fbpx

„Субверзивен фронт“: ЛГБТИ-заедницата е силно гласачко тело – „Гласај за еднаквост“

-

Здружението за критички пристап кон родот и сексуалноста „Субверзивен фронт“ во пресрет на парламентарните избори, закажани за 11 декември, ја почна кампањата насловена „Гласај за еднаквост“. Целта на кампањата е да се вметне еднаквоста на ЛГБТИ-луѓето во јавната политичка агенда на партиите, не само за време на кампањата за претстојните избори, туку и по нив.

Пред почетокот на кампањата, како што соопшти Антонио Михајлов од „Субверзивен фронт“, беа организирани средби со политичките партии, на кои нивните претставници одговараа на прашалник за застапеноста на ЛГБТИ-заедницата во политичките програми на нивните партии. Во предизборниот период, прашалникот бил доставен до сите политички партии, но само пет од нив одговориле, а тоа биле СДСМ, ЛДП, ЛП, ДОМ и Левица.

Истовремено, по објавувањето на партиските програми, „Субверзивен фронт“ направи анализа дали и во кој степен се застапени прашањата и проблемите што ги засегаат ЛГБТИ-лицата.

– Општиот впечаток е дека политичките партии во многу мала мера посветуваат внимание на прашањата и на проблемите во врска со ЛГБТИ-популацијата. Само во програмите на лево-ориентираните политички партии се споменуваат овие прашања. Онаму каде што се најмногу застапени, моќта на самите партии е многу мала на политичката сцена. Ова е резултат на хетеро-патријархалните норми кои доминираат во македонското општество, а тоа се одразува и кај партиите, кои во страв да не изгубат дел од гласачите или од потенцијалните неопределени гласачи, избираат да не го кренат гласот и јасно да застанат во одбрана на човековите права на ЛГБТИ-лицата – вели Михајлов.

Кампањата е дел од пошироката стратегија за охрабрување за поголемо политичко учество на ЛГБТИ-лицата во Македонија. Таа, како што велат од организацијата, е само еден од инструментите за унапредување на еднаквоста.

Во рамките на кампањата, на 5 декември ќе се одржи и првата национална ЛГБТИ-конференција во Македонија, на која претставници од политичките партии и државните институции ќе дебатираат за унапредувањето на положбата на ЛГБТИ-лицата во земјата. Истовремено, ќе бидат претставени и предлог-измените и дополнувањата на Законот за спречување и заштита од дискриминација и на Кривичниот законик, за правно да се признаат и да се заштитат ЛГБТИ-лицата од дискриминација, говор на омраза и од злосторство од омраза, засновани на сексуална ориентација и на родов идентитет.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...