Светска банка: Со просечни 2,8 проценти пораст, ќе ви требаат 70 години да ја стигнете ЕУ


       
Скопје, 29 ноември, 2018 - 14:52 (META) 

Светска банка смета дека Македонија има голем потенцијал за забрзување на економскиот пораст, за намалување на сиромаштијата и за подобрување на животниот стандард, особено за луѓето во најдолниот дел на распределбата на приходите.

Ова денеска беше посочено на презентација на анализата „Постигнување посветла иднина за сите“ во која се разгледува напредокот на Македонија во текот на 27 години по остамостојувањето, а беше презентиран од страна на регионалната директорка на Светска банка за Западен Балкан, Линда Ван Гелдер.

Во анализата се идентификувани три патеки кои меѓусебно се надополнуваат, за земјата да ги искористи новите можности за надминување на предизвиците. Првата е да поттикне подинамичен и поконкурентен приватен сектор, втората е вложување во луѓето за да се изгради конкурентна и приспособлива работна сила и третата се однесува на остварување економска социјална одржливост, како и одржливост на животната средина преку делотворно управување

Македонија е рангирана како земја со средни до високи приходи, но, како што беше посочено, има потенцијал да биде и со високи приходи за што треба да се спроведат одредени реформи.

Претставникот на Светска банка во Македонија, Марко Мантованели потенцира дека Македонија се наоѓа во историски период. Потенцираше дека, државата од 2.000 година има просечна стапка на пораст од 2,8 проценти и со таков пораст за 70 години би постигнала нивото на ЕУ, доколку се зголеми на 5 отсто тогаш целта ќе се оствари за 30 години.

Во однос на најавеното прогресивно оданочување, Мантованели посочи дека Македонија е една од земјите со најмали приходи и оти има простор за прогресивно оданочување, но при тоа да се има предвид да не се поткопа ефикасноста.