Судењето за „Титаник 2“ одложено – Тачи и Ибраими го побараа обвинението на албански


       
Скопје, 10 мај, 2018 - 14:33 (META) 

Во Основен суд Скопје 1, денеска почна, па набргу беше прекинато, рочиштето од случајот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), наречен „Титаник 2“, во кој за бројни нерегуларности на локалните избори во 2013 година се обвинети претседателот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи, поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и поранешен висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Мијалков, како и против поранешните членови на Државната изборна комисија (ДИК), Бедредин Ибраими од ДПА и Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев од ВМРО-ДПМНЕ.

Според „бомбите“ што ги објави СДСМ, а кои се прифатени како докази во судската постапка, Мијалков и Тачи се договарале за гласање на членови на ДИК во однос на поднесени приговори.

На денешното рочиште, на кои се присутни сите обвинети, Бедредин Ибраими побара адвокатот на Мендух Тачи да биде и негов адвокат. Потоа бранителот побара да се одложи рочиштето за подобро да се запознае со случајот, што судијата Огнен Ставрев го одби и побра СЈО да почне со воведните зборови.

Ибраими потоа побара од судот обвинението да го види на албански јазик, по што и Мендух Тачи го побара истото, иако во предистражната постапка дал исказ дека го разбира македонскиот јазик.

Судијата Ставрев даде двочасовна пауза за да може обвинението да се преведе на албански.