Столтенберг: Нема друг пат за НАТО освен „да“ на референдумот


       
Скопје, 6 септември, 2018 - 16:50 (META) 

Ова е историска можност, неповторлива можност да станете целосна членка на меѓународната заедница, но за да го направите тоа, мора да ја прифатите спогодбата со Грција. Нема друг пат!, ѝ порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на македонската опозиција на денешната прес-конференција по средбата со премиерот Зоран Заев.

– Знам дека некои мислат дека можат да кажат „не“ на референдумот, a „да“ за НАТО, но не постои таква алтернатива. Идејата дека може да се отфрли спогодбата со Грција и да се зачлените во НАТО е целосна илузија – порача Столтенберг, одговарајќи на новинарско прашање за неговите средби со претседателот Ѓорге Иванов и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

Столтенберг рече дека разбира колку е тешко прашањето, затоа што присуствувал на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, кога поканата за Македонија беше условена со решавање на спорот за името со Грција.

– Ние сме подготвени. Дваесет и девет сојузници, вклучувајќи ја и Грција, одлучија да ве поканат. Преговорите се почнати, но не може да завршат ако не се спроведе спогодбата. Значи, или спогодба и членство, или, ако нема спогодба, нема ни членство – нагласи генералниот секретар на НАТО.