fbpx

Суд ли е ова или панаѓур, дуќанче, чешмичка?

-

Најважниот суд во земјава – Основниот суд Скопје 1, во кој, меѓу другите, се водат и најзначајните постапки за организиран криминал, изминативе десетина дена се претвори во „панаѓур“.

Кривичниот суд деновиве е местото каде вработени делат правда со туркања и со тупаници, судии се пресметуваат со кривични пријави и со контрапријави, се поднесуваат претставки до Судскиот совет за злоупотреби на официјалната интернет-страница. А како капак на сето ова, претседателот на судот, Владимир Панчевски, вели дека „секој судија во Кривичниот суд е дуќанче и чешмичка“ што секнале.

„Кои се тие судии, зошто се кријат? Стојат зад пресуди, а ваму се кријат со скратен потпис. Знаете што, секој судија во Основниот суд Скопје 1 е дуќанче, секој судија е чешмичка. Чешмичките им се затворија, па затоа се бесни. Токму овие 15 судии, кои ме обвинуваат дека сум ја злоупотребувал официјалната веб-страница на судот, го натерале судскиот доставувач да го однесе известувањето до Судскиот совет. Ете кој злоупотребува за лични цели“, вели Панчевски за „Сакам да кажам“.

Ова е коментарот на Панчевски на вчерашното писмо кое 13 негови колеги го испратија со Судскиот совет, од кој бараат да го санкционира претседателот на Кривичниот суд затоа што ја злоупотребува официјалната интернет – страница на судот за лични постапувања и ставови за одреден судија.

„Судијата Владимир Панчевски, како претседател на судот, информира за свои лични постапувања и ставови за одреден судија, при тоа крајно не почитувајќи го неговиот интегритет како судија. За ова тој ја користи официјалната веб-страница на судот. Се оградуваме од наведеното, имајќи ја предвид судската етика и морал, а воедно и почитувањето на тајноста и на заштитата на интегритетот за каква било поведена постапка кон судија… Со оглед дека односите меѓу колегите се крајно нарушени, засегнати сме сите ние со наведеното известување, бидејќи може тоа да биде кој било од нас, кој во моментов не се согласува со сегашниот претседател. Во таа насока се обраќаме до вас, како надлежен орган, во согласност со вашите законски овластувања, да преземете соодветни мерки кон претседателот на судот…“, се вели во писмото на судиите до Судскиот совет, чиј претседател, пак, Зоран Караџовски, вели дека писмото ќе го третираат како анонимно бидејќи судиите се потпишале со скратени потписи, а не со цело име и презиме.

Судијата со кого Панчевски лично се пресметува преку интернет-страницата на Кривичнито суд, е Иван Џолев, кој пред десетина дена му поднесе кривична пријава на претседателот на судот со која го товари за примање награда за противзаконско влијание. Панчевски во петокот, пак, извести дека во Обвинителството за организиран криминал и корупција дал исказ во врска со пријавата, но и дека веднаш потоа му поднел контрапријава на Џолев за лажно пријавување кривично дело.

Инаку, двајцата, според неофицијални информации, поднеле кандидатури за нов претседател на Основниот суд Скопје 1, кој треба да биде избран по изборите на 11 декември.

Панаѓурската атмосфера вчера ја дополни и веста дека во судот имало тепачка меѓу двајца вработени, доаѓала полиција, се правел записник и се поднесувале кривични пријави.

„Во просториите на Кривичниот суд пријавен е настан, при кој еден вработен – раководител на одделот за човечки ресурси Г.С. со физички напад ја загрозил сигурноста на еден од портпаролите П.К. во присуство на судија од одделот за претходна постапка С.Ј., така што вработениот Г.С. најпрвин вербално ѝ се заканил на П.К., загрозувајќи ѝ ја сигурноста со упатени закани по животот и телото, по што со примена на физичка сила ја турнал од столчето и ја напуштил просторијата. Нападнатата веднаш телефонски го пријавила настанот во МВР, при што интервенирала полицијата и случајот е документиран и преземен од инспекторите за насилен криминал при МВР, а против напаѓачот од страна на нападнатата поднесена е кривична пријава по член 144, став 3 – загрозување на сигурноста, која понатаму треба да се процесуира од надлежните органи. Во врска со настанот, и од страна на судската управа ќе бидат преземени соодветни мерки“, известија од судот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Бизнисот на задоволството“ доби награда за најдобар долгометражен филм на фестивал во САД

Филмот „Бизнисот на задоволството“ на авторот Гоце Цветановски ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на „Риверсајд Филм фестивал“ во Калифорнија, САД. Фестивалот, што се одржа од 10 до...