fbpx

Судењето на Златна зора одложено за 7 мај

-

Обвинетите пратеници и членови на Златна зора ќе седнат во судските клупи повторно на 7 мај. Судењето на Златна зора, кое почна рано утринава во затворот „Коридалос“, се одложи за 7 мај поради немање адвокат за еден од обвинетите членови на Златна зора. На судењето, кое се одвива во тесната судницата на затворот „Коридалос“, не се појави ниту еден член од обвинетото раководство на партијата.

Клучните обвинети, лидерот Никос Михалолијакос, кој се товари за основање и за раководство со криминална организација, неговата сопруга Елени Заруља, заменик-претседателот на партијата, Христос Папас, пратениците Илијас Касидијарис, Илијас Панајотарос, Панајотис Илиопулос и Никос Михос беа претставени само од адвокати, кои бараа отфрлање или одложување на судењето.

Ова е историски судски процес во Грција бидејќи првпат им се суди на цела политичка партија и на нејзиното раководство. За судскиот процес против Златна зора како криминална организација, обвинета за голем број криминални дела, меѓу кои и убиството на музичарот Павлос Фисас, напади на имигранти, напади на Грци политички неистомисленици, напади на грчки граѓани, изнудување пари, рекет, нелегално поседување оружје, функционирање како паравоена структура и ред други криминални дела, има вкупно 69 обвинети, повеќе од 120 сведоци од кои пет заштитети. Заштитените сведоци нема да се појават во судница и со нив се комуницира по телефонски пат.

На судењето во делот на обвинетите беше присутен обвинетиот за убиството на Фисас, Јоргос Рупакијас, поранешниот член на Златна зора и експратеник Статис Букурас, пратеникот Артемис Мантеопулос, додека во публиката се наоѓаат неколкумина пратеници на СИРИЗА, европратениците на Златна зора, атинскиот градоначалник Јоргос Каминис, кој е сведок за еден од предметите, како и семејството и пријателите на убиениот Фисас.

Судењето се одвиваше под силни полициски мерки. Целата област околу затворот беше затворена, не работеше ниту едно училиште за да се избегнат можни инциденти и напади на граѓани. Додека во судницата се одвиваше првиот судски процес против Златна зора, пред портите на затворот беа организирани и спроведени четири граѓански протести од работничките синдикати АДЕДИ и ПАМЕ и од анархистички организации со барање сите фашисти и нацисти во Грција да се најдат зад решетки.

Протестите, на кои се појавија околу 500 демонстранти, поминаа мирно, без големи инциденти. Одделно од овие демонстрации, свој протест во знак на поддршка на обвинетата партија одржаа околу стотина членови и поддржувачи на Златна зора, кои беа целосно изолирани од останатите демонстранти од припадници на специјалните сили на полицијата. Единствен инцидент меѓу анархистите и Златна зора беше расправијата на анархистите со симпатизер на Златна зора, при која златнозорецот бил турнат од моторот, а возилото било целосно искршено, но без тој да биде повреден.

Поголем инцидент се случил изутринава, пред почетокот на судењето, кога двајца од сведоците за убиството на Фисас биле нападнати на пат кон судницата, во близина на затворот. Пријателите на Фисас, сведоци на неговото убиство, биле нападнати од петмина непознати напаѓачи, кои не се уапсени. Сведоците се лесно повредени и биле одведени во болница. Според одбраната, ова може да биде причина да се побара судењето да се префрли во друга, поголема судница, која ќе одговори на сериозноста на овој судски процес, бројните обвинети и сведоци, како и големиот интерес од домашните и од странските новинарски екипи кои го следат судењето. Судницата во која се одвива судењето е истата каде се одвиваше и судењето на уапсените од организацијата 17 Ноември.

Помеѓу јавноста и сведоците, покрај членови на СИРИЗА и познатите на музичарот Фисас, најбројни беа мигранти кои се најчести жртви на насилни и на вербални напади на членовите на Златна зора. Неколкумина мигранти од Пакистан, кои пред две години беа насилно нападнати и повредени на Крит од група златнозорци, велат дека сакаат конечно да ја видат правдата да излезе на виделина. Две години по нападот сè уште им се свежи сеќавањата на теророт кој го преживеале од нападот на Златна зора. „Бевме седнати да вечераме кога десетина луѓе се втурнаа во куќата и почнаа да нè удираат силно, да ни викаат да си одиме, да ја напуштиме државата уште следниот ден бидејќи во спротивно повторно ќе се вратат за да нè нападнат. Додека нè напаѓаа, викаа дека се Златна зора, така и знаевме кои се. Повредите беа страшни, ни ги имаа расцепено главите, моравме да бидеме во болница за да ги зашијат раните“, велат дел од нападнатите Пакистанци, чиј случај, исто така, е дел од огромниот обвинителен акт против Златна зора. Велат дека не сакаат дополнителни проблеми и напади, сметаат дека не е во ред фактот што уапсените членови на партијата се на слобода и само бараат конечно да им биде праведно судено на златнозорците за да се стави крај на насилните напади.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...