fbpx

Стратегија „ЈИЕ 2020“: Земјите од Балканот стабилизирани, но не напредуваат еднакво

-

По три години од спроведувањето на Стратегијата „Југоисточна Европа 2020“, дојдено е до долгоочекуваната стабилизација на земјите од Западен Балкан, но со нееднаков напредок.

Ова беше констатирано на денешниот годишен состанок на управувачкиот одбор за стратегијата на Регионалниот совет за соработка (РСС), интервладино оперативно тело на земјите од ЈИЕ, на кој беше усвоена годишната програма, а беше разговарано и за новиот циклус на стратегијата.

Генералниот секретар на РСС, Горан Свилановиќ, изјави дека стабилизацијата и скромниот тренд на пораст се должат само на дел од земјите од Западен Балкан, не посочувајќи кои.

– Вкупниот напредок е резимиран како враќање на стабилен, иако скромен образец на пораст, со позитивен тренд кој се очекува во иднина. Дојде до долго очекуваното стабилизирање во поглед на вработеноста и на трговската рамнотежа. Вкупните резултати во регионот, меѓутоа, се главно под влијание на добри резултати на помал број од економиите (земјите), па напредокот не е еднаков во целиот регион – појасни Свилановиќ.

Никола Цендровиќ, висок функционер во Дирекцијата за проширување и добрососедство на Европската комисија, ги потсети присутните на важноста на спроведувањето на целата стратегија, „која бавно, но сигурно го води регионот таму каде што сака да биде, како во економска, така и во општествена смисла“, а тоа е ЕУ.

Одборот, како што соопшти РСС, ги разгледа четирите клучни параметри на кои ќе се фокусираат земјите од регионот во иднина, за кои се очекува наскоро да бидат и официјално усогласени, а беа разгледувани и добри примери во секоја земја одделно.

Управувачкиот одбор на стратегијата „ЈИЕ 2020“ го сочинуваат министри, заменици министри и високи службеници на министерствата за европска интеграција на земјите од Балканот, национални координатори за стратегијата, како и координаторите на ИПА-програмите.

Во Дубровник утре ќе има нов состанок на управувачкиот одбор на РСС, в петок треба да се одржи министерска средба на земјите од Балканот, а веднаш потоа и самит. Сите овие состаноци се дел од подготовката на самитот на Западен Балкан со ЕУ, предвиден за 12 јули во Трст.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...