Судот во Стразбур пресуди дека Велија и Емел Рамковски биле притворени без аргументи


       
Стразбур, 8 февруари, 2018 - 13:39 (META) 

Судот за човекови права во Стразбур, пресуди во корист на Велија Рамковски и неговата ќерка Емел Рамковска, кои поднесоа тужби до судот за критериумите по кои бил одреден притворот и за должината на притворот во случајот „Пајажина“.

Согласно пресудата, државата ќе треба да им исплати и парична оштета во износ по 780 евра на двајцата. Дополнително, ќе се утврдува дали има основа да се поведе постапка и пред македонските судови за начинот на кој бил одреден притворот.

Според нивниот адвокат Филип Медарски, судот утврдил повреда на член 5, став 3 од Конвенцијата (право на слобода, непостоење на причините за притвор ). Ова значи дека македонските судии не ги зеле предвид објективните критериуми при определување на притворот, туку донеле одлука за притвор без да дадат конкретни аргументи по ниту една од трите точки: опасност од бегство, повторување на делото или влијание врз сведоци – кои можат да бидат причини за определување на притворот.

Велија Рамковски беше сопственик на телевизијата „А1“  и беше во притвор една година и два месеци.