fbpx

„Студентски пленум“ уште еднаш побара поништување на изборите на СПУКМ

-

Студентите од „Студентски пленум“ на вечерашниот протест пред платото на Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ (УКИМ) ги повторија барањата за поништување на изборите за претседател на Студентски парламент при УКИМ (СПУКМ).

Поддржани од група професори, побараа изјаснување на Универзитетскиот сенат, Ректорската управа, Ректорот и на проректорите, од кои очекуваат остро да ги осудат вчерашните случувања и да не ги признаат срамните избори.

Професорката на Факултетот за драмски уметности, Синоличка Трпкова, вечерва порача дека сега е време сите професори да застанат во одбрана на автономијата на Универзитетот и да не се кријат.

– Време е сите да покажеме став, кои сме, за што зборуваме, и време е да не се криеме зад студентите. Досега можевме да ги свиткаме кичмите, но денеска, професорите мора да кажат дека се на страната на студентите, демократијата и на страната на легалните избори на Студентски парламент. Се надевам дека сите ќе собереме храброст да ја сочуваме автномијата на најстариот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – рече Трпкова.

Полицијата која го чуваше комплексот на УКИМ беше поздравена со аплауз од страна на студентите, бидејќи беа пуштени да влезат на платото. Како што велат, за разлика од нив, нивните колеги синоќа употребија сила кај зградата на Студентски парламент.

Студентите вечерашниот протест го почнаа пред зградата на Студентски парламент од каде што побараа одговор кој дал наредба за прекумерна употреба на сила при синоќешниот мирен протест. Зградата беше под силно полициско обезбедување, а пред да заминат оттаму, студентите фрлија неколку јајца.

Ректорската управа на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ (УКИМ) закажа вонредна седница за понеделник, со почеток во 8 часот. Студентите ги повикаа своите колеги да дојдат на седницата и да го споделат своето мислење.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...