fbpx

Стартуваше вториот јавен повик за субвенционирање печки на пелети

-

Министерот за економија Крешник Бектеши на прес конференција соопшти дека од денеска стартува вториот јавен повик за надомест на дел од трошоците за купување на печки на пелети, со кои домаќинствата  ќе ги заменат старите печки на јаглен, дрва, нафта или мазут.

Парите, седум милиони денари (речиси 114.000 евра), се обезбедени со ребалансот на државниот буџет.

– Со ова ќе придонесеме за подигање на јавната свест, за заштеди на енергијата која е скап ресурс и за заштита на животната средина, чија загаденост во есенско-зимската сезона во последниве години создава големи потешкотии. Оваа мерка е и во согласност со владиниот План за чист воздух – рече Бектеши.

Право на учество на овој оглас имаат купувачите кои имаат купено печки на пелети во своите домови во периодот од 1 септември до 12 декември 2018 година и кои ќе поднесат барање за искористување на правото на надоместок.  Министерството за економија на оние кои ќе ги исполнат условите од огласот ќе им обезбеди поврат на средства во висина од 50 отсто, но не повеќе од 500 евра во денарска противвредност, сѐ до искористување на предвидените средства.

Услов е купувачите досега да не користеле средства од државниот буџет за купување печки на пелети во својот дом.

Според проекциите на Министерството за економија, доколку сите апликанти што ќе ги исполнат условите добијат максимален износ на субвенцијата, со оваа мерка ќе се субвенционираат околу 220-230 домаќинства.
Во првиот јавен повик субвенции добиле 453 домаќинства.

Бектеши посочи дека средства за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност се предвидени и во новиот буџет за 2019 година, а со новата програма на мерки треба да се стартува во почетокот на идната година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Гранатирани инфраструктурни објекти во Запорожје и Одеса

Руски проектили погодија индустриска инфраструктура во градот Запорожје, информира Регионалната воена управа на Запорожје, пренесува Укринформ. Утрово, руската армија лансираше балистичка ракета од привремено окупираниот Крим и врз инфраструктурен...