Сугарески: 320 милиони евра во изградба и реконструкција на патната мрежа на Истокот


       
Штип, 21 јуни, 2018 - 14:22 (META) 

Градот Штип е важна раскрсница на Истокот и затоа ние максимално сме посветени на подобрување на патната инфраструктура во овој регион, изјави денеска министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески при работната посета на Штип.

Тој додаде дека очекува изградбата на автопатот Миладиновци– Штип да биде завршен до септември оваа година.

– Работиме на изградба на експресен пат од Штип до Кочани кон бугарската граница. Создаваме брза патна врска и кон југ, преку изградба на нов експресен пат Штип – Радовиш.
Исто така, се рехабилитираат и други помали патни правци во овој регион. Сакам да истакнам дека генерално во регионов ќе инвестираме преку 320 милиони евра во изградба и реконструкција на патната мрежа – рече Сугарески.

Тој додаде дека посетата на Штип ја искористил и заедно со градоначалникот Благој Бочварски да доделат решенија за легализација на бесправно изградени објекти.

– Бидејќи рокот за достава на барањата истекува до крај на овој мeсец, сакам да апелирам до сите граѓани кои се уште ја немаат поднесено потребната документација, да го направат тоа што побрзо, бидејќи после тоа не размислуваме за продолжување на роковите. Исто така сите граѓани пак, кои претходно немаат доставено никакво барање за легализација, имаат рок до крајот на оваа година да ја достават потребната документација – додаде Сугарески.