fbpx

Судот не знае како обвинетите во „Титаник“ дознале кои судии ќе одлучуваат за притворите

-

Обвинетите во случајот „Титаник“, меѓу кои и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, барале изземање на еден од тројцата судии од кривичниот совет што одлучуваше по барањето на Специјалното јавно обвинителство да им биде одреден притвор, потврди денеска Основниот суд Скопје 1.

Како обвинетите и нивната одбрана дознале кои судии го сочинуваат советот, од судот велат дека тоа не му е познато и не можат да дадат одговор ниту коментар за случајот.

Од судот ги отфрлаат како шпекулации наводите што вчера ги објави порталот „Сакам да кажам“, кој повикувајќи се на анонимни извори од судот објави дека Груевски, како и другите обвинети во „Титаник“ – Гордана Јанкулоска, Мартин Протогер, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски од тричлениот кривичен совет првично добиле притвор. Како што објави порталот, претседателката на советот веднаш му јавила на претседателот на Основниот суд Скопје 1, Стојанче Рибарев, за соодносот на гласовите од 2 – 1 за одредување притвор, по што од советот незаконски бил отстранет еден од судиите.

Во соопштението на Кривичниот суд се наведува дека првично во советот што одлучувал за притворите, биле определени судиите Билјана Коцевска, Дарко Тодоровски и Диана Груевска-Илиевска. Судијата Билјана Коцевска, поради здравствени проблеми, велат од судот, била спречена да учествува во одлучувањето, поради што на нејзино место, како член на советот, била определена судијката Џенета Бектовиќ.

„Според списите од предметот, од страна на обвинетите лица истиот ден (сабота, 1 јули), во 17.20 часот, во судската писарница е поднесено барање за изземање на судијата Дарко Тодоровски од одлучување по тој предмет. Како дознале обвинетите лица и одбраната за составот на советот, не ни е познато и не можеме да дадеме одговор ниту коментар“, стои во соопштението од судот.

Оттаму објаснуваат дека доколку работата по предметот не е завршена, во согласност со членот 37 од Законот за кривична постапка (ЗКП), судијата чие изземање се бара е „должен да престане со работење по предметот и за тоа да го извести претседателот на судот кој е должен да одлучи по барањето“.

Судијата Дарко Тодоровски дал изјава за поднесеното барање за негово изземање и в.д. претседателот на Кривичниот суд, Стојанче Рибарев, го иззел судијата Тодоровски, а за нов член на советот го определил судијата Марин Станевски, кој во саботата вечерта, околу 23.30 часот, дошол во судот.

„Доколку по конкретниот предметот веќе било одлучено, ќе бил подготвен записник за советување и за гласање и судијата Дарко Тодоровски ќе дал изјава со таква содржина, а барањето за изземање ќе било отфрлено. При составувањето на советот е постапувано итно, за да се овозможи почитување на рокот од 24 часа во кој треба да се одлучи по барањето за притвор“, велат од Кривичниот суд.

Оттаму додаваат дека кој судија како гласал при донесувањето на одлуката е забележано на записник, кој е таен и може да му биде достапен само на повисокиот суд при одлучување по жалба.

Инаку, кривичните совети на Основниот суд Скопје 1 како неосновани ги отфрлија сите 18 барања за притвор што ги поднесе Специјалното јавно обвинителство и бараната мерка ја замени со мерки за претпазливост, односно одземање на пасошите и обврска за јавување во судот еднаш неделно.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...