fbpx

Строгите мерки за штедење ја намалуваат поддршката на Грците за СИРИЗА и за Ципрас

-

Владејачката СИРИЗА сериозно заостанува зад Нова демократија според уште една нова медиумска анкета во Грција. Резултатите од анкетата на јавното мислење спроведена од Универзитетот „Македониа“ за телевизијата „Скај“, покажуваат дека Нова демократија во поддршката од гласачите води 15 отсто пред партијата на премиерот Алексис Ципрас.

Поконкретно, Нова демократија е на прво место со 30 отсто поддршка од гласачите, а СИРИЗА заостанува на второто со 15 отсто поддршка од гласачите. На трето место е неонацистичката Златна зора со 7 отсто од гласовите, потоа се Комунистичката партија со 5,5 проценти, ПАСОК до 4,5 отсто и Унија на центристи со 3 отсто поддршка. Според анкетата, партиите Река и коалицискиот партнер на СИРИЗА, Независни Грци, најверојатно нема да влезат во парламентот во случај на избори. 15,5 отсто од испитаниците изјавиле дека нема да гласаат.

Мнозинството од испитаниците не веруваат дека СИРИЗА би победила на следните избори. Дури 64 отсто од испитаните проценуваат дека на следните избори ќе победи Нова демократија, додека само 12,5 отсто сметаат дека изборите повторно би ги освоила СИРИЗА.

Резултатите се разочарувачки за владејачката партија од секој аспект. Паралелно со опаднатата поддршка од граѓаните, во пораст е нивната разочараност од политиката на СИРИЗА и од насоката во која оди државата. Висок процент од испитаниците, 87 отсто, изјавиле дека државата се движи во погрешна насока, а 89 отсто посочиле дека се незадоволни од работата на владата на СИРИЗА.

Според анкетата, само 13 од 100 гласачи кои во 2015 гласале за СИРИЗА изјавиле дека се задоволни од работата на владата. Вкупно 79 отсто од оние кои гласале за СИРИЗА се незадоволни од досегашната работа на владата која ја поддржале. Само еден од тројца досегашни гласачи и поддржувачи на СИРИЗА изјавиле дека повторно ќе гласаат за истата партија. Од нив само 10 отсто би преминале и би гласале за Нова демократија, додека 25,5 отсто изјавиле дека сè уште се немаат одлучено за друга партија.

На прашањето кој би бил подобар премиер, Алексис Ципрас или Кирјакос Мицотакис, најголемиот процент од гласачите, 39 отсто, изјавиле „никој“. Мицотакис сметаат дека би бил подобар премиер 37 отсто од испитаниците, а за Ципрас се 20,5 отсто.

Под знак прашалник е дали реконструкцијата на владата на Ципрас и новите министри ќе помогне да се нормализира рејтингот на СИРИЗА и да ја освои повторно поддршката од граѓаните. Она што не му оди во прилог на Ципрас е одлученоста да се спроведат реформите и да се исполнат обврските договорени со меѓународните кредитори за да се осигура финансиската поддршка за државата, што во превод значи спроведување на законите за нови повисоки даноци кои удираат и на домашната каса, но и касата на трговците и на компаниите, дел од кои тешко успеваат да го издржат сè потешкиот финансиски товар.

Mеѓу разочараните од СИРИЗА се наоѓа и по некој кој вели дека и понатаму ќе ги поддржува бидејќи не сака да се врати стариот политички систем на, како што велат, корумпираните Нова демократија и ПАСОК кои со децении ја раководеа Грција. Димитрис, такси-возач во Атина, поранешен поддржувач на Комунистичката партија, вели дека народот во Грција многу лесно ги заборава скандалите и измамите од претходните партии.

– Зарем може целата финансиска криза да му се припише на Ципрас? Да, направија некои грешки, но јасно беше дека ќе мора да ги следат инструкциите од ЕУ, тоа го добија во наследство од претходните влади. Народот мислеше дека СИРИЗА преку ноќ ќе ги смени работите, веројатно сега им веруваат на приказните на Мицотакис дека и тој преку ноќ ќе ја подобри ситуацијата во државата. Сите се соочуваме со тешки финансиски последици, но и утре да има избори, повторно би гласал за СИРИЗА. Но, народот изгледа има многу кратка меморија – вели тој.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Обединетите нации бараат истрага по откривање на масовни гробници во болниците во Газа

Обединетите нации (ОН) повикуваат на „независна, ефикасна и транспарентна истрага“ за откривањето на масовни гробници во две болници во Газа, кои беа опколени и нападнати од израелските војници оваа...