Сугарески: За изградба и реконструкција на Коридор 8, инвестираме 500 милиони евра


       
Тетово, 5 јуни, 2018 - 13:49 (META) 

Aвтопатот Скопје – Тетово во должина од 17 километри се рехабилитира и инвестицијата е во вредност од 1,1 милиони евра, средства обезбедени од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), информираат од Министерство за транспорт и врски.

Министерот за транспорт и врески, Горан Сугарески истакна дека во западниот дел на државата се инвестираат преку половина милијарда евра за изградба и реконструкција на патната мрежа на Коридор 8.

Покрај реконструкцијата на автопатот од Скопје до Тетово, во втората половина на годината преку ЈПДП ќе се распише тендер за проектирање за реконструкција на патот од Тетово до Гостивар на ниво на стандарден автопат.

„Во меѓувреме се работи на реконструкција на државниот пат од Гостивар до Кичево, со вкупна вредност на инвестицијата од преку 6 милиони евра. Во тек е и проектирање за изградба на нов автопат од Гостивар до Кичево и секако продолжуваме со изградба на автопатот од Кичево до Охрид“, изјави Сугарески.

Директорот на ЈПДП, Зоран Китанов истакна дека од вкупната должина до сега се асфалтирани 9 километри и се очекува до крајот на јуни реконструкцијата на делницата на потегот од Скопје кон Тетово да е комплетно завршена.

„Во текот на овој месец ќе започнат и градежните работи за реконструкција на делницата на потегот од Групчин кон Сарај“, изјави Китанов.