Судот ги одби приговорите на Латас, откако претходно му даде транскрипти од „бомбите“


       
Скопје, 14 мај, 2018 - 14:59 (META) 

По неколку одложувања, денеска во Кривичниот суд почна судењето за предметот „Тотал“ на СЈО во кој обвинет е новинарот Драган Павловиќ – Латас.

На денешното рочиште беше прифатено како доказ вештачењето на Павле Гацов по наредба на СЈО, а во рамките на судскиот процес ќе биде сослушан и вештакот.

Претходно Судот не го прифати предлогот на адвокатите на Латас да не се изведуваат како докази на СЈО 40 „бомби“. Според судот, бомбите се влезени во правниот поредок и за тоа има решение на Апелациониот суд.

За разлика од тоа, барањето на адвокатите на обвинетиот да ги добие транскриптите од 14 прислушувани разговори, кои СЈО ги предлага како доказ во постапката, и покрај противењето на обвинителката Елизабета Јосифовска, која рече дека со тоа се одолговлекува постапката, беше прифатено и Латас ги доби транскриптите од разговорите.

Следното рочиште ќе се одржи на 30 мај.

Во предметот „Тотал“ обвинет е Драган Павловиќ – Латас, заедно со три фирми: „Тотал маркетинг“ ДООЕЛ, „Тотал медиа центар“ и „Медиамакс“, чиј што сопственик и управител е тој.

Според обвинението, Латас во периодот од 2008 до 2015 година одбегнувал плаќање данок, при што тој не пријавил лични приходи, набавката на опрема за себе ја евидентирал како опрема за фирмите, иако во фирмите немало вработени лица, односно во една фирма имало само еден вработен. Дополнително, износите за набавките, не ги внесувал во годишните даночни пријави.