fbpx

Судот досега нема побарано одземање на имунитетот на приведените пратеници

-

До овој момент во Собранието нема пристигнато барање од Кривичниот суд за одземање на пратеничкиот имунитет на пратениците што се приведени утрово за насилствата во законодавниот дом од 27 април оваа година, изјави за „Мета“, пратеникот Павле Богоевски, претседател на собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

– За да заседава и да одлучува Комисијата, треба да пристигне барање од судот. До овој момент од судот нема стигнато такво барање – вели Богоевски.

Инаку, член на оваа комисија е и пратеникот Крсто Муковски, кој е еден од приведените пратеници, заедно со пратеничката Жаклина Пешевска и со пратеникот Љубен Арнаудов, тројцата од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Засега нема информации ниту од обвинителството, ниту од судот, дали и какви мерки за обезбедување на присуство побарало Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и дали евентуално ќе се бара мерка притвор.

Според членот 64 од Уставот, пратениците во Собранието уживаат имунитет и пратеник не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана затворска казна во траење од најмалку пет години. Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник и кога тој самиот не се повикал на него, ако е тоа потребно заради вршење на функцијата пратеник.

Неофицијално, упатени извори за „Мета“ велат дека е можно воопшто да не се бара од Собранието да одлучува за имунитетот на пратениците, односно Обвинителството да се повика на тоа дека пратениците се затечени, бидејќи има снимки, во вршење кривично дело за кое е предвидена затворска казна од најмалку пет години.

Обвинителството денеска соопшти дека отворило истражна постапка против 36 лица за насилствата од 27 април, кои се осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста, кривично дело за кое според Кривичниот законик е предвидена казна затвор од најмалку 10 години.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За три години нема ниту една пресуда за предизвикување шумски пожар

Никој во последниве години не одговарал и не бил осуден за кривичното дело „предизвикување шумски пожар“. Мета.мк ги побара податоците од Кривичниот суд за тоа колку пресуди биле донесени...