Градежната комора на Македонија, Министерството за транспорт и врски, Општина Центар, Стопанската комора на Северозападна Македонија и останати релевантните чинители од секторот во Сојуз на стопански комори на Македонија на највисоко ниво дискутираа за актуелната состојба во градежништвото.

Тие сметаат дека раст и стабилност на градежниот сектор, значи стабилност и за 26 други стопански гранки директно поврзани со градежништвото.

Претседателот на Градежната комора на Македонија, Ивица Јаќимовски рече дека нивното главно барање е во најбрз рок да се донесе предлог-новиот Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење.

„Со донесување на Законите ќе се овозможи решавање на еден од најголемите проблеми изминатата година, блокирање на веќе одобрените детални урбанистички планови. Стопирањето на ДУП-овите ја доведе во прашање правната сигурност на инвеститорите во градежниот сектор кои трпат големи финансиски штети“, истакна Јаќимовски и додаде дека при донесување на деталните урбанистички планови треба особено да се внимава, бидејќи секое стопирање кога веќе започнал процесот на градба значи штета која не може да се надомести.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, верува дека следната година ќе има реализација на најавените проекти во градежништвото, без проблеми.

„Токму затоа треба да работиме за да нема застој, поточно да се запазат предвидени законски рокови  во градежништвото кои се од особено значење, бидејќи секое остранување на пропустите направени при проектирањето, ќе значи дополнително трошење на време и финансиски средства, кои неминовно се одразуваат врз градежниот сектор и економијата во целост. За следна година за капитални проекти предвидени се 418 милиони евра, а реализиција на планираните градежни инфраструктурни зафати значи раст на домашната економија“, истакна Сугарески.