Столтенберг: НАТО е подготвенa да ја покани Македонија веднаш штом се реши името


       
Брисел, 27 април, 2018 - 16:00 (META) 

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека Алијансата е подготвена да ја покани Македонија за членство веднаш штом ќе се реши прашањето за името. Столтенберг на денешната прес-конференција во Брисел рече дека и покрај тоа што Русија се спротивставува на ширењето на западниот воен сојуз, вратите на НАТО остануваат отворени.

– Јас го посетив Скопје и јасно реков дека НАТО останува посветен на она што беше зацртано на Самитот во 2008 година во Букурешт – ние сме подготвени да ја поканиме земјата да стане членка на НАТО веднаш штом се реши прашањето за името. Таа одлука сè уште стои. Преговорите за името се во тек и се надевам дека тие ќе бидат успешно завршени, а потоа ќе продолжиме понатаму – рече Столтенберг.

Запрашан за можните пречки од Русија во процесот на пристапување на Македонија кон НАТО, Столтенберг рече дека основно право на секој народ е да одлучи на кој безбедносен блок ќе му се приклучи.

– Русија се противи на проширувањето на НАТО со години. Речиси секогаш протестира кога ќе добиеме нови членки, но факт е дека вратата на НАТО е отворена. Дали НАТО ќе добие нов член, зависи од интересот на земјите. Никој нема право да интервенира во тоа или да го спречи тој процес – заклучи Столтенберг.