fbpx

Судењето на Златна зора повторно одложено

-

Судењето на Златна зора како криминална организација никако да почне. Процесот вторпат е одложен, овојпат за 12 мај. Судењето почна на 20 април, меѓутоа поради фактот што еден од обвинетите немаше адвокат, беше презакажано за денеска, за новиот адвокат да има време да се подготви за процесот.

Денеска судењето повторно помина без никаква суштина, со два прекина поради барање на друг обвинет да му биде доделен нов адвокат, барање на новинарите и на други групи да се додели поголема судница што ќе биде поприкладна за овој историски процес во Грција, како и за разгледување на идејата на главниот судија судењето да се одвива секоја сабота.

На денешното рочиште, слично како и на првото, повторно не се појави ниту првиот човек на Златна зора, Никос Михалолијакос, ниту кој било друг од лидерското јадро на партијата. Оцените во Грција се дека на овој начин неонацистичката партија се обидува целосно да го потцени судењето. За разлика од првиот пат, на судењето се појавија и помалку од обвинетите членови на партијата. Присутен беше Јоргос Рупакијас, кој е обвинет за убиството на музичарот Павлос Фисас, и поранешниот член на Златна зора, Статис Букурас, кој ја напушти партијата.

Златна зора се соочува со сериозни обвинувања за дејствување како криминална организација, како убиството на Фисас, убиство на еден имигрант, физички напади, изнудување рекет, дејствување како паравоена организација и ред други активности, кои се сметаат за тешки криминални дела.

Во судницата во еден момент дојде до емотивна затегнатост. Мајката на убиениот Фисас инсистираше пред адвокатите да се соочи и да го види убиецот на нејзиниот син, Рупакијас, на што доби молби да не се доведува до таква ситуација. Откако дискусијата на оваа тема почна да кулминира, мајката на Фисас се повлече за да не предизвика инцидент и да не предизвика големо медиумско внимание.

Денешното судење помина со бројни антифашистички протести пред влезот на затворот „Коридалос“ во Атина. Според информациите, пред почетокот на судењето се случиле два инциденти. Првиот, според пријавите на граѓаните, е напад врз имигрант од симпатизери на Златна зора, кои физички го нападнале и повредиле човекот, кој облиен во крв заминал од местото на настанот, а вториот од граѓанин кој тврди дека анархисти го нападнале бидејќи им заличел на член на Златна зора.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Донбас. Вчера, денес, утре“ – документарец во најдобрата пропагандна традиција на Кремљ

Руската амбасада деновиве го сподели на Фејсбук документарецот „Донбас. Вчера, денес, утре“ (2021), во кој се користи една честа манипулација, а тоа е правење збрка во редоследот на настаните, за...