Светска банка: Економијата во Македонија закрепнува, прогнозите се позитивни


       
Скопје, 11 април, 2018 - 12:02 (META) 

По минатогодишната стагнација на македонската економија, Светска банка за земјите од Западен Балкан за годинава предвидува раст од 3,2 проценти и 3,5 проценти во 2019 година.

Редовниот економски извештај за Западен Балкан покажува дека економиите на Македонија и Србија, влијаеле и на намалувањето на растот на економијата на Западен Балкан, од 3,1 процент во 2016 година на 2,4 проценти во 2017 година.

– Економското влијание на политичката криза во Македонија беше подолго од очекуваното. Растот забави на нула во 2017 година, заради големото намалување на инвестициите. Но, економијата веќе започнува да закрепнува во 2018 година, предводена од потрошувачката и закрепнувањето на инвестициите. Нашите прогнози се позитивни за блиска иднина – изјави директорот на Канцеларијата на Светска банка во Македонија, Марко Мантованели.

Градежната и преработувачката индустрија во првите три квартали лани забележале пад.

– Во четвртиот квартал лани имаме мало закрепнување на преработувачката индустрија, кое продложи и на почетокот на годината. Кај градежништвото нема јасна слика. По падот на активноста, имаме привремено пролонгирање на проектите во јавните инвестиции, бидејќи Владата го ревидира квалитетот. Во креирањето на 190.000 работни места на Балканот, Македонија учествува со 18.000. Така што и покрај стагнацијата на економијата, има позитивно поместување на пазарот на трудот. Мерките за вработување треба да бидат активни без фискални импликации како во минатото – рече економистот во канцеларијата на Светска банка во Македонија, Бојан Шимбов.

Тој додаде дека извозот растел побрзо од увозот, со што се придонело за намалување на трговскиот дефицит. Според Шимбов, позитивно е тоа што во него придонеле и домашните извозници, како резултат на закрепнувањето на економијата во Европа, која е наш најголем трговски партнер. Странските инвестиции лани имал мал пад, поради политичката криза и несигурноста.

Светска банка ја поздрави заложбата на владата за фискална консолидација со фискалната стратегија, а го нотираше и ланското намалување на јавниот долг, прв пат по 2008 година.

Од Светска банка препорачуваат зголемување на приходите и подобро менаџирање на расходната страна.

– Има простор за зголемување на приходната страна преку ефикасна наплата на даноците и зголемување на квантитетот на истите. Притоа, тие треба да бидат искористени за продуктивна цел, не на тековни трошоци и нетаргетирани социјални трошења како во минатото – додаде Шимбов.

Светска банка оценува дека потенцијалното членство во НАТО и преговорите со ЕУ, ќе бидат сидро за структурните реформи кои позитивно би влијаеле на економскиот раст, зголемување на сигурноста на странските и домашните инвеститори.

Во однос на емиграцијата на населението, податоците на Светска банка покажуваат дека 25 отсто се иселени, а пикот бил достигнат во 2015 година.

– Долго не е спроведен попис и точната бројка не може да се одреди. Извор на податоците се Обединетите нации и Виенскиот институт, со што проксимативно, бројката е 25 отсто од популацијата. Во 2015 година сме имале исторски максимум на иселување, споредено со 2000 година. Трендот на иселување на висококвалификувана работна сила продолжува – појасни Шимбов.

Од Светска банка ѝ препорачуваат на владата континуирани заложби за фискална консолидација, воведување на даночни реформи за мобилизирање на приходи, зајакнување на даночни проходи и ревидирање на даночните отстапки, рационализирање  и подобрување на квалитетот и ефикасноста на социјалните трошења, рационализација на субвенциите посебно во земјоделстовото, обезбедување на одржливост на пензискиот систем.