Судот го прифати обвинението за настаните во Собранието од 27 април


       
Скопје, 22 јуни, 2018 - 14:48 (META) 

Кривичниот суд соопшти дека е прифатен обвинителниот акт поднесен од Јавното обвинителство за настаните во Собранието на 27 април минатата година.

„Советот за оценка на обвинителен акт при одделението за гонење организиран криминал и корупција на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи во оценка на обвинителниот акт со КОК ООА 10/18 повезан со настаните од 27 април 2017 год. кои се случија во Собранието на Р.Македонија, одржа не јавна седница за оценка. По детелно разгледување на сите приговори поднесени од одбраната и обвинетите како и ценење на фактите и доказите приложени во обвинителниот акт донесе решение со кое го одобри обвинителниот акт во целост“, се вели во соопштението од Кривичниот суд.

Откако ќе биде формиран кривичен предмет по обвинителниот акт и согласно АКМИС системот распределен на понатамошно постапување, ќе биде закажан термин за главна расправа.

Јавното обвинителство на РМ на 27 март поднесе поднесен обвинителен акт против 30 лица во врска со настаните во Собранието од 27 април 2017 година. Дваесет и осум лица се обвинети за кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, а две за помагање при вршење на истото кривично дело.