This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Sat Oct 20 19:55:58 2018 / +0000 GMT

Сугарески најави изградба на водоводни и канализациски мрежи во 20 општини




Инвестиции од 20 милиони евра за нови водоводни и канализациски мрежи во 20 општини најави денеска министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески. Рече дека акцентот ќе се стави на руралните општини, а целта е од сегашните 18 отсто, покриеноста со такви мрежи да се искачи на 40 отсто.

- Со оваа нова инвестиција на Министерството за транспорт и врски, онака како што ветивме, почнуваме со реализација на проектот за унапредување на водоводната и на канализациската мрежа. Особен акцент ставаме на руралните општини каде процентот на покриеност со водоводна и со канализациска мрежа е 18 отсто. Наша цел е за 4 години овој процент да се зголеми на 40 отсто, што е во функција на обезбедување рамномерен регионален развој и баланс меѓу урбаните центри и руралните средини - рече Сугарески.

Тој напомена дека проектите од овој нов инвестициски циклус на Министерството за транспорт и врски ќе се реализираат во соработка со Европската инвестициска банка, КФВ банката и со Секретаријатот за економски прашања од Швајцарија.

Првите проекти што ќе почнат наскоро, се 18  на број, а за нив се планирани вкупно 7,4 милиони евра. Ќе се гради цевковод за подобрување на водоснабдувањето во Гостивар, ќе се инсталираат нови водомери со далечинско отчитување во општина Куманово, а во прилепско Големо Коњари ќе се гради дел од канализациска мрежа. Планирана е и изградба на секундарна мрежа на фекална канализација за населените места Короишта, Ливада и Ложани во општина Струга, во вредност од 456.000 евра. Исто така, ќе се реконструира водоводна мрежа на населба Превалец до село Оризари во оштина Велес, во Липково ќе се гради пречистителна станица за вода за пиење, а во Крива Паланка ќе се реконструира дел од водоводната мрежа. Во Долнени предвидено е да се гради дел од фекална канализација со пречистителна станица за село Ропотово, а предвидени се и проекти во Неготино, Битола, Виница, Ресен, Студеничани, Старо Нагоричане и во Желино.

Со 8 милиони евра, од кои 5 милиони се грант, односно неповратни средства, ќе се подобрува водоснабдувањето во општините Кавадарци, Радовиш и Гевгелија, а со неповратни 4 милиони евра од Секретаријатот за економски прашања од Швајцарија ќе се подобрува водоснабдувањето во општина Гостивар.

Post date: 2017-09-25 12:44:50
Post date GMT: 2017-09-25 10:44:50
Post modified date: 2017-09-25 12:44:50
Post modified date GMT: 2017-09-25 10:44:50

Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. MS Word saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com