fbpx

Столтенберг: НАТО останува на ставот од Букурешт – да се реши спорот за името

-

НАТО и остатокот од меѓународната заедница беа шокирани од нападот во Собранието, истакна генералниот секретар на НАТО, Јен Столтенберг, на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер, Зоран Заев.

Тој истакна дека од април досега е направен голем напредок во Македонија, но дека новата влада треба да работи на подобрување на доброто владеење, владеење на правото, зајакнување на демократските институции, подобрување на меѓуетничките и на добрососедските односи.

– Сакаме да ја видиме Македонија како дел од еден стабилен регион. Вратите на НАТО се отворени, ги поддржуваме сите земји аспиранти – рече Столтенберг, додавајќи дека е потребна политичка стабилност во земјата, но да се надминат пречките за членство во Алијансата.

Премиерот Заев изрази благодарност за поддршката на НАТО и соопшти дека го поканил Столтенберг да ја посети Македонија.

– Го поздравувам членството на Црна Гора во НАТО и се надеваме дека ние ќе бидеме следната добра вест за проширувањето на членството во НАТО – рече Заев.

Премиерот истакна дека Македонија досега се покажала како голем поддржувач на НАТО, особено преку испраќање свои војници во мисии на Алијансата, но дека и покрај тоа сè уште не го добила заслуженото членство.

– Ако сме членка на НАТО, ќе можеме да дадеме уште поголема поддршка. Постои голема поддршка за НАТО кај граѓаните на Македонија. Но, и покрај тоа што направивме сè што беше неопходно, тоа не беше доволно. Тоа не е фер – рече Заев, додавајќи дека новата влада е посветена на реформите и на законодавството во согласност со препораките од ЕУ.

Прашан дали ако се исполнат реформите, НАТО е подготвена да ѝ понуди членство на Македонија, Столтенберг истакна дека Алијансата сè уште стои на ставот што беше кажан на самитот во Букурешт во 2008 година и на самитот во Варшава во 2016 година, односно дека е потребно заедничко прифатливо решение за спорот за името.

– Потребно е заеднички прифатливо решение во рамки на НАТО. Ние не сугерираме решение, но ако е прифатливо за Грција и за Македонија, ние сме подготвени за придвижување на процесот за членство – рече Столтенберг.

Премиерот Заев истакна дека блокадата на евроатланстките интеграции се покажала како лоша за Македонија и дека како последица на тоа во земјата се создаваат кризи.

– Сиве овие години на блокада на процесот за влез во НАТО, покажаа дека стоењето во место предизвикува кризи. Очекувам поддршка и од Грција за решавање на овој проблем. Сметаме дека и со привремената референца може да влеземе во НАТО или да почнеме преговори за членство. Додека тече ратификацијата во 29 земји членки, што е процес кој трае околу две години, се надеваме дека би можеле да најдеме решение – рече Заев, одговарајќи на прашање дали е подготвен да го смени името или да Македонија да влезе во Алијансата под привремената референца.

На прашање кои други реформи треба да ги спроведе Владата за да може да смета на членство во НАТО и дали влијанието на Русија има некаква улога во можната брза интеграција на регионот, Столтенберг рече дека Владата треба да ги подобри владеење на правото, борбата со корупцијата и да создаде силни демократски институции.

– Го осудуваме странското мешање во внатрешните работи. Најдобар начин да се справите со тоа е преку демократските институции и преку силен отпор кон надворешно мешање – рече Столтенберг, додавајќи дека вратата за НАТО останува отворена за Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...