По завршувањето на денешното рочиште за случајот „Поткуп“, премиерот Зоран Заев објасни дека Судечкиот совет одлучил снимката која е клучниот доказ на обвинителството против него да биде емитувана јавно, иако е обезбедена со примена на посебната истражна мерка- тајно снимање.
Тоа би требало да се случи на рочиштето следниот понеделник. За снимката Заев тврдеше дека е нецелосна и недостигаат два дела, поради што јавноста стекнала погрешен впечаток.
Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица побарал поткуп во висина од 160.000 евра од струмички бизнисмен за легализација и откуп на градежно земјиште.
– Почнаа суштините на постапките во случајот „Поткуп“ што се води против мене. Денеска сум задоволен што Судот го прифати барањето на мојата одбрана, но и моето да се направи јавно изведување на доказите, односно видео снимката која влијаеше многу на мојата чест, углед и на приватноста да биде јавно презентирана од причина што се гледа дека на двапати е пресечена токму во во моментите каде впечатокот е целосно различен од тоа што е прикажано во јавноста – рече Заев денеска пред Кривичниот суд.