ССНМ: Мора да се подобрат правата на новинарите заради доброто на професијата


       
Скопје, 3 мај, 2018 - 10:24 (META) 

По повод Светскиот ден на слободата на медиумите 3 Мај, Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници на Македонија (ССНМ) порача дека е неопходна итна промена на приоритетите и фокусирање на работните и професионални права на новинарите и медиумските работници, како место од кое почнува, но и во кое може да заврши, искривоколчувањето на професијата.

ССНМ посочува на извештаите за слободата на медиумите подготвени од неколку меѓународни организации, во коишто се констатира дека новинарите и медиумските работници во Македонија се слабо платени и работат во несигурни услови.

„Впрочем податоците говорат сами за себе: платите во медиумите се под 300 евра, што е далеку под нивото на просечната плата во Македонија, но и под регионалниот просек. Дополнително повеќе од половината или околу 54 проценти од медиумските работници и новинари не се вработени постојано, односно немаат договори на неопределено време, а ситуацијата е особено драматична во дигиталната сфера каде неминовно се сели доскоро традиционалното печатено новинарство. Условите во кои работат новинарите, но и медиумските работници, директно се рефлектираат на квалитетот на медиумската содржина. Кредибилни медиуми кои инвестираат во идните генерации и кои му служат на јавниот интерес не се флоскула или некаков хир на новинарите, туку суштинска потреба на секоја земја која сака да се нарекува  демократска.  А тие не се можни доколку во нив работат економско уценети и исплашени луѓе“ порачува Самостојниот новинарски синдикат, истовремено нагласувајќи дека е крајно време прашањето за работните и професионални услови на новинарите и медиумските работници да биде во центарот на дебатата за тоа какви медиуми сакаме во Македонија.