Судот не му дозволи на Тарчуловски да го слуша Столтенберг во Собранието


       
Скопје, 17 јануари, 2018 - 12:35 (META) 

Кривичниот суд го одби барањето на пратеникот Јохан Тарчуловски да му биде дозволено да го напушти својот дом на четири часа за да може во Собранието да го следи обраќање на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој денеска и утре ќе претстојува во посета на земјава.

Тарчуловски е еден од 36-те осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, минатата година поради што судот му одреди куќен притвор, кој му е продолжен за нови 30 дена.

По барањето на Тарчуловски, одлучувал судијата на претходна постапка Ненад Савески.

„Постапувајќи по барање на обвинетиот Ј.Т., да добие дозвола од судија на претходна постапка да се оддалечи од местото каде ја издржува мерката куќен притвор, како би можел да присуствува на обраќање во Собранието на Р.М., судијата на претходна постапка м-р Ненад Савески, кој постапува по барањето, го извести лицето дека не му се дозволува да се оддалечи, на одредено време, од местото каде ја издржува изречената мерка – куќен притвор, имајќи ги во предвид одредбите од член 163 став 2 од Законот за кривична постапка, според кои, поднесеното барање на обвинетиот не претставува исклучок од законската одредба“, стои во соопштението на судот.

Инаку, според наведениот член од ЗКП на лице против кое е определен куќен притвор судот може, по исклучок, да му определи да се оддалечи за определено време од станот или од друг простор ако тоа е потребно за лекување, или тоа го бараат посебните околности поради кои може да настапат штетни последици по животот, здравјето или имотот на лицето или на неговите блиски“.

Тарчуловски во барењето, што го достави до судот преку адвокатското друштво Апостолски наведе дека е свесен оти Собранието му го одзело имунитетот за да му биде определен куќен притвор, но додава дека во оваа фаза од постапката сè уште ја извршува функцијата пратеник и дека ќе му биде „особена чест и задоволство“ да го слушне обраќањето на Столтенберг во Собранието бидејќи е „голем поддржувач на нашата интеграција во НАТО и во ЕУ“.