Судењето за „Тотал“ одложено за 30 март, Латас не дојде во Кривичен


       
Скопје, 9 февруари, 2018 - 11:07 (META) 

Новинарот и уредник на „Сител“, Драган Павловиќ – Латас кој е обвинет за даночно затајување во случајот „Тотал“ на СЈО, не дојде на денешното судско рочиште, поради што судијката Славица Наумова – Јосифовска, поради немање услови, главната расправа ја одложи за 30 март.

Одбраната на Павловиќ информираше дека тој не можел да дојде на рочиштето поради семејни причини, а како доказ доставија доказ од Универзитетската клиника во Келн, Германија.

Обвинителот на СЈО, Љубомир Лапе побара од судот да утврди дополнителни термини за нови рочишта заради полесно организирње околу случајот. Судијката го прифати барањето и закажа рочишта и за 11 и за 23 април.

Драган Павловиќ-Латас се товари дека во периодот од 2008 до 2015 година заедно со правните лица „Тотал маркетинг“ ДООЕЛ Скопје, „Медиамакс“ и „Тотал медиа центар“ ДООЕЛ Скопје, со намера да одбегне плаќање даноци, во завршните сметки и во даночните пријави давал лажни податоци. Правните лица го оштетиле буџетот за 121.000 евра, а осомничениот за 63.000 евра.

Инаку, денеска се одложи и рочиштето за случајот „Труст“ на СЈО, во кој првообвинет е бизнисменот Сеад Кочан. Причина за одложувањето беше болест на вештото лице кое требаше да даде исказ пред судот.

Во предметот „Труст“ покрај Кочан, обвинети се уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ. Тие се товарат дека со невистинити и фалсификувани документи добиле тендер на „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) вреден 17 милиони евра.

За денеска е закажно рочиште и за случајот „ТНТ“, за рушењето на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, за што обвинети се поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за траснпорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски и уште четири лица.