Судот ги одби барањата на адвокатите во „Траекторија“, тие поднесоа нови


       
Скопје, 14 февруари, 2018 - 11:40 (META) 

Денешното рочиште за случајот „Траекторија“ мина главно во знакот на предлозите на адвокатите на обвинетите, поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Пред почетокот на денешната главна расправа, судијата Горан Бошевски соопшти дека судот ги одбива како неосновани десетината предлози на адвокатите на одбраната. Тие на претходното рочиште дадоа приговори за водењето на записникот од главната расправа, побараа да се одбијат дел од вештачењата и околу користењето на бомбите во постапката.

Адвокатите реагираа и на тоа што не го добиле ЦД-то со записникот од претходното рочиште. Адвокатот Димитар Дангов побара поради тоа да се прекине денешното рочиште, бидејќи, како што рече, во спротивно на обвинетите им се оневозможува правото на квалитетна одбрана.

Инаку, одбраната утрово доставила и нови предлози до судот, од кои дел се однесуваат на користењето на смс-пораките во постапката.

– Смс-пораките не можат да бидат доказ и треба да се одбијат  – рече Дангов и повторно побара да добие записник од рочиштето на 31 јануари.

Адвокатот Дончо Наков рече дека ЦД-то од претходното рочиште на негово барање го добил утрово во 9.30 часот и немал време да го види.

– Во Законот за кривична постапка стои дека записникот со цд треба да биде даден веднаш или во рок од 24 часа. Без тоа не можам да дадам одбрана, ниту пак воведни зборови. Цд-то е законска обврска, а не помошно средство – рече Наков, побара прекин на постапката и да им биде дадено ЦД-то со записникот од претходното и од денешното рочиште.

Обвинителката на СЈО на тоа рече дека сите приговори на адвокатите се во насока на одложување на главната расправа, а не во насока на давање одбрана.

– Ако одбраната има нови предлози, мора да ги доставува навреме, а не пред почетокот на рочиштата. Од она што можев да го видам на кратко од денешните предлози на одбраната, станува збор за приговори кои се повторуваат и за кои судот досега се има произнесено – рече Стефанова.

Судијата Горан Бошевски даде пауза до 12 часот, за судот да одлучи за предлозите.