест за чист воздух

-

Светскиот ден на мирот (21 септември), Коалицијата О2 за чист воздух и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ ќе го одбележат со мирен марш за право на чист воздух.

Маршот ќе почне пред Владата со почеток во 17 часот, ќе продолжи по булеварот Илинденска и на булеварот 8 Септември, граѓаните ќе се спојат со здруженијата од Карпош, кои претходно ќе одржат протест пред Општина Карпош.

Здруженијата порачаа дека проблемот со загадениот воздух сериозно треба да го сфатат како централната, така и локалната власт. Тие ќе бараат нивните предлог-мерки да бидат вградени во изборните програми на кандидатите за градоначалници.

– На прагот на зимата сме, сите вредности за загаден воздух ќе скокнат драматично, а потоа ќе биде предоцна да реагираме. Последиците се чувствуваат во сите поголеми градови, во Скопје, Тетово, Битола. Срамно е за државата, од 10 најзагадени градови во Европа три да се во Македонија. Се зголемува бројот на заболени деца и на возрасни, но и на смртни случаи како последица на загадениот воздух – вели Ели Пешева од Коалицијата О2.

Меѓу мерките што здруженијата ги предлагаат е и усогласување на регулативата со меѓународната. Исто така, бараат одговорност за загадувачите, зголемување на свесноста на граѓаните, здрави животни навики, алтернативни решенија за чист воздух, санација на критични извори на загадување, кои иако не работат, загадуваат, како ОХИС и Топилница во Велес. За РЕК Битола бараат затворен систем на отпрашување, а посочуваат дека индустриските капацитети треба да се градат најмалку 10 километри надвор од населените места.

Како причинители за загадувањето ги наведуваат работата на индустриските капацитети без филтри и непочитување на пропишаните законски процедури, намалување на урбаното зеленило, лошото управување со отпадот.

Предлог-мерките кои се итни, среднорочни и долгорочни тие ги доставиле до Министерство за животна средина и до Владата, а ќе ги достават и до кандидатите за градоначалници.

– Долг и бавен е процесот за менување на свеста. Ако сега се почне, резултати ќе има за пет години. Потребна е соработка со локалната и со централната власт. Без оглед на разликите, чистиот воздух и здравата животна средина се прашање на здравје и од заеднички интерес за сите – додава Пешева.

Драги Змијанац од „Меѓаши“ изјави дека децата се ранлива група, така што сè поголем е бројот на оние со респираторни заболувања.

Тој додаде дека утре основните и средните училишта ќе се вклучат во акцијата за подигнување на еколошката свест кај децата.

Граѓанските здруженија велат дека новата влада покажала интерес за решавање на оваа проблематика.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...