Сугарески: Патот Ранковце – Крива Паланка е од регионално значење за економијата


       
Крива Паланка, 25 септември, 2018 - 14:56 (META) 

Експресниот пат Ранковце – Крива Паланка кој е со вкупна должина од 25 километри почна да се гради јуни годинава и треба да биде завршен за три години, информираше министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кој денеска изврши увид во градежните работи.

– Експресниот пат Ранковце – Крива Паланка како дел од доизградбата на Коридор 8 е од особена економска важност за Македонија. Со него овозможуваме брза врска на пан-европскиот Коридор 8 кој нè поврзува со Бугарија, а со тоа отвораме можност за подобрување на економските врски со Европската Унија. Покрај регионално поврзување, со комплетирање на Коридор 8 и создавање на модерна патна мрежа ќе придонесеме за брз и безбеден транспорт на стоки и услуги и ќе им овозможиме на домашните компании полесно да се пробијат на нови пазари. Во таа насока го потпишавме и договорот со ЕБОР за реконструкција и проширување на патот од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, со што создаваме комплетно нова патна делница на овој Коридор од значење не само за нашата земја, туку и за целиот регион – изјави Сугарески.

Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 58,5 милиони евра.